Македонија

Говор

Зборот не е само месо
туку и оглодан кокал
пукнатина во куќа што вреска
петел на буниште што кукурига
самото ѓубре што гние
и отпадоците што ќе нè надживеат
по излетот како по војна
 
Слечи си ја кожата
за да се слееш со околината
со тајното име, неречениот збор
 
Зборовите – амеби го напаѓаат натрапникот
го вовлекуваат во себе и варат
ја пукаат лушпата и јајцето го пијат
ја колваат јатката од семката
а штом сварени предметот мртов
може да остане оживеан говор
Ги прибираш туѓите зборови најдени патем
ги пушташ да си играат со домашната челадија
и да се измешаат до толку
што да не знаеш кое е чие
нивниот џагор ти ги исполнува дупките
во ѕидовите од разрешетаната куќа
Така од туѓиот јазик земак причесна
и фаќаш зараза што создава антитела
за да не ти проголта ближниот сосед
сосе тајното значење со корен во пламенот
да не те погоди по алчното око
да не ти го испие виделото
 
Како да се преведе мастилото во крв
илјадагодишното семе во леб насушен?
Ќе се сретнат така двајца јунаци
на мегдан сред ничија земја
ќе се натфрлаат со лаги и пцости
ќе се испоганат со грди клевети
и накрај здрвени, со испреплетени јазици
ќе имаат уште толку здив
да си го искркорат вистинското име
ако се бар толку живи да чујат
Во најдобар случај двата непријателски табори
ќе си ги разменат плениците
крвно ќе се збратимат до следната крвна одмазда
и ќе си трампат леб за сол, ум за вересија
 
Сè што ќе се напише (или случи)
не мора и не смее
да биде точно така
токму затоа што вистината зјапа
ненадополниво
не ти дава никакво право
да ја допишуваш како што сакаш –
небаре трчаш по автобус
чиј возач и онака не те гледа
Задача е
зборовите да се натераат да трчаат
како елени во згон
па кај, и кој, ќе пукне
Едноставно
ѕверовите мора да трчаат побргу

 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
______
Опсада, Македонска Книга 1981

Newsletter
Sign up for our Newsletter
No spam, notifications only about new products, updates and freebies.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *