Коментари

Борба

Без оглед на природата на конфликтот, дали тој бил интелектуален или емотивен, реторички или воен, вистината е секогаш маргинализирана од најмалку едната страна, а понекогаш и од двете. Таква е ситуацијата и со конфликтот што го имаме со нашиот јужен сосед, кој во целата своја апсурдност доживеа една историска промоција. За тоа, секако, е најзаслужна агресивноста на фанатизираната историографија на јужниот сосед, кој, иако загубен за логиката и науката, се труди со сите сили да ја уништи вистината иако знае некаде длабоко во себе дека вистината е неуништлива, без оглед на софистичките трикови и бројните фалсификати, кои треба да го направат невидливо и непостојното она што постои, и повторно и повторно настанува, без оглед на нивниот бес и неразумност.
Порано нивната најуспешна стратегија беше стравот кој требаше да ги замолчи вистинољубивите. Тој страв тие го создаваа со заканата на големите сили, кои им го чуваа грбот и секогаш застануваа зад нивната страна. Но, денес, кога сите тие механизми на застрашување се претворени во плашила од слама, сето тоа изгледа гротескно и најјаките нивни аргументи се сведени на ригидна бирократска процедура во меѓународните институции, каде што имаат право на вето и на рестрикција на нашата аргументација. А таа наша аргументација е многу едноставна, тоа е самата историска вистина и безбројните научни факти, што сведочат за неа.
Така, карикатурално, но недвојбено, позициите на нашиот јужен сосед во овој спор добиваат конотации на догма, и тоа од најинквизиторски тип. Дијалогот е оневозможен од нивното непоколебливо инсистирање на симплифицираната и крајно неаргументирана стратегија, која ја повторуваат со папагалска упорност. Сево ова личи на одредени ментални болести, толку изолирани од можноста за комуникација и аргументација, што кај нас би предизвикале голема емпатија, па дури и сожалување доколку не би постоеле деструктивните консеквенции на нивното речиси манијакално дејствување, исполнето со крајно нарцистичка агресија. Секако, за нас овие манифестации се несфатливи, но, еве, да се потрудиме, барем за момент да се ставиме во нивната позиција и огледално да ја свртиме оваа ситуација за да ја доживееме и преживееме нивната, наводно, толку осетлива национална гордост.
Да речеме дека ние, Македонците, со помош на руската империја и со западните големи сили сме создале држава, стотина години пред нив. Потоа, благодарејќи им на нашите сојузници, Британците и Французите, сме ја прошириле јужно од Олимп зафаќајќи ги териториите на т.н. стара Грција. Со оглед на таквата геостратегиска ситуација и нашите експанзионистички политики кон југот на Балканот, сме прогласиле Јужна македонска провинција, подоцна – Грција, чии жители според нашата, а и светската академски етаблирана експертиза, според својата етногенеза би биле Македонци, без какво било сомневање. Конечно, да се присетиме на ресурсите од историската фактографија (барем како ја толкуваат Грците), Филип Втори и Александар Трети биле недвојбени обединители на „македонскиот свет“, притоа спроведувајќи жестоки дисциплински мерки во Теба или Атина, мерки, кои од оваа перспектива се подобни на геноцид, но сè во името на една обединета и голема Македонија, која ќе владее со целиот цивилизиран свет од тоа време. Така Македонците од стариот свет се собрале во едно царство, царство над царствата и го расеале македонизмот по цела Евроазија, ја создале највозвишената култура и писменост, ја направиле Александриската библиотека и маса други цивилизациски подвизи. Потоа се раскарале помеѓу себе, па империјата пропаднала, а со нејзините остатоци на драконски начин се справил моќниот Рим, една нова силна империја, која се воспоставила како доминантна во времињата што надоаѓале. Рим поставил нови правила на игра. Притоа се појавиле многу автентични народи на Балканот, кои не ја прифаќале македонската хегемонија, а еден таков народ кој живеел на југот на овој драматичен полуостров се нарекол „Грци“ и по секоја цена се залагал да биде поинаков од Македонците. Но, Македонците не признавале таков народ велејќи дека Грци нема, дека Хелада е само географски термин, регион во кој живеат чисти Македонци од искона, а дека тие други народи, кои во меѓувреме се доселиле на јужниот Балкан, во македонската Хелада, всушност, се семитски народи, Арапи од северна Африка или од Блискиот Исток.
Потоа, имаме владеење на други империи на овој дел од светот, Рим, Византија, Османлиската Империја, а потоа се создаваат балканските национални држави во 19 век.
Во 20 век, пак, по Втората светска војна во составот на една хипотетичка „Североарабија“ (аналогно на Југославија) би се конституирала и Грчката република. Потоа, во 1991 година со распадот на „Североарабија“ би се создала и Република Грција – независна, но оваа државичка би била константно оспорувана од Република Македонија, под изговор – „нема Грци, има само Македонци, Грција е само географски поим, а оние кои не се чувствуваат како Македонци, се Арапи, доселени од северна Африка и Блискиот Исток“. Бизарно, зар не? И срамно, воедно. Во ваква констелација јас би бил првиот што со индигнација би ја отфрлил позицијата на сопствената држава. Да не му се даде да биде тоа што сака, на тој што е ист како нас во космичка смисла.

Newsletter
Sign up for our Newsletter
No spam, notifications only about new products, updates and freebies.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *