Мртов ладен, сосема безгрижен, палам цигара и пуштам телевизор. Вести. Изборите во Грција се завршени, гласовите пребројани, победникот прогласен. Новиот премиер Георгос Самарас од грчката партија на Келтите „Селтик“ на првиот ден од својот мандат ја признава Република Македонија под уставно име. На храбрата одлука прв му честита новоизбраниот францускиот претседател со туниско потекло Хатем Бен Арфа. Тој својата честитка ја испрати од Њукасл, каде што во моментов учествува на самитот посветен за садење трева во дворот на англиски начин. Берлин првично е збунет од ваквата грчка одлука, ама германскиот канцелар Месут Озил брзо се созема. Како знак на добра волја, тој честитката до Грција ја упатува на својот мајчин, турски јазик. Демократска Германија е восхитена што нивниот канцелар зборува турски. На француско-германските честитки се придружува и Обединетото Кралство. Официјален Лондон е навистина возбуден. Премиерот од Ливерпулистичката партија, сер Стивен Џерард, најавува турнеја Скопје – Атина. И привремената техничка влада на Италија, предводена од црномурестиот безобразник Марио Балотели, за момент ја крева главата од тешките економски проблеми и упатува насмевка кон јужниот дел на Балканот. Руските водачи, претседателот Кержаков и премиерот Жирков изјавија дека беше редно Грција да му стави крај на овој глуп проблем. Шведскиот премиер, Босанецот Златан Ибрахимовиќ, кој е во официјална посета на шпанската влада во Барселона, не им верува на сопствените уши, ама затоа има нос да осети дека овој грчки потег е навистина добар. Само македонскиот премиер, кој ја презеде функцијата по акцијата „Нов бран“, Горан Пандев, во почетокот е воздржан. Среќен е, ама вели дека не треба да запаѓаме во еуфорија. Иако не учествува на големиот европски самит, тој од Неапол, каде што во моментов е на роуд трип, даде изјава. Сега патот на Македонија кон е ЕУ и НАТО целосно е отворен. Така рече. „И ти ли сине Бруте, Горане?“, срипувам како попарен.
Се будам малку збунет, ама брзо се соземам и насмевката ми се меша со утринското сонце. Надвор е совршено сончев петок и денес почнува Европското првенство во фудбал. Полска и Украина, еве ме доаѓам! Европа за момент ќе здивне уживајќи во „бубамарата“ и ќе подзаборави на фамозното создавање моќна и единствена европска масонска банка, која треба да го контролира целиот континент. Не дека масоните нема да продолжат да си го тераат ритуалот за присвојување на сето материјално богатство и цицање духовна енергија од луѓето, ама нивните рептилски опавчиња веќе подолго време ѕиркаат и лесно се забележуваат. Уште подзасмрдува во наш правец од оној фамозен масонски 25 мај, кога во Белград беа да му се поклонат на својот некогашен мајстор познат по пурата. Има луѓе што тврдат дека и фудбалот е нивна измислица, масовна халуцинација за народот, кој треба да зјапа во зелениот тепих, додека тие на раат го кројат светот, ама јас верувам во космичка рамнотежа и правдина. Ако изумите на Тесла, кои требаше да ни го олеснат постоењето, ги злоупотребија за своите воени масакри, тогаш и фудбалот, ако веќе тие го создале за масовна хипноза, ние може да го употребиме за добри цели. На пример, за момент да не им даваме значење, да ги забораваме, да не им праќаме никаков импулс од кој се хранат. Затоа, еве и јас ќе престанам да ги перципирам. Сега тие ќе се занимаваат со мене. А јас ќе си играм космички фудбал.
Да не ве бунам нешто? Е па, збунет сум и јас, ама што да правам кога сум возбуден како љунферица пред губење невиност од она што цел месец ме очекува? Прв натпревар, Полска – Грција. Некако веднаш ми текнува дека сум Полјак во душа. Вртам по дома полонеза во ритамот на „Пољска у моме срцу“ од Штулиќ, го режирам во главата натпреварот како да сум Роман Полански, си правам вотка-мартини и најџемсбондовски се местам пред телевизор, дур Изабела Скорупко ми го масира грбот. Ама претходно се обезбедив никој да не ме вознемирува. Прво исклучив телефон. Не дај боже, среде натпревар, да ми ѕвони некој со она морбидно прашање што почнува со „Доколку утре има избори…“. Уф, језиво. Анкетата беше спроведена на репрезентативен број од 1.112 испитаници на кои им го уништивме раатот на гледање фудбал. Потоа го исклучувам мозокот. Замислете само, во моментот кога Кирјакос прави пенал, а судијата му дава црвен картон, мене да ми текне на грчките црвени линии што автоматски ме потсетува на нашата влада, која упорно ем конструктивно се труди тие факинг црвени линии да ни ги обои во розови под името „заемно прифатливо решение“. Врата заклучувам двапати. Да имав клавир и него ќе го насадев да брани влез. Од кај да знам, може ќе му текне на некој возбуден востаник од опозицијата да ми се напика по дома, да ми се удоми, па да ми објаснува дека сум полски националист што ја изолира својата држава не гласајќи за нив. При таква инвазија веднаш преоѓам во воена кампања „Чувај куќа, купи стап!“.
– Доколку утре има локални избори, за кого би гласале?
– За Коце Трајановски и Стевче Јакимовски.
– Е како, кога не се од иста партија?
– Јас живеам во повеќепартиски систем и мерам според сработеното.
– А сега стварно, доколку утре…
– А сега стварно фак оф! Доколку утре има избори, јас нема да сум тука со умот, оти ќе вршам мониторинг на изборите за шампион во Полска и во Украина.
Авторот е уметник
извор: НОВА МАКЕДОНИЈА