Свети Климент бил висок и полн, мошне претставителен, кој само со својата надворешност влевал почит и уважување кај неговите непријатели, како што вели житието на свети Климент. Свети Наум бил висок, слаб и сув, со мала четвртеста глава и долга заокруглена брада. Свети Климент бил начитан, надарен со дарот на зборот, зборлив; мислите слободно му течеле од устата и како мед паѓале во душите на слушателите. Притоа бил и многу трудољубив и енергичен. Свети Наум, спротивно, бил контемплативен, длабокомислен. Малку зборувал, а многу размислувал. И затоа во неговите зборови имало многу мудрост.
Со други зборови, свети Наум бил затворен во себеси, повеќето време го минувал во молитви, во размислување за духовниот живот, за Господа и за Господовите дела. Тој факт, таа страна на карактерот на двајцата словенски просветители може да ни каже зошто кнезот Борис, откако се уверил во личните особини на секого од нив, се решил Климента да го испрати во Западна Македонија и Јужна Албанија, а свети Наум го задржал кај себе како советник и културен деец во Преслав.
Во Преслав свети Наум работел седум години (886–893). Таму го проповедал делото и духот на своите учители. Ја ширел писменоста, оспособувал свештеници, го објаснувал и го толкувал Светото Писмо и творбите на светите отци, а поинтелигентните, поспособните ученици и соработници ги поттикнувал да препишувуваат и да создаваат свои дела. Меѓу таквите бил презвитер Константин Брегалнички, кој во предговорот на неговото Поучително евангелие, по мислата на Григориј Богослов дека е добро секогаш од Бога создадените и до Бога да завршат и наведува други библиски сентенции, пишува: „Поради тоа и јас, скромниот Константан, убеден во тоа од твоите молби, брате Науме, и споменатите горе заповеди, се преклонив пред твоето смирение“. Свети Наум во Преслав, како што вели Ѓорѓи Киселинов, „играл улога и на дворски советник, прво кај кнезот Борис, а подоцна кај царот Симеон“.
Кога во 893 година свети Климент бил назначен за епископ на Древница и Белица, во областа Кутмичевица, во охридскиот литературен, просветно-културен центар го заменил свети Наум. За оваа замена, т. е. за дејноста на свети Наум до крајот на животот се зборува во Првото словенско житие на Свети Наум.
Од кусиот текст на Првото словенско житие на Свети Наум се гледа дека тоа било напишано од ученик на светите Климент и Наум, кој на тоа бил поттикнат од епископот на Деволската епархија Марко. Пред ова житие авторот напишал житие за свети Климент. Двете житија биле напишани набрзо по смртта на свети Наум и свети Климент, и тоа според она што го чул од светиите и што го видел тој лично како нивни ученик. Меѓутоа, поради нивната скромност, доста поединости од нивниот живот и од нивната дејност останале непознати.
Свети Наум во Кутмичевица целосно ја презел и ја продолжил дејноста на свети Климент. Тој изградил манастир посветен на светите архангели Михаил и Гаврил. Изградбата иа манастирот во Второто словенско житие на Свети Наум сврзува со 905 година. Свеченото пуштање во служба/осветувањето на манастирот го извршил епископот свети Климент, кога тој ја одржал својата беседа, напишана во врска со изградбата на Наумовиот манастир и неговата дедикција на светите архангели, под наслов Пофалното слово на бестелесните Михаил и Гаврил. По изградбата на манастирот, свети Наум, кој како свештеник дошол од Моравија, се замонашил и се повлекол во него сè до крајот на животот на 23 декември 910 тодина (стар стил), кога во вечниот дом во манастирот бил положен од свети Климент.
Првото Светинаумово житие, покрај значајните податоци за судбината и на другите ученици на првоучителите Кирил и Методија, уште во почетокот („Еве браќа, да не остане без спомен, брат му на блажениот Климента и негов содругар и сострадалник…“) дава податок од кој во науката се појави мислење дека свети Наум и свети Климент биле родени браќа. Меѓу првите на тоа укажале П. А. Лавров и Н. Л. Туницкиј, а потоа и многу други. Како родени браќа свети Климент и свети Наум се прикажани и во романизираната биографија Naum Ohridski од Лазо Каровски. Тој заклучок се изведува од фактот што, според каноните, различните по свештенички чин (епископ и презвитер) не можат да се наречат „браќа“, освен ако не се родени браќа.
Грчкото житие податоците за свети Наум повеќе ги прикажува легендарно, а некои податоци се историски неточни, како: смртта на Кирила и Климента, првиот починал во длабока старост, а вториот пред свети Наум. Дејноста на свети Наум спрема свети Климент ја споредува со Арон и Мојсеј, т. е. што му бил Арон на Мојсеј тоа му бил свети Наум на свети Климент.
Поблиску до првото (словенското) житие е третото (второто словенско) по ред. И во него се даваат податоци за следењето на првоучителите, протерувањето и дејноста во Кутмичевица историски е поточно, а завршува со констатацијата дека свети Наум умрел во длабока старост и неговото тело го положил со свои раце архијерејот Христов Климент во гробот на десната страна во неговиот храм, а Господ го прославил свети Наума со големи чуда и исцелителна моќ