Коментари

Ако треба, и на оној свет ќе направиме подземна република!

…сега одново ќе си се вратам на старата мисла дека во светот сѐ тече, само политиката си останува кретенска.
Туку едно просветление ми се случи дури го снимав документарецот за Кузман Јосифовски-Питу. Просветлението се состои во една реченица што во писмо ја напишал Светозар Вукмановиќ-Темпо на 21 декември, далечната 1943 година. За помладите кои не знаат, Темпо е еден жесток црногорски комунист, апологет на титовата Комунистичка партија на Југославија, кој ја крстосувал Македонија за да ги контролира македонските револуционери и комунисти. Па така, доаѓајќи во судир со идеалите на Кузман и сличните на него интелектуалци, Темпо меѓу другото, во своите извештаи од терен за македонското револуционерно-комунистичко движење запишал вака: „Најважното во организациското прашање – тоа се кадрите предани на партијата. Речиси немаме кадар кој ќе ја спроведе линијата. Ако во партијата постојат паметни интелектуалци, ситнобуржоаски елементи, линијата ќе остане мртва. Нашата главна задача е да се исчисти партијата од тие елементи, да се стави партијата во здрави работнички раце, макар што тие работници и да не знаат многу да зборуваат.
Линијата на партијата за која Темпо зборува е создавање на Југославија сосе Македонија во неа, ама само вардарскиот дел. Линијата на македонските револуционери (интелектуалци) како Кузман е ослободување и обединување на цела Македонија, а потоа ако треба и муабет на тема Југославија, ама ќе видиме. Неколку месеци пред ова негово писмо, Кочо Рацин веќе е ликвидиран, демек случајно убиен. По ова писмо, полека ги снемува македонските интелектуалци во физичка смисла на зборот, зашто речиси сите до еден се предадени, па убиени. И по војната продолжува чистката, па така од македонското политичко небо исчезнуваат Ченто, Шатев, Брашнаров и Петрушев. И нивните места ги заземаат, како што Темпо милува да каже „работници кои не знаат да зборуваат“.
Ете ви го моето просветление. Јасно ми стана зошто сме на вакво дереџе. Тука лежи зајакот, зошто нашите политичари се осмелуваат да преговараат за промена на името. Со таквите какви што биле Кузман, Рацин, Ченто не можело ни да се разговара, а камоли да се преговара за некакво обезличување на Македонија. Нив морало да ги снема, а на нивно место дошле оние кои не знаат да зборуваат, слепите во дух, исполнителите на директиви. Тие се нашата судбина, тие се коренот на македонската политика, линијата што продолжи во независна Македонија. Доколку македонските комунисти, предводени од Кузман, останеа живи, убеден сум дека денес приказната ќе беше сосема друга. Но тоа е тоа, нас сега Самарас ни е, двор ни е, останува само да се надеваме дека кузмановиот ген не е сотрен целосно, да се надеваме дека еден ден повторно ќе пркне, па учејќи од хероите на минатото, достоинствено ќе ја планираме иднината. Ако не, тогаш сѐ уште ја имаме онаа реченица на Дамјан Груев која гласи, „Ако треба и на оној свет ќе направиме подземна република“.
Авторот е уметник
извор: Нова Македонија

Newsletter
Sign up for our Newsletter
No spam, notifications only about new products, updates and freebies.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *