изборПревземено

Богомилизам – "Македонска Ренесанса"

Драган Ташковски ќе нагласи: “Две џиновски фигури стојат на прагот на средновековната македонска историја: Климент Охридски и поп Богомил. Првиот – просветител и книжевник, кој со своето дело претставува гордост не само за Македонија, туку и за целото словенство, и вториот – идеолог и револуционер, чие еретичко учење стана знаме на угнетените во цела Европа во средниот век.
Презвитер Козма во “Беседата против богомилите”, меѓу другото, ќе запише: “Така се случи и во бугарската земја, во време на правоверниот цар Петар. Тогаш се појави поп по име Богомил, но поправо е да се рече Богунемил. Тој почна како прв да ја шири ереста во бугарската земја… Откако почнав да ги разобличувам нивните зборови и постапки, мене ми се чини дека и воздухот се опоганува од нивните дела и проповеди…”
По својата форма, богомилството е верски ерес, по својата суштина, пак, тоа е социјално движење, обусловено од економските и политичките прилики во земјата во која настанало. А недвојбено е дека богомилството настанало во Македонија. Поголем дел од Македонија тогаш беше под бугарска власт. Целта на новите покорувачи на македонската земја беше јасна: по пат на вклучување на македонските области во рамките на воено-административните области на Бугарија, што побрзо и што побезболно, да се разбие родовско-племенското уредување на македонските кнежевства. И тоа на бугарските властодршци им успеа: племенската самоуправа на Македонските Словени слабееше, а на нејзино место почнаа да се јавуваат новите феудални односи. Тоа значи дека наместо самоуправните традиции на Македонските Словени, сè поголем простор заземаше феудалната експлоатација. Војните стануваа почести, даноците поголеми, грабежите и насилствата веќе беа појави од кои се немаше каде, природните несреќи доаѓаа како дополнителна казна за народот. Селото беше сè посиромашно: селаните ги изгубија имотите и средствата за производство. Многу од нив попаднаа во ропство. Огромното мнозинство од нив, пак, станаа робови на земјата што ја обработуваа, благодарејќи на економскиот зафат на цар Симеон, кој, наместо племенската сопственост на земјата, почна да создава феудална сопственост, при што прикрепениот селанец исцело стана зависен од феудалецот. “За да ги задоволи своите војници и старешини, Симеон мораше да ги пљачкосува победените. А бидејќи победените и покорените беа Македонските Словени, тој удри врз нивните имоти”. Роман Лакапен преку писмо го информира царот Симеон дека 20.000 луѓе од Македонија пребегнале во Византија. Во него буквално стои дека избегале “поради насилствата и самоволијата на бугарските војски”. Некои историчари сметаат дека дури и посетата на Климент Охридски на бугарската престолнина и неговата оставка на епископската должност до царот, неколку месеци пред неговата смрт, била од заради насилствата и пустошењата на освојувачите на просторот на Величката епископија.
Свештенството во Бугарското царство беше привилигирано, меѓутоа, не сето. Постоеше и непривилигиран слој – нижото свештенство, кое потекнуваше од народот, а го сочинуваа селските и градските попови. Добар дел од нив не само што не беа добро платени, туку беа обременети со обврски и давачки. Во такви услови на живејачка, кога царот Петар, за да може да ги издржува огромните воено-административни и црковни апарати, ја засили експлоатацијата, револтот и незадоволството, чиј карактер би можел да се третира и како антицрковен, антифеудален, па и ослободителен, беа неминовни. Од тие причини, незадоволниот народ ја прифати “новопојавената ерес”, што би рекол Козма. Тој, како што видовме, го споменува попот Богомил како основач на ова движење. Драган Ташковски, пак, оди понатаму: тој тврди дека Богомил бил Климентов ученик, кој страсно ја прифатил глаголицата, како и Климент Охридски, впрочем. Тој учеше “да не се потчинуваат на болјарите и сметаа дека оние што му служат на царот му се одбивни на Бога и му заповедат на секој слуга да не работи за својот господар”.
Александар Матковски вели дека нема докази оти попот Богомил, воопшто, постоел. Тој поаѓа од фактот дека Ефимие и Ана Комнен, кои пишувале за богомилите, попот не го ни споменуваат, туку за основачи на сектата ги именуваат Чурило и лекарот Василиј. Матковски го прифаќа тврдењето дека словенскиот збор “богомил”, просто, значи она што значи – мил на Бога.
Богомилската космогонија и есхагологија за создавањето и пропаста на светот била општа теорија за овој свет, негова логика во популарен облик, што би рекол Драган Ташковски, што религиозните маси на далечното средновековие можеа да ја разберат, а со тоа да се стават во активно движење за решавање на конфликтните општествени состојби наметнати од новите господари. Богомилите учеле дека постојат два бога: Богот на доброто и Богот на злото. Богот на злото го создал целиот материјален свет, па и човекот, а Богот на доброто душата на човекот. Богомилите ги отфрлале сите молитви, освен “Оче наш”, не ги почитувале ни крстот, ни иконите, ни црквите. Се молеле дома и меѓусебно се исповедале. Побунетите на бискупите им ја оспорувале власта над верниците. Го отфрлале Стариот завет и го признавале само Евангелието. Ги поттикнувале верниците на непокорност кон оние што се на власт. Проповедале сиромаштија и остро истапувале против богатите и нивното богатство.
Појавата на учењето за двата бога, т.н. дуалистичка хереза, е израз на револтот против хиерархијата на христијанската црква, која ја користи идејата за Господ за да ги држи во покорност верниците. Таа, исто така, е израз и на револтот против државната власт, која се потпира на христијанската црква, како на идеолошко средство на своето владеење. Добро е речено дека оваа двојна хереза го акуелизира вечното прашање што го поставува човекот: зошто Господ на едни им дава многу добра, а малку зла, а на други многу зла, а малку добра? Идеолошки, богомилското движење во Македонија во целост беше насочено против византиските и бугарските освојувачи, против новоформираните домашни феудални господари и против црквата, која, како што вели и Презвитер Козма, била крајно расипана.
Антифеудалната суштина на богомилството се огледа во неговите општествено-политички ставови и во рамките на мистично-религиозните концепции и затоа потпора имало, главно, кај посиромашните маси. Проповедајќи демократија во сиромаштијата, скромен и едноставен живот, непослушност кон власта, богомилството содржело силна антифеудална нота и го поттикнувало народот на бунт и револт.
Подеталното анализирање на карактерот на богомилството ќе не доведе до битната констатација дека тоа, со самиот факт оти се свртело против царот и болјарите, против владејачката номенклатура, која беше, пред се и над се, составена од Бугари, значи богомилското движење за Македонските Словени имало и ослободителен карактер. Н. П. Благоев со право увидел дека Македонија била центар на опозицијата против цар Петар, не само затоа што тој на незаконски начин дошол до престолот, туку и затоа што богомилството во тоа време било единствено борбено движење во Македонија. Драговичката и Мелничката црква, на пример, биле претставници на екстремната ориентација, за разлика од бугарската богомилска црква, која била за помирен и поумерен став. Клучен податок дека богомилството поседувало и јасни белези на ослободително движење е вистината дека комитопулите Давид, Мојсеј, Арон и Самоил, синови на комитот Никола, го прифатија учењето и како негови приврзаници кренаа востание (869 год.), што доведе до ослободување на Македонија од Бугарското царство, создавање на првата словеномакедонска држава и дефинитивно оформување на Македонците како народ. Симпатиите на цар Самоил кон богомилите и нивното бројно учество во неговото востание и во востанието на неговите браќа, просто се објаснува: богомилите биле единствената делумно организирана антивизантиска партија во Македонија со јасна словенска и народна ориентација. Интересно: востанието на Македонските Словени избувнало онаму каде што било најсилно учењето на богомилите. Тоа било на просторот ограден со тријаголникот Вардар – Охрид – Шар Планина.
Противмерките на Византија и Бугарија против ова “зло” биле жестоки. Цариградскиот патријарх Теофилакт ќе го советува царот Петар: “Оние, пак, што остануваат во зло, болни од непокајување, божјата црква ќе ги отсече како изгниени и сосема погубни делови и ќе ги предаде на вечна осуда… Општествените закони на христијанството… предвидуваат смрт за нив, особено кога се гледа дека злото се влече сè повеќе, напредува и мнозина погубува”.
Наспроти се, богомилството се проширило, првин во Бугарија и Босна, потоа во Италија и Јужна Франција, и станало движење кое влијаело на текот на историските настани.
Извор: Македонско братство
Newsletter
Sign up for our Newsletter
No spam, notifications only about new products, updates and freebies.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *