Македонија

Заборавениот Балкански сојуз

Балканскиот Сојуз денес е речиси заборавен. Оттаму и мотивите за неговото основање веќе не се толку познати. Неговите цели и последици во последната деценија, деценија со толку еминентно значење за Балканот, во размислувањето на европските и на меѓународните политички институции не се земени предвид на јасен и препознатлив начин. Тоа е жално, бидејќи со познавањето на овие односи, одлуките донесени во врска со Македонија во европските кабинети, комисијата на ЕУ и Генералното собрание на Обединетите нации би ги поставиле врз пообјективни основи и тоа нив би ги извлекло од затворениот круг од застапување интереси и полуинформации. Тогашните планови и однесувања на државите соседи на Македонија имаат огромна вредност во интерпретацијата на денешната политика кон Република Македонија по распаѓањето на Југославија, особено што последиците од Балканскиот Сојуз, во прва линија Балканските војни што резултираа од него во 1912 и 1913 година, како што веќе споменавме, на многу начини до денес се одразуваат врз целиот Балкан, а особено во Македонија.
Во актите можат да се сретнат и логични принципи за објаснување на резервите на соседните држави условени од интереси во однос на Република Македонија, која во 1991 година произлезе од рамките на СФРЈ.
Во секое стандардно дело од областа на историјата може да се прочита дека целта на Балканскиот Сојуз, склучен на 13.3.1912 година, беше „поделбата на Македонија”. Херцфелд за тоа пишува: И покрај сите разлики, оваа група држави „беа водени од заедничката желба во блиска иднина да станат и да настапат како наследници на наследството на Турција и на Австро-Унгарија”.
Ова мора навистина многу внимателно да се прочита за да се согледа сета содржина на оваа изјава, што навестува несреќа, во сиот нејзин обем: бидејќи како што и произлегува од текстот, балканските држави се надевале да настапат како наследници на „наследството на… Австро-Унгарија”!
Зарем овој воен поход (без него не би можеле да станат наследници) против тогашната велесила – Хабзбуршката двојна монархија, за која дури и другите европски велесили имаа респект, ако не и страв, сакале сами да го изведат. Со овој дополнителен аспект, Балканскиот Сојуз добива една друга димензија, која според неговото име и првичната цел, имено наследувањето на Турција, никој не би ја предвидел.
Дополнително објаснување дава „Винер зон -унд монтагсцајтунг” пет недели по избувнувањето на Првата балканска војна, кога од воен аспект исходот веќе беше решен: „Претходно” дискусиите одеа во насока дека „балканските држави се здружиле за да се одбранат од надворешната агресија” „но денес се чини… дека токму во балканските држави треба да се бара изворот на немирите низ цела Европа”.
Во тоа време сите беа запознаени со Балканскиот Сојуз, па нормално најде место и во печатените дела: „Целта на Балканскиот Сојуз беше меѓусебна поделба на европскиот посед на Турција”. И „…државите обединети во Балканскиот Сојуз, Црна Гора, Бугарија, Србија и Грција, и објавија војна на Турција со цел да ја поделат турска Македонија”.
Оттаму енциклопедиите, за разлика од стручната литература од областа на историјата, пропуштиле една од клучните цели на Балканскиот Сојуз (Австро-Унгарија).
Основањето на Балканскиот Сојуз на крајот зависеше од многу параметри. Во одредени периоди овие многу брзо се менуваа, што за резултат дава целосно непрегледна слика од правци и струи.
На прво место се комплицираните меѓусебни односи на балканските држави, како и различните комбинации од тогашните пет балкански кнежества и кралства, кои беа потенцијални учесници во Балканскиот Сојуз. Во стадиумот на планирање односите постојано се менуваа и изненадувањата не беа ништо невообичаено, се спомнуваше дури и учеството на Турција, иако оваа имајќи ја предвид целта на Сојузот, не беше ништо друго освен фарса.
Обидот и Турција да се приклучи во фалангата на балканските држави за центрланоевропските сили го доби неговиот целосен заканувачки потенцијал дури по проширувањето на зацртаните цели на Балканскиот Сојуз, со посредство на стратегијата на силите на Антантата.
Потоа, однесувањето и интересите на големите сили кон нивните штитеници и противници, и тоа во постојано менливи групации, што подразбира и постојано менување на меѓусебните односи, некогаш непријателски, некогаш пријателски. Меѓу големите сили, Османлиското Царство ја играше главната улога, не поради тоа што се уште беше сметано и третирано како велесила, иако веќе одамна тоа не беше, туку затоа што беше објект на желбите на сите држави (со исклучок на Германија) по добивањето на поранешните европски поседи на Турција, т.е. со стратегиски исклучително важната точка на Златниот Рог на Константинопол.
Иако основањето на Балканскиот Сојуз со десетлетија се одложуваше, и покрај тоа што имаше јасна цел, во почетокот на 20 век дојде до негова нагла реализација. По 1904 и 1907 година, а особено по 1908 година, Балканскиот Сојуз беше инструментализиран врз основа на глобалните европски интереси на Антантата, пред се на Англија – насочен против Германскиот Рајх.
Со ова Балканскиот Сојуз ја добива етикетата во „историски”.
На крај, и „духот на времето”, во овој случај на империјализмот, ја одигра својата нескриена и несреќна, но очигледно и неизбежна улога. Токму поради последнава особина овој термин го доби и своето првенствено значење. Теодор Шидер го опишува империјализмот како „насилно експанзионистичко движење на европските сили”.
Балканот можеби изгледа како споредна бина на ова светско движење, на која малите балкански држави – кои како да биле инфицирани од империјалистичкото движење на големите сили – како грабливки се свртеа кон последните беспомошни народи на Балканот, кои се уште беа под османлиско ропство, за да ја приграбат нивната територија (по пример, на нивните „идоли” во Африка, Азија и во Америка).
Би се очекувало целите и дејствувањето на новите, повторно создадени држави на Балканот, кои, исто како и Македонија, со столетија страдаа под турското ропство, да бидат насочени кон уживање на независноста, кон солидирање на нивните држави и можеби кон подобрување на добросостојбата на нивните народи. Но, на прво место во политиката на сите беше желбата за територијално ширење. Оттаму, очигледно е дека желбата за мир не била присутна во кабинетите на балканските држави. Само што зедоа здив по нивното ослободување, властите се ангажираа во врска со плановите за експанзија. Објекти на сонот за станување велесила беа последните турски области со христијанско население на европска почва – значи токму оние провинции што со промената на одредбите во прелиминарниот мировен договор, од Сан Стефано на Берлинскиот конгрес, и беа вратени на Турција. Овие беа, како што веќе рековме, Тракија, Епир, и како најголема Македонија, поради што често се нарекува pars pro toto.
Ханс – Лотар Штепан

Newsletter
Sign up for our Newsletter
No spam, notifications only about new products, updates and freebies.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *