.
Еден човек гледајќи во своите равенки,
Рече дека вселената имала почеток.
Се случила експлозија, рече тој.
Експлозија над експлозиита, и вселената беше родена.
И таа се шири, рече.
Дури ја пресмета и должината на нејзиниот живот;
Десет милијарди вртења на Земјата околу Сонцето.
Сите на Земјината топка воскликнаа од радост;
Неговите пресметки ги нарекоа наука.
Никој не ни помисли дека претпоставката на овој човек
За почетокот на вселената е само одраз
На синтаксата од неговиот мајчин јазик.
На синтаксата на која и се потребни почетоци како
РАЃАЊЕ, РАЗВОЈ и СОЗРЕВАЊЕ,
И на крај, налик на смртта, како факти.
Вселената имала почеток,
И старее, нè убедува тој човек,
И ќе умре, како што умираат сите работи,
Како што умрел и самиот тој, откако математички
Ја потврдил синтаксата на својот мајчин јазик.
Дали вселената имала почеток?
Дали теоријата за големата експлозија е точна?
Ова не се прашања, иако така звучат.
Дали синтаксата на која и се потребни почетоци, развои
И завршетоци, како факти, е единствената синтакса која постои?
Тоа е вистинското прашање.
Постојат и поинакви синтакси.
Еве една, на пример, која бара
Различниот интензитет да се земе како факт.
Во таа синтакса ништо не започнува и ништо не завршува.
Според неа, раѓањето не е чист, јасно одвоен настан,
Туку посебен вид на интензитет,
А истото важи и за созревањето и за смртта.
Човек со ваква синтакса, прегледувајќи ги своите формули
Заклучува дека пресметал доволно различни интензитети
За да може со сигурност да каже
Дека вселената никогаш не започнала
И никогаш нема да заврши,
Туку дека минува, сега минува и ќе минува
Низ бескрајните колебања на интензитетот.
Таквиот човек со право би можел да заклучи дека
Самата вселена е воена кочија на интензитети
И дека човекот може да се качи на неа
За да може да патува низ бескрајните промени.
Тој ќе го заклучи сето ова и многу повеќе,
А можеби и никогаш нема да сфати
Дека само ја потврдува синтаксата
На својот мајчин јазик.
– предговор од Активната страна на бесконечноста
од Карлос Кастанеда
