Коментари

Доколку Дензел Вошингтон играше наместо Обама

Четврток, шест часот и педесет минути, наутро. За некои час и половина заминувам на терен да снимам документарен филм за Кузман Јосифовски Питу. Се надевам дека нема поради ова пак некој да ме озборува од собраниска говорница. Кузман е еден од најимпресивните ликови на македонското народноослободително движење. Восхит и почит, тоа се чувствата што ме опседнуваат. Кога човек чита и размислува за луѓе како Кузман и плејадата негови соборци што умреле за Македонија, му доаѓа да си го постави прашањето како тоа ние, распрдени по социјалните мрежи, напувани од сопствената гордост како припадници на оваа генерација, демек цивилизирани фраери што зборуваме само за пари, профит и за политика, смееме воопшто и да помислиме да разговараме дали ќе го менуваме идентитетот на нашето постоење или не. Огромен број херои биле измачувани до последната капка живот, а ние испоседнати по кафеани, расчкембени над тастатурите, бистриме политики и сме дојдени до работ да го посереме сето она за кое многумина насилно умреле. Самобендисани факинг интелектуалци.
Вчера го завршив денот со новиот холивудски хит „Сигурна куќа“. Дензел Вошингтон ја игра главната улога. Игра поранешен агент на ЦИА баран на сите континенти, одметнат од службата, затоа што го открил и разбрал планетарниот ужас во кој самиот учествувал. Во еден момент на стравотна грижа на совест вели дека таквите како него, обучувани професионалци, постојат само за да манипулираат и да лажат. Патем убиваат. Умберто Еко во својот последен роман „Прашките гробишта“ вели дека тешко ќе најдете две тајни служби во меѓусебна војна, ама сигурно можете да ги откриете истите тие две тајни служби како здружно организираат војна меѓу двете држави за кои работат. Го гледам филмот и си мислам во себе, ех кога и Барак Обама би дошол како Дензел Вошингтон до таков кармички пресврт, па да повлече тоа војската распослана по светот, да олабави малку од нафтено-корпорациската зависност, да си ги прибере цијашите, па да ги превработи како екопатроли, ех да беше Барак од реалноста како Дензел од фантазијата, може некому и ќе му текнеше да го закити со Нобелова награда за мир. Ах да, веќе го закитија, му дадоа „оскар“ пред да ја видиме премиерата, го подигна пехарот, а не ги ни почна квалификациските натпревари.
А пред филмот пцуев, Холанѓаните ги пцуев. Оние единаесет плус замени, кои демек играа против Германија. Добро бре мајку му стара, на што личи ова бе, ај што знаеме дека холандските играчи со своите неделни плати (Арсенал му понуди на Ван Перси зголемување на неделната плата од седумдесет на сто и триесет илјади евра) можат да ја нахранат третина Африка, ај што се правиме луди на ваквите факти, можеа барем да ни замачкаат очи и да играат фудбал, ако ништо друго, да си ја остварат поентата на сопственото постоење. Па уште имаат шанси и по нула бодови по две кола да одат понатаму. Доволно е Германија да ја победи Данска, а Холандија да ги акне Португалците 3:0 и ете ги во четвртфинале. Море марш! Не дека нешто навивам за нив, ама и јас како половина свет седнувам пред телевизор за да ги гледам холандските ѕвезди. Распрдени еј!
Туку го фатив пред некој ден меѓу два фудбала оној Андреј Петров како се самопотврдува околу сопствената изјава дека за доброто на Македонија, ако треба и споменикот на Александар ќе го тргнеле. Не знам дали сте забележале, ама ако ги слушате нашиве политичари од сите партии, ем партиски ешалони, нонстоп нешто за доброто на Македонија работат. И не чекаат друг да ги оцени, самите кажуваат дека нивните постапки се за доброто на Македонија и точка, крај, финито. Нема лабаво со нив. И самото нивно дишење, гарант е за доброто на Македонија. Сирота наша Македонија, ем ика, ем уши и црвенеат од толку многу фраери што и го мислат доброто. Пази ја логикава ти се молам, тргаш поставен споменик и тоа е за доброто на Македонија. Зошто? Затоа што Грците така сакаат, а Брисел ги поддржува. Утре неонацистичката Златна зора ќе влезе во новата грчка влада, па ќе почне да им пречи и споменикот на паднатите борци против фашизмот пред влада, и што правиме? Ќе го тргаме споменикот? Музејот на холокаустот ќе го претвориме во грчка слаткарница. Потоа ќе го ставиме во бункер „Трето полувреме“ на Дарко Митревски, затоа што Бугарите го нејќат. Ма, бјутифл!
А за доброто на Македонија, организирано да ги испратиме нашите политичари во она шоуто „Сервајвл“ таму некаде среде Тасманија? На неограничено време, бива така? Кога нема фудбал ќе седиме и ќе ги гледаме како за доброто на Македонија со демагогија го убедуваат кокосовиот орев да им се отвори за да си ги нахранат нежните мешиња. Или намачкани со своите партиски бои, рипаат на една нога од еден до друг крај на плажата, се две цели, доброто на Македонија и економската состојба на тасманиските ѓаволи. Туку осум и петнаесет дојде, треба да се трга на терен. Јас нема да кажам дека овој документарец е за доброто на Македонија, ама сигурно знам дека за Кузман Јосифовски Питу вреди многу повеќе да се зборува, пишува или снима, отколку за деведесет и девет отсто денешни фаци што си умислуваат дека тие се од бога предодредени да и прават добро на Македонија.
Имајте убав викенд!
Авторот е уметник
извор: НОВА МАКЕДОНИЈА

Newsletter
Sign up for our Newsletter
No spam, notifications only about new products, updates and freebies.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *