изборПревземено

Богомилско движење и неговите импликации

.

БОГОМИЛСКО ДВИЖЕЊЕ И НЕГОВИТЕ ИМПЛИКАЦИИ

Меланија Шерденковска

Крајот на IX и почетокот на X век е означен со крупни промени во општествената структура на Македонските Словенски племиња. Во тоа време, територијата на македонските племиња влегува во состав на моќната феудална држава на Бугарскиот цар Симеон (823-927). По завладувањето, за да ја задржи власта, како и заради можноста за побрза и поефикасна експлоатација, и на овој простор е проширена воено-административната поделба, каква што веќе постоела во Бугарското царство. Тоа значело и забрзано распаѓање на родовските општини. Во овој процес била вклучена и црквата, која добивала поседи како подарок од владетелите. Така црквата почнала да станува една од најјаките феудални институции. Како крупен големопоседник, таа застанала на страна на монархијата, во одбрана на вака поставениот општествен поредок.
Околностите во кои се нашле Македонските Словени, посебно се влошиле во средината на X век, за време на владеењето на царот Петар (927-969), кога нагло биле зголемени даноците за големиот воено-административен апарат, кога ги завршил своите освојувачки походи.[1] Во едни такви критични историски услови, се појавува силно народно движење, за верско и политичко ослободување – Богомилството. Во основа тоа претставува религиозно учење кое за своја база ги има дуалистичките еретички учења.
1. Карактеристики и симболика на Богомилството
Религиозната основа на која настанало Богомилството е Христијанството, во неговиот изворен облик. Богомилите за себе велеле дека се „крстјани“ и за Христос имале извонредна почит. Тргнувајќи од ставовите од почетоците на Христијанството, тие сметале дека за поединецот да му се обрати на бога, не му се потребни посредници – луѓе од црковната институција, кои веќе биле длабоко огрешени во лакомоста и неморалот, ниту пак е неопходен црковен објект. Тие, во почетокот, своите проповеди и нивните духовни покрстувања, ги изведувале најчесто на отворен простор во близина на селото, односно градот.
Во почетокот на X век веќе се појавуваат и првите пишани документи кои зборуваат за почетокот на Богомилството. Тоа е една листа анатеми од провинцискиот синодик на православието, донесена помеѓу 912 и 925 година, за време на патријархот Никола. Во речиси исто време се појавува полемиката на Јован Егзарх, со дуалистичките еретици. Овие документи ги поткрепува и житието на Св. Климент, во кое се зборува за „лошата ерес“ во охридската област, по Климентовата смрт.[2]
_____________________________________
1. Стојановски А. Д-р, Катарџиев И. Д-р, Зографски Д. Д-р, Апостолски М. Д-р, ИСТО, стр.24
2. Драгојловиќ Д., ПОЧЕЦИ БОГОМИЛСТВА НА БАЛКАНУ, стр.20
 
И покрај ваквата основа на нивното учење, тие го отфрлиле Христијанскиот монотеизам, а го прифатиле теолошкиот дуализам. Според нив целиот видлив и материјален свет е создаден од двата бога, богот на светлината и на темнината, на доброто и на злото, кои паралелно постојат во светот и во секого од нас. Со светот владее постојаниот двоен принцип на создавањето и на уривањето. На тој начин тие ја објаснувале и социјалната неправда, постоењето на богатите феудалци и црквата и сиромашното закрепостено селанство. „… Да му се рече на светот од ‘светиот феудален строј’ дека ‘не е создаден од бога’, туку од ‘Ѓаволот’, дека во него нема ‘света вистина’, туку ‘вечна борба’… во која ‘слепи фарисеи’ ја задушуваат вистината на ‘словото божје’, дека човекот не треба да верува, туку треба да мисли… дека има смисла човекот да живее, да има висок и совршен идеал – борба со сето што е од ‘сотоната и од сотонско потекло’, но не само во самите нас, туку во прв ред во општеството, во општественото устројство, во општествениот живот… дека светот на господарите и болјарите е светот на ‘сотоната’ и треба да пропадне и дека само светот на слободата и еднаквоста на ‘децата божји’ е свет што треба да се извојува. Во темната средновековна ноќ, во времето на ‘светата тишина’, во часот кога и нашите православци на изгубеното и уништено човечко суштество му го закопаа длабоко и разумот и свеста… – во тој час и низ таа ноќ, мистично мрачниот дуалистички збор екна и најмногу возможно човечки, навистина епохално историски.“[3]
Отпрвин како верско-опозициона секта, Богомилството ги мобилизирало народните маси во борба против сè појакото феудално поробување. Тивкиот и прикриен револт, се претворил во отворен и бурен протест, па движењето се претворило во вистинско социјално реформаторско движење со отворени стремежи за промена на општествениот поредок, при што најизразено било нивното барање за „укинување на сите општествени установи што ги водел феудализмот.“[4]
Најважното еретичко жариште на Богомилството, воедно и првата црковна општина, била во Македонија, во областите кои ги населувале племето Драговити. Од тука Богомилството било пренесено во целото Повардарие, потоа на целата територија на Македонија, а од тука било проширено во Бугарија, Србија, Босна, а поминало и во Италија, Франција и некои други земји. Многу длабоки траги остава дуализмот во градовите на Северна Италија и Јужна Франција, каде што станал идеал на граѓанството. Во Италија дуалистите се познати како Патарени, а во Франција – Катари, со тоа што и едните и
_____________________________________
3. Рацин К., ПРОЗА И ПУБЛИЦИСТИКА, БОГОМИЛИТЕ, стр. 146
4. Рацин К., Исто, стр. 146
 
другите ја сметале Драговитската Богомилска општина за своја матица.[5]
За нивното влијание на развојот на дуалистичките движења, како и за нејзините врски со новооформената еретичка црква во Италија и Франција, но и за организацијата и функционирањето на Богомилската црква на Балканот, едно од најзначајните сведоштва представуваат актите на Катарскиот собор одржан во 1167 година во Сан Феликс во Караман, близу Тулуз, во Франција. На овој собор председавал папата Никита од Цариград, приврзаник на еретичката црква од Драговитија, а од одлуките на овој собор се познати „седумте цркви на Азија“, меѓу кои се споменуваат “ecclesia Romanae, Dragumetae, Meliguae, Bulgariae I Dalmatiae”.[6]
Врз основа на достапната литература, според Драгојловиќ, може да се докаже вистински континуитет во развојот на Богомилската ерес, од почетните рудиментарни форми до потполно автентична и теолошки заокружена целина, меѓутоа и вистинска хронолошка врска помеѓу временски одвоените вести, од почетокот на X, па сè до средината на XV век, само во Македонија, во областите каде што живееле Македонските Драговити. Во останатите делови на Балканот и Мала Азија, се појавувало повремено, прекинувано повеќепати со подолги периоди на затишје.[7]
Она што за нашето понатамошно истражување е многу интерсно, е симболиката која ја употребувале Богомилите, како и остатоците во материјалната култура, обичаите и верувањата, кои можеме да ги сретнеме и денеска.
Своето непочитување на храмовите како „Домови Божји“, го темелеле на Матеевото Евангелие (6.6), во кое како место за молитва (според македонскиот превод), се препорачува „скришна соба“ во нивните домови.[8] Сведоштвото за постоење на молитвени простории наоѓаме во легендите за поп Богомил, според кои неговото родно место е селото Богомила, во чија близина се наоѓа и неговиот гроб, каде бил изграден параклис, кој на Богомилите им служел како молитвен дом.[9]
За симболиката која ја користеле Богомилите имаме повеќе сведоштва. Првото известување го наоѓаме кај Александар Матковски[10], кој ги наведува заклучоците до кои дошол Александар Соловјев[11], дека на Богомилските надгробни споменици многу чест симбол е младата месечина, чии краци се поставени нагоре, а помеѓу нив е поставена ѕвезда. Оваа симболика нема ништо заедничко со Турскиот симбол. Соловјев ја објаснува иконографијата на Богомилите, односно длабокото симболичко значење што го изразуваат сонцето и месечината, кои биле сметани за небески кораби, т.е. „за живеалишта на душата на праведните пред заминувањето во рајот“.[12]

 

Знакот на богомилите, месечина со ѕвезда со краци завртени нагоре

 

Знакот на богомилите аплициран на порта на куќа во с. Кракорница[13]

Д-р Милош Константинов, во својот фељтон во весникот Нова Македонија[14], користејќи ги податоците до кои дошол авторот Антон
_____________________________________
5. Драгојловиќ Д., ПОЧЕЦИ БОГОМИЛСТВА НА БАЛКАНУ, стр.20, Рацин К., ПРОЗА И ПУБЛИЦИСТИКА, БОГОМИЛИТЕ, стр. 146
6. Драгојловиќ Д., Антиќ В., БОГОМИЛСТВОТО ВО СРЕДНОВЕКОВНАТА ИЗВОРНА ГРАЃА, стр.25
7. Драгојловиќ Д., ПОЧЕЦИ БОГОМИЛСТВА НА БАЛКАНУ, стр.28
8. Драгојловиќ Д.,БОГОМИЛСТВО НА БАЛКАНУ И У МАЛОЈ АЗИЈИ, стр.132,174, СВЕТО ПИСМО, Свето Евангелие според Марко, 6.6.
9. Ангелов Д., БОГОМИЛСТВО, стр.107, Панов Б. СРЕДНОВЕКОВНА МАКЕДОНИЈА, книга 3, стр.250
10. Матковски А., ГРБОВИТЕ НА МАКЕДОНИЈА, стр. 62
11. Соловјев А., Постанак илирске хералдике и породице Охмучевиќ, стр. 101
12. Драгојловиќ Д.,БОГОМИЛСТВО НА БАЛКАНУ И У МАЛОЈ АЗИЈИ, том 2, стр.315
13. според Славко Брезовски, Реканска куќа, БИГОСС, Скопје, 1993
14. Константинов д-р М., ЕТНОЛОШКОТО ВО БОГОМИЛСКОТО ДВИЖЕЊЕ
 
Глогов, во својата книга „Богомилското учење и историјата на Богомилството“, вели дека симболот кој го почитувале Богомилите се две вкрстени елипси, под агол од деведесет степени. Вертикалната елипса ја симболизира силата на создавањето, додека хоризонталната – силата на разурнувањето. Овој симбол немале право на себе да го носат ниту првосвештениците, како што немале право да носат други симболи или украси. Единствено нешто по кое се разликувале од останатите свештеници е тоа што носеле црвено расо, наместо црно, и имале жезол, со украс во вид на сонце на неговиот врв. Без жезолот не се движеле никаде и во никое време.

Многу различна е облеката што ја носат оние лица кои се наоѓале на чело на сечовечката екуменска заедница. Таа е доста сликовито, но непрецизно опишана. Во секој случај ја одразува симболиката која ја користеле Богомилите. Таа личност во секое време, преку својата облека, требала „да го одразува блесокот на сонцето, нежната светлина на месечината, трепкавите ѕвезди и синилото на небесните височини, како и прекрасните зеленила на земјата“.
На обичните Богомили им било забрането да носат какви било украси и накит. Меѓутоа, постоело одликување, кое што се доделувало на поединци за вонредни заслуги, во вид на ланче на кое било прикачено парче бигор. Ова одликување тие можеле да го носат само во текот на петте „мртви дни“, кои, според Богомилскиот календар, поделен на триесетишестдневни месеци, остануваат на крајот на годината. Овие пет дена, како и останатите шеесет неработни дена од шестдневната недела, Богомилите им ги посветувале на силата на создавањето.
Драгољуб Драгојловиќ[15], изнесува податок според Евтимије Периблепта, дека „овие безбожници, фундијати или богомили, не ги почитуваат иконите, но дека куќите во кои ги одржуваат молитвените обреди, однадвор и одвнатре ги зографисуваат и украсуваат“.
Во поглед на симболиката со која што ги илуминирале своите ракописни евангелија, дадени се податоците од Козма Презвитер. Полемизирајќи со учењето на Богомилите, тој пишува дека тајната на евхаристијата ја создал самиот Господ и дека таа преставува „суштествено тело“ Христово, а не неговиот образ, кој еретиците симболички го преставувале во Матеевото евангелие со ликот на херувим, во Марковото со ликот на теле, во Лукиновото со ликот на лав, а во Јовановото со ликот на орел.

2. Импликациите на Богомилството

2.1. Развој на фрескоживописот во Македонија

Богомилското движење, со својата длабоко-народна, верска, и политичка програма станало многу масовно, меѓутоа не било во состојба да го оствари својот политички идеал – прахристијанското општество на еднаквост. Во тогашните недоволно развиени општествени услови, тие можеле да
_____________________________________
15. Драгојловиќ Д., БОГОМИЛСТВО НА БАЛКАНУ И У МАЛОЈ АЗИЈИ, том 2, стр.88
 
ја развијат само својата културна дејност, која оставила траен печат на севкупното понатамошно творештво. За влијанието на Богомилството врз народниот бит, Рацин[16] го напишал следното: „Нашата народна култура, нашиот богат народен фолклор, неисцрпната ризница на нашиот народ низ многувековното искушение – повеќе се дело на Богомилството, одошто од влијанието на православјето… Има ли во нашето народно минато повозвишена појава, повозвишен идеал и посветла цел, но што е Богомилската? Колку луѓе и денеска се напојуваат од него, мислејќи дека се опираат врз најдобрите народни традиции, иако можеби и не знаат колку е тоа длабоко народно, истовремено и суштински Богомилско“.
Неоспорна оставнина на Богомилството е борбата за духовно ослободување од црковните авторитети и од идејата за непроменливоста на општествените односи. Поттикнувањето на идејата за личниот однос кон Господ, исклучувањето на посредниците – свештеници и попови, претставува стремеж кон јакнењето на индивидуалноста на личноста, на нејзината снага да создава и да живее без стегите на духовната зависност од Црквата. Тоа во суштина е и ортодоксниот прахристијански идеал, за кој дознаваме преку евангелијата, а посебно преку гностичките евангелија на останатите осум апостоли чии записи не се вклучени во Новиот Завет и евангелието по Марија Магдалена. Јакнењето на индивидуалноста и организирањето отпор против експлоатацијата, црковна или феудална, претставува чин, преку кој индивидуата станува свесна за својата можна активна улога во светот.
Во исто време со разнишувањето на стегите, со чија помош во средновековието поредокот опстојувал, се развиваат креативните и интелектуални потенцијали на поединецот. Длабоко-човековите потреби за слободно живеење и работа, го наоѓаат својот потстрек во Богомилството. Стигнувајќи до најшироките народни маси, борејќи се за нивното достоинство, Богомилството претставува основа за понатамошни духовни, културни и политички револуции, не само на нашиот простор, туку и многу пошироко во Европа, преку дејноста на Катарите и Патарените. Различниот поглед на светот, спротивставен на доктрината на официјалната црква, овозможува основа за развој на мислата и стремежите на луѓето отелотворени преку можеби најголемата културна револуција на постхристијанското време – Хуманизмот и Ренесансата.
Добро познати ни се расправите за појавите и причините кои се основа за развојот на хуманизмот и ренесансата, меѓу кои основната е во широкото граѓанство отворено прифатениот дуализам на катарите и патарените, а со самото тоа се поставува Богомилската мисла како основната иницијација на развојот на слободната граѓанска мисла, односно како нејзин вистински дострел – неслутениот развој на науката и уметноста.
Токму затоа, воопшто не изненадува податокот дека единствените слики кои што претставуваат претходница на Ренесансните слики, според општо прифатените византолошки и средновековни
_____________________________________
16. Рацин К., ПРОЗА И ПУБЛИЦИСТИКА, ДРАГОВИТСКИТЕ БОГОМИЛИ, стр. 110-111
расправи, се настанати токму во Македонија, во колевката на Богомилската „еретичка“ мисла – фреските Оплакувањето на Христ – познатата Пиета во црквата во Нерези од XII век – 1164 год., како најизразити претставник на новиот дух во живописот во Македонија и останатите фрески од таа црква, како фреските од црквата во Курбиново, исто така од XII век – 1191 год.
За овие дела на нашите непознати зографи Димитар Ќорнаков напишал: „Тоа што можела и не го сторила Византија, го создале нашите зографи, во нашите македонски средновековни цркви и манастири. И додека во византиската средновековна уметност има претстави со смирени изрази на ликовите, без нагласени гестикулации и чувства, нашиот зограф ги надминал тие рамки и на своевиден начин ја искажал човековата драма со бол и тага, на начин кој не му бил својствен на неговите претходници…“.
Анонимниот, но затоа, по своите квалитети, голем зограф се определил за она што е суштинско. Имено, поворката која го пренесува Христовото тело, зографот ја „сопрел“ во моментот кога Богородица паѓа на колена, оставајќи ги неприродно разделените нозе; тоа е она коешто во Византија никаде не се јавува; и така во скутот го држи мртвото тело Христово, прегрнато и му го целива лицето… Пред Нерези, ниту еден сликар не успеал да створи толку големо дело.[17]
Анета Светиева, бележејќи ја дејноста на нерешките мајстори и јачината на нивното дело, вели: „Маските од Света Софија овде се тргнати; покажан е набојот – немирот на живите луѓе. Светософиското надреално, го губи предзнакот: станува реално. И светителските лица се разновидни, лични, особени. И Христовото тело е поинакво, дури влакнесто. Ако драматичноста и реализмот се носачи на предренесансата, тогаш нерешкиот мајстор им претходи цел век…“.
Византологот Габриел Мие, уште во далечната 1916 година, осознавајќи ја посебноста на сликарството во Македонија, нарекувајќи ја сликописна ризница од општо Византиско значење, го воведе поимот „македонска школа“. Нејзината поставеност iuxta глобалните богословски одредници диктирани од престолнината, новите научни сознанија ја прават уште појасно согледлива.[18]
Дури во последната деценија на 20-тото столетие, многу скромно и срамежливо, се појавува претставата за значењето на Македонските фрески во општиот развој на дводимензионалната ликовната уметност во светски рамки. Веројатно ќе ја најдеме снагата, но и валидните аргументи за да ја окарактеризираме со местото што навистина го заслужува – не претходница, но вистинскиот почеток на Ренесансата.
Таа тоа и го заслужува со снагата на елементите и со уметничкиот израз којшто го носи во себе. Тоа е и реалната консеквенца на револуционерната Богомилска мисла, која со бројноста на
_____________________________________
17. Ќорнаков Д., ОД ПРВИОТ ГРЕВ ДО СТРАШНИОТ СУД, Матица Македонска, Скопје, 1999, 47-49
18. Светиева А., МАКЕДОНИЈА, КУЛТУРНО НАСЛЕДСТВО, СРЕДЕН ВЕК, Мисла, Скопје, 1995, 115-121
своите следбеници на нашите простори, но особено со јачината на својот однос кон општествните прилики, како и кон поединецот и неговата внатрешна снага, широко ги отвора вратите за да може да се размавне креативноста на поединецот, ослободена од душевните стеги, но и од општо прифатените тогашни византиски канони.

2.2. Развој на уметничките занаети кај Мијаците

Кога се зборува за уметничките занимања во овој крај, се наметнува констатацијата дека се работи за една исклучителна појава, којашто е длабоко вкоренета во нивното битие. Затоа може и да се зборува за карактеристиките – особина, вештина, кои со векови наназад се пренесувани на генерациите кои доаѓаат, најчесто во рамките на фамилијата. Разгледувајќи ги нивните остварувања, посебно во периодот на XVIII и XIX век, неминовно се наметнува констатацијата на неговата посебност, односно исклучивост, во однос на остварувањата на тајфите од останатите краишта.
Мијачките градители се основоположници на градителството и традиционалната куќа на јужниот дел на Балканскиот Полустров и источниот дел на Мала Азија. Потеклото на градбата е од искуства кои се создавале на овие простори (материјал, конструкција, начин на градба), организацијата се потпира на индивидуалните потреби на корисникот и воопшто на менталитетот на луѓето од овие простори и не е оптоварена со туѓи искуства, а обликувањето е изворно и има сопствен идентитет. Градителството, како и останатите уметнички занаети, резбарството и зографството, се појавуваат и се развиваат врз база на сопствени, длабоки, внатрешни потреби и развој на индивидуалната, слободна креативна снага на поединецот, неоптеретени со законите на уметничкото и градителско творење на даденото време. Истражувајќи ги дострелите на оваа архитектура, во компарација со останатата традиционална архитектурата на наведениот простор, иманентни и` се карактеристики кои ја издвојуваат, посебно заради нејзините можности да се прилагодува и да се трансформира, а во суштина да не го изгуби својот сопствен идентитет. Овие карактеристики говорат за посебната улога што ја имаат Мијачките градители Преку својата градителска дејност; тие, во суштина, поставуваат еден специфичен објект, прилагоден на климатските и географските услови, како и на традициите на местото и потребите на луѓето. Иако е постојано користена истата градителска постапка, во оформувањето на конструкцијата и на објектите воопшто, во Мијачкиот крај обработката на материјалите е доведена до совршенство, па е создаден еден сосема карактеристичен објект. Посебно треба да се одбележи креативниот набој на градителите, коишто секој елемент поединечно го доведуваат до совршенство, исто како и целината на објектот.
Мијачките градители, преку печалбарството и преселбите, ги пренесуваат своите градителски искуства на целата територија на Јужен Балкан и Мала Азија. Во сите краишта каде што тие дејствуваат, иницираат развој на градителството и уметничките занаети кај локалното население, па тие стануваат центри на развојот на градителството и уметноста воопшто.[19]
Трагајќи по корените на длабокиот и исконски однос на Мијачкото племе кон уметничките дејности – резбарството, градителството и иконописот, неопходни се навраќањата на главните историски случувања и миграции на ова племе. Словенската религиска основа којашто во вид на архетипска матрица длабоко е врежана во свеста на единката и постојано е проткаена во помала и поголема мерка во творештвото на сите племиња.
Меѓутоа, она што најдлабоко и најсуштински го одредува битот и дејноста на ова племе несомнено е Богомилството. Иако се работи за една временска дистанца од неколку векови, сепак се работи за длабочината на прифаќањето на Богомилската мисла и нејзиното суштинско вкоренување во основната бит на племето. Должината на периодот во којшто племето живеело и егзистирало според неговите основни поставки, како и длабочината на прифаќањето на неговата мисла ќе ја претстави натамошната расправа.
Појавата на Богомилството е поврзана со племето на Драговитите, од каде што потекнуваат Мијаците. Бититето на ова племе, неговиот стремеж за слобода и интегритет, се основните карактеристики коишто го даваат не само почетниот иницијал за развојот на Богомилството, но и суштински се поврзуваат со неговата дејност и постулати. Многу скоро по првите искричави појави, движењето во ова племе е масовно прифатено. Сите автори коишто ја обработуваат темата на Богомилството истакнуваат дека тука настанува првата организирана црковна општина, а особено дека Драговитската црква е најјаката црковна општина на Богомилите, со особено изразено влијание што таа го има на останатите Богомилски општини на Јужните делови на Балканот (а, како што видовме, и во ширењето и организацијата на ова движење во Италија и Јужна Франција). Несомнено е дека сето ова остава длабока и неизбришлива трага во животот и верувањата на ова племе. Следејќи го силно изразеното чувство на индивидуалност, посебност и самобитност и постојаното стремење кон вистинските вредности, карактеристики коишто јасно го одвојуваат од останатите околни племиња, а посебно склоноста кон уметничката дејност, посебно мајсторското градителство, недвојбено доаѓаме до фактот дека само еден доволно јак философско-религиски систем, длабоко втемелен во битисувањето на ова племе може да има толкава движечка моќ.
Основните постулати на Богомилското движење – неговото суштинско навраќање кон основните идеали на Христовото учење, еднаквоста на секој поединец, не само во однос на религијата, туку и во секојдневното живеење, неприфаќањето на догмите на црквата, а посебно неприфаќањето на хиерархијата властелин –
_____________________________________
19. Балабанов К.,Комплексните проучувања на планината Бистра, Споменици на културата и уметноста на станати од периодот од X до XIX век во поширокиот регион на планината Бистра, стр. 80
закрепостен, не само што го даваат основниот иницијал, туку се и најјакиот двигател во постојаното трагање и јакнење на сопствената самобитност на ова племе. Со цврстата организација на Богомилската црква во рамките на ова племе и со нејзиното континуирано делување, посебно ја зајакнува длабоката индивидуалност, слободниот дух и постојаното стремење кон вистинските вредности, т.е. она што особено го карактеризира уметничкото творештво. Константниот отпор против догмите на црквата, а особено против закрепостувањето, особено ги зацврстуваат овие карактеристики на племето коешто со векови нанапред го задржува племенското уредување.
Единственото јако и широко прифатено револуционерно движење од тој период, со неговата не само религиозна, туку и длабоко социјална програма го оформува битот и делувањето на племето, но и на секој поединец.
Во историјата и во традицијата, како и во многу елементи на творештвото на ова племе, можеме да го најдеме континуираното влијание и суштинско поврзување со основите на Богомилското движење. Нивната миграција, односно изборот на просторот за организацијата на селата во најнепристапните краишта на Западна Македонија, сигурно не е случаен. Поставеноста на централните села така да се видливи само во моментите кога непосредно се пристапува до нив, односно природната заклонетост, како и пристапноста исклучиво по тесни коњски патеки, во средновековното феудално општество овозможува ова племе да го задржи племенското уредување и слободно да ја развива својата дејност.
Она што како прво и основно го детерминира односот кон религијата е времето на изградбата на црквите во овој крај. Според истражувањата на д-р Коста Балабанов во монографијата Комплексните проучувања на планината Бистра, односно Спомениците на културата и уметноста на станати од периодот од X до XIX век во поширокиот регион на планината Бистра, најстариот црковен објект е во селото Лазарополе: црквата Св. Ѓорѓи, чиешто зоографисување е завршено во 1751 год.[19] Во сите останати села црквите се изградени во средината на XIX век. Во селото Галичник, црквата Св. Петка потекнува од крајот на XIX век, а централната Св. Петар и Павле е изградена во 1931 год.[20] црквата Вознесение на Св. Илија во селото Селце е завршена во 1867 год.[21] а Св. Петар и Павле во селото Тресонче е изградена во 1844 год.[22] Во истото село црквата Св. Никола е зографисана во 1873 год.[23], а Св. Богородица во селото Гари, во 1856 год.[24] Во селото Осој црквата Св. Ѓорѓи е зографисана во 1887 год.[25]
Овие податоци сосема недвосмислено упатуваат на фактот дека Мијаците го негувале Христијанството, но во една сосема поинаква форма – преку Богомилството, односно во
_____________________________________
20. Балабанов К., Исто, стр. 79
21. Балабанов К. Исто, стр.79
22. Балабанов К. Исто, стр.71
23. Балабанов К. Исто, стр.74
24. Балабанов К. Исто, стр.72
25. Балабанов К. Исто, стр.72
себе имале изградено свој личен однос кон религијата и Господ и воопшто не им биле потребни посредниците од институцијата – Црква. Затоа и црквите се изградени толку доцна, и тоа во периодот на континуиран притисок на Турската империја за муслиманизирање на покорените народи, односно во моментите кога јачината на Богомилската мисла почнала да попушта, а со цел и црквата да го намали притисокот за муслиманизирање.
Постоењето на манастирот Св. Јован Бигорски, континуирано од XI век па до денес, воопшто не претставува негација на јачината на Богомилската мисла во Мијачкото племе. Неговиот настанок, барем онолку колку што нè известуваат досега пронајдените пишани документи, не е поврзан со историјата на ова племе; во времето на Турската окупација, црквата имала силно позитивна улога во развивањето на националната свест, а воедно и во отпорот кон муслиманизирањето, така што истиот станува центар на религиозната и национална самосвест на ова племе.
Фактот, што напротив, нè води до сликата за јачината на Богомилството во ова племе, е постоењето на еден специфичен простор во речиси секоја куќа – параклис. Тоа е мал, издвоен простор, што служи за лична молитва. Издвоен од погледите на другите луѓе, осамен, човекот сам го поставува и го развива својот однос кон Господ. Првиот параклис е изграден на гробот на поп Богомил, и, по негов углед и сеќавање на нивниот прв водач, понатаму е сместуван во домовите. Освен тоа, она што Богомилите го прифатиле според Матеевото евангелие, е препорачаната „скришна“ соба за молитва во нивните куќи, бидејќи не ги почитувале Храмовите Божји како место за молитва, ниту сметале дека им се потребни посредници за духовното обраќање кон Господ. Многу долго, параклисот бил просторија без никакви знаци и обележја, а особено икони, коишто Богомилите не ги почитувале, за во последниот век, со прифаќањето на православјето, во нив да почне поставувањето на икони.
Она што е посебно интересно и вреди да се истакне е дека освен во куќите на Мијаците, параклисот ретко се сретнува во Македонската традиционална куќа, освен во некои делови на Западна Македонија, каде што и делувањето на Богомилството најдолго опстојало низ виорите на средновековниот период и Турското владеење. Тоа е уште еден податок којшто ни укажува на јакото влијание што го имало Богомилството во развојот, дејноста, духот и културата на ова племе.
Исто така, интересно за анализа е Мијачкото знаме. За досегашното толкување на неговата симболика веќе стана збор. Фактот што најјако ја негира поставената теза на толкувачите, за употребени симболи на поробувачите на овој крај, на аглите на знамето, е поставеноста на месечината со краците нагоре. Овој симбол е чисто Богомилски и нашол свое место на знамето на Мијаците, со што тие ја покажуваат и нагласуваат својата припадност. Многу подоцна, Турците го превземаат знакот, го модифицираат и го поставуваат на своето знаме, како знак на нивната национална припадност.[26]
Мијачко знаме
Сите овие елементи речито говорат и ја потврдуваат поставената теза за јачината на Богомилската мисла, која со векови го продуховувала живеењето и делувањето на ова племе. Својата одреденост кон Богомилството, не само што ја преточувале во своето творештво, туку често и ја нагласувале, како на пример, на знамето. Чувствувајќи ги сите позитивни влијанија што ги носи негувањето на оваа религија (а можеби многу повеќе социјално движење), Мијаците нашле свој особен начин да ги материјализираат малкуте почитувани симболи.
Посебната склоност на Мијаците кон уметнички занаети – зографството, резбарството и градителството – се должи на долговековното прифаќање на движењето на Богомилите, што доведува до раскинување на стегите што ги наметнува институцијата Црква, а со самото тоа и ослободување на личноста и нејзините највисоки креативни и интелектуални потенцијали. Затоа и најјакото, суштинско влијание на развојот на креативните и високо интелектуалните способности на Мијаците, го наоѓаме во движењето коешто, ослободувајќи ја единката, остава можност за развој на нејзиниот длабок внатрешен потенцијал. Потврдата на оваа теза ја наоѓаме во многу елементи од материјалните споменици. Длабоко вкоренето во нивната бит, ова движење, оваа религија, остава траги во секој елемент од нивното творештво, и покрај временската дистанца од настанокот и неговото активно делување. Во суштина, материјалните докази покажуваат дека во ова племе се задржало многу подолго отколку каде било на друго место и веќе станало дел од нивниот начин на размислување и живеење, односно во голема мерка ја одредило нивната бит.
_____________________________________
26. Матковски А., ГРБОВИТЕ НА МАКЕДОНИЈА, стр. 62
 извор: Блесок бр 15

Newsletter
Sign up for our Newsletter
No spam, notifications only about new products, updates and freebies.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *