Коментари

Езоптерија: турбофарма

.

Луѓето исчезнаа и ниту едно умно животно не се обѕрнуваше веќе на тоа. Освен оние што упорно се обидуваа да се однесуваат човечки.

– Каква неамбициозност… – знаеше да си каже само на себе магарето кога ќе налеташе на некој мајмун што се обидуваше да му објасни дека различните животни не се еднакви пред Творецот на сé. – Можеби стварно некои луѓе и настанале од вакви како тебе – ќе му вратеше магарето и ќе си продолжеше по својот пат без цел. Сега стоеше подзинато од вчудовиденост пред една од оние фарми за живина. И покрај фактот што ги немаше веќе луѓето што ги држеа по стотина во еден кафез за да ги колат, пернатите суштества не ја напуштаа фармата. Напротив. Со сите сили ги имитираа луѓето. Во моментот кога магарето стигна до оградата птиците беа во дворот. Една млада кокошка се трткаше на малата височинка за сите добро да ја видат. Дебелиот мисир стоеше до неа и се обидуваше да ја смири насобраната толпа, која галамеше. – Мир, мир, интервјуто треба да започне… – викаше мисирот. И галамата полека стивна. Кокошката го напрчи клунот како да ќе запее. – Добар ден на сите! – викна мисирот. – Јас сум вашиот водител, а ова е уште една музичка емисија. Со мене денеска е нашата млада кокошка, вистинска пејачка ѕвезда, која пред некој ден ја отпеа својата прва песна. Кажете ми, ќе следува ли наскоро домашен порнич? Магарето забележа дека младата кокошка има тап поглед, се покажуваше себе и своите пердуви на публиката, како воопшто да не го слуша прашањето. – Нема да ме прашате како е чувството да се биде ѕвезда? Сите славни кокошки ги прашуваат како е чувството да се биде ѕвезда? – кокошката ги испука прашањата во еден здив. Ова ќе биде забавно, си рече во себе магарето. – Какво е чувството да се биде ѕвезда? – ја праша мисирот. – Чувството да се биде ѕвезда е многу… е многу чувствително и убаво… и да… јас сум скромна кокошка. Магарето помисли дека ќе се преврти од смеење, ама остана мирно. Во тој миг глупиот мисир важно се искашла и тргна со својата поента. – Скромноста никаде нема да те однесе, кокошко… Да бидеме искрени, без некој пернат петел да те бабмори, и тоа газда на неколку фарми, нема кеш, кеш, кеш, то ест просо, просо, просо… Еве, ја на пример знам пар петли што баш сакаат кокошки како тебе, што викаш, а? А кокошката повторно изгледаше како ништо да не разбрала. – Прашајте ме каква кокошка сум во приватниот живот… кога не сум ѕвезда, прашајте ме! Прашај ја бе, мисир еден, процеди магарето, за да не прсне од смеа. – Каква кокошка е нашата млада пејачка кога не е на сцена? – мисирот ја меркаше под око како сега да ќе ѝ се нафрли. – Јас сум многу скромна кокошка и сакам искрени луѓе што не лажат… – викна кокошката и доби аплауз од сета перната публика. Мисирот чекаше публиката да запре и тргна со следното прашање. – Добро, што планирате за во… – Планирам да снимам спот, да… – го прекина кокошката губејќи здив од возбуда. – Планирам и спот! – Да. Нашата млада ѕвезда, освен песна, сака да го сними и својот прв спот. А потоа мисирот се искези иронично. – Претпоставувам, прво спот, па порнич… – На четири локации… – му плесна кокошката. Магарето веднаш сфати што е муабетот. Чекаше. – Што на четири локации? – како да се збуни мисирот. – Сакам да снимам спот на четири локации… – изрецитира кокошката. – Во кокошарник. – Ама кокошарник е една локација… – се побуни мисирот. – Четири локации – си стоеше на своето кокошката. – На сеното, пред кафезите, под прозорот и кај вратата. – И што ќе има во спотот? – демек се заинтересира мисирот. – Пет локации… На сеното, пред кафезите, под прозорот, кај вратата и на крај врз јајцата. – На чии, ма, јајца? – како да се изнервира мисирот. – А во спотот ќе глуми многу згоден петел, манекен од некоја странска фарма… – и кокошката замавта со крилата како веќе да го гледа згодниот петел. – Од него ли сакаш јајца? – мисирот се сврте кон публиката очекувајќи смеење. Не го доби. – А сега прашај ме, какви петли всушност посакувам јас! – му се заврти кокошката. Прашај ја, прашај, ликуваше магарето. – Какви петли всушност посакуваш ти? – ја праша. – Сакам петелот да биде убав, паметен, згоден, духовит, скромен, искрен и богат, да. Запамти? – кокошката си повтори. – Убав, паметен, згоден, духовит, скромен, искрен и богат, да. – Добро, значи тоа ти се плановите за иднината? – Не. Планирам да снимам албум на кој ќе бидат поместени дванаесет хитчиња… – рече кокошката, а магарето прсна да се смее на глас. – Како, ма, поместени, што ти е тоа поместени? – рикаше магарето. – Ако не се мавнеш од тука, ти ќе се поместиш од умот – наеднаш чу зад себе, се заврти и го виде гавранот. – Дојди со мене, имам нешто важно да ти кажам! А јас, знаеш, не повторувам. Невермор! И магарето се заврти и тргна по својот стар познаник.
 
tag: езоптерија
извор: Нова Македонија

Newsletter
Sign up for our Newsletter
No spam, notifications only about new products, updates and freebies.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *