Лоза

Езоптерија: Реорганизација на колективот

.

Нема веќе сите фарми еднакви под небото. Како најстара и најискусна фарма мора да го преземеме водството. И другите фарми се реорганизираат. Наскоро ќе започне војна меѓу фармите, војна за лидерство. Затоа и го свикав овој состанок.

На фармата вриеше. Тензијата се чувствуваше силно. Заседаваа најстарите жители на малиот колектив. Само неколку секунди пред да зоврие атмосферата, стариот вол, кој го свика советот на старци, изјави: „Дојдоа нови времиња. Колективот мора да се реорганизира. Нема веќе сите фарми еднакви под небото. Како најстара и најискусна фарма мора да го преземеме водството. И другите фарми се реорганизираат. Наскоро ќе започне војна меѓу фармите, војна за лидерство. Затоа и го свикав овој состанок“.
– Кој ти го кажа ова? – се накостреши стариот мачор. – Кој друг, ако не магарето… – одговори волот. – А кога тоа ќе каже нешто, така е. Затоа мора да го реорганизираме колективот. – Со кое просо, со кои залихи? – извика старата кокошка, се фати за глава во паника и умре на самото место од преголема возбуда. А потоа пред сите се исправи стариот мачор. – Сенилни животни, пропаднати кариери, ситни души, скржави, а алчни. ТИШИНА!!! – извика силно. – Јас ќе го реорганизирам колективот! – Ти? – му се заврти волот. – Па, само јас сум тука оној што ги разбира луѓето, а тие, знаете и сами, најмоќни се. Само јас разбирам како тие функционираат. Ама запаметете, јас го реорганизирам колективот, јас го ставам во мирување ако е потребно… – Е, зошто ти кога јас ја донесов идејата? – фркна стариот вол. – А, добро… – се насмеа мачорот. – Тогаш ти реорганизирај! – Не, не, не, не, не, ти реорганизирај и кажувај што да правиме. И волот се повлече. Како на сите да им олесна. Мачорот ги засука мустаќите. Сите беа во исчекување, момент пред срцев удар. – Во ред… Ти, пејачу! – мачорот се сврте кон петелот. – Ти ќе бидеш претседател на колективот. – Зошто јас? – ги затресе пердувите стариот петел. – Стварно, зошто тој? – праша и волот. – Зашто си визионер… – викна мачорот. – Зашто си сталожен. Практичен! Гласен и харизматичен. А најмногу од сѐ си глуп, уплашен дека ќе завршиш како нечија супа и затоа пазиш кога и колку пееш. А богами и што пееш. Затоа ти си совршен за претседател на колективот. – А ако не сакам? – наеднаш петелот доби навредлив израз на лицето. – Тогаш ќе најдеме некој друг што ќе сака да биде претседател со еден куп млади и згодни кокошки околу него. – Тогаш ќе се жртвувам… – и петелот се поклони. – Ти, надуен! – мачорот застана пред паунот. – Ти ќе бидеш идниот јавен претставник на колективот. – Тој претставник? – волот веќе почна да се лути. – Стварно, зошто јас? – Затоа што си позер да му е..м мајката! – извика мачорот и се заврти кон стариот пес. – Ти кодошу! Ти душкало едно и соработнику на луѓето, ти одиш во разузнавање, контрола, надгледување! – На луѓето ли? – праша песот. – Или на другите фарми? – Разузнавање бе, глуп! Внатреколективско разузнавање. Сакам до наредното утро да ми спремиш за секого тука посебно што може да биде употребено, ем злоупотребено, ако утре се реши да го напушти нашиот колектив со намера да му наштети, преоѓајќи во некоја друга фарма. – Разбирам, шефе! – и песот почна веднаш да ги душка присутните. – Ти, оговарачке! – ѝ се заврти мачорот на гуската. – Ти ќе бидеш гласот на колективот, ти ќе го креираш јавното мислење на фармата. Ако сакаш да се изразам со човечки речник, ти ќе бидеш нашиот весник, нашата телевизија што ќе си ја отвориме, прозорец кон светот… – мачорот наеднаш чудно се искези – прозорец кон светот што јас ќе ти кажам кога се отвора, а кога се затвора, оти всушност сепак си само обична гуска. И мачорот направи круг околу самиот себе. Потоа продолжи. – Ете така, главните улоги се поделени. Еве како се реорганизира колектив! Сѐ е исто, а сепак изгледа различно. – Главните улоги се поделени? А јас? – наеднаш викна волот. – Кој си ти? – мачорот го погледна како првпат да го гледа. – Уф, на тебе заборавив. Како можев на тебе да заборавам? – Да, стварно и јас се чудам, а моја беше идејата. – На магарето беше, ама ајде. Ти ќе ја вршиш најважната функција. Ти ќе бидеш идеологот на колективот и никој никогаш нема да те спомнува… – мачорот изгледаше сериозно. – Како, како? – волот веќе беше спремен да боде.
– Ете така, како што реков – му намигна мачорот. – А кога ќе биде најпотребно, ќе се активираш и со дел од стоката ќе прејдеш во опозиција на овој наш колектив. – Што ти е тоа опозиција? – викна волот. – Ете, вол си е вол. Опозиција се тие што им контрираат на оние што го водат колективот. Се борат за подобра иднина на колективот. Всушност, демек се борат и чекаат оној што одлучува за сѐ, во случајов јас, да им ја додели улогата на водачи. – Како, бе, да си бидам опозиција на новиот колектив што сам го предложив? –волот веќе се надвисна над мачорот. – Така убаво. И од кај знаеш ти како се работи кога си вол? Ова се нови времиња. Наравоучение, еј! Кажи ми како да бидеш вечно на власт ако не си позиција и опозиција истовремено? Магарето, кое го гледаше сето ова низ прозорецот на шталата, веќе не сакаше да слуша какви улоги ќе добијат другите животни, па се заврти и реши еднаш засекогаш да се тргне оттаму.
tag: езоптерија
извор: Нова Македонија

Newsletter
Sign up for our Newsletter
No spam, notifications only about new products, updates and freebies.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *