Македонија

Борба за пазарен ден во 19ти век

Во Овче Поле, покрај Свети Николе постоело уште едно поголемо пазариште за крупна стока и за житни производи, кое што се наоѓало во селото Немањици. За разлика од пазарот во Свети Николе, каде што најчесто доаѓале трговци од Велес и Штип, на пазарот во Немањици најмногу доаѓале Грци и Власи. Со оглед на тоа што овие две места се наоѓале на поголема оддалеченост едно од друго, и двете го истакнувале своето право и барале да бидат прогласени за центар на овчеполскиот пазар. Со тоа започнала и економската борба за главен економски и административен центар на Овче Поле. Најгласен во залагањата за селото Немањици бил богатиот свештеник поп Крсто. Меѓутоа, Свети Николе поради својата местоположба веќе било главен административен центар, со седиштето на Овчеполскиот мудир Махмуд ага, кој бил заинтересиран Свети Николе да стане и економски центар, противејќи се на барањето на поп Крсто. Во 1845 година богатиот свештеник бил убиен. Тогаш трговците засилено побарале  нивното место да се прогласи за градска населба и да се утврди постојан пазарен ден во неделата. Четворица повидни граѓани – поп Андо Каравски, староседелец, Димко Мучика, Грк, Смиле Јанковски и Махмуд ага, не отишле кај скопскиот мутесариф, туку кај главното воено заповедништво во Битола, од каде при крајот на 1845 се вратиле со одобрение.
Од тогаш Свети Николе и официјално било признато за центар на Овче Поле и започнало неговото економско издигнување. Заживеала трговијата со жито и стока. Сега и штипските трговци купувале поголеми количества овчеполско жито, бидејќи јуручкото жито и брашно кое во Штип се носело од Јуруклук, било со лош квалитет. Познатите овчеполски овци биле купувани за приплод и извезувани и до Јањина, додека млечните производи кои биле носени во мешини биле со многу добар квалитет и во толку големи количества што целото пазариште мирисало на сирење и масло.
– Според Манојло Р. Чучковиќ, Гласник Скопског Научног Друштва 15-16, Скопље, 1936
превод – Никола Ристевски
CIMG4792

Newsletter
Sign up for our Newsletter
No spam, notifications only about new products, updates and freebies.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *