.
Ми се допаѓа да ти биде непријатно
(деконструкција на митот за непријателите)
Што во контекст на нашево општество би значела поговорката – судбината ги влече оние што се противат, а ги води оние што сакаат…..? Дали е можно да се постапува така што не само да се избегнат лошите туку и да се предизвикаат добри последици? Која е разликата помеѓу тие две ситуации? Дали е можно човекот сам да си ја одбира судбината („добра“, т.е. „лоша“?) Каков е овој свет? Дали е слепо црево на универзумот, за некого – пекол, за некого пристојно место да се истера сартровската мачнина, а за среќните – рај? Скалило, чистилиште, лифт? Топка којашто само излегла во аут?
Око за око, непријател за уши
Што е тоа што едно општество го прави да биде тензично? Неговата конфликтност. Длабокиот внатрешен човечки судир. Човекот – одвоен од Бог – а потоа скаран со самиот себеси. Без оглед на неговиот политички, социјален, национален, класен идентитет, воените немири се само манифестација на конфузијата што настанала во човечката природа како последица на нејзиното виртуелно одвојување од божјата. Ако овој свет е отпадништво од Бог,
храброста, трпението, мудрољубието… и сите други вообичаени доблести се можни само со одредувањето на точните координати на светов. Верувањето дека Христос ја победи смртта, и со тоа го прекина синџирот на нашето робување на паганскиот менталитет и незнаењето за тоа кои сме и што сме, е она новото што христијанството му го понуди на истиот свет, истиот, стар Човек.
Заради паднатата природа, човештвото прибегнува кон разни механизми на бегство. Најпрво, бега од болката. Тоа го прави потиснувајќи. Така самиот себеси се затвора во нестварниот свет на условните рефлекси, коишто се само крик од длабоките слоеви на несвесното, подрумот на личноста во којшто освен потиснатиот страв се крие и клучот на слободата. За да се излезе од лавиринтот, потребно е да се реши загатката, а проблемот е во тоа што загатката е нерешлива. Загатката се отклучува дури откако ќе се излезе од лавиринтот! Преведено на јазикот на поезијата би гласело отприлика дека „со смртта смрта ја победи“, или дека стравот со страв може да се излечи. Народната мудрост оваа појава ја сублимирала во симболот на шајката.
Референтната точка на потиснувањето (закована шајка – несвесното), се одѕива на својата точка двојник од другата страна на свеста – точката на ослободувањето, па затоа парадоксот (којшто има улога да го извади умот од себе), дека шајката само со шајка може да се откова.
„Непријателот“ е колективното несвесно. Заради тоа во Новиот Завет се инсистира на ЉУБОВ КОН НЕПРИЈАТЕЛИТЕ: дали непријателот е другата човечка раса, другото племе, комшијата, другото маало, другата нација, другите планети, другиот систем, другоста општо, или, непријателот е мит, реалност вештачки создавана секојпат кога доаѓа до дисбаланс помеѓу свесното и несвесното во нас?
Несвесното работи на механизми. Бикот кога реагира на црвената боја, или кучињата на Павлов коишто лачеле плунка на звукот на ѕвончето. Нашата потисната агресија, чувствата на страв, вина, и слично, се активираат кога ќе ја насетат идејата за непријателот, црвената боја го активира механизмот на одбрана и напад, истовремено. Нападот е најдобрата одбрана. А историјата е учителка на животот.
Како може животот да учи од минатото? Може, со повторувањето на лекциите. До совршеното знаење. Одредена лекција се повторува сè додека не се научи. Тогаш историјата од учителка се претвора во „светлина на вистината“ (lux veritatis – Кикерон). Тоа е нова историја, или менување на „текот“ на историјата. Благата вест за Христовото присуство на Земјата. Евангелието. Објавата дека со своето доаѓање на земјата, Христос повторно ја воспостави
богочовечката заедница, којашто беше раскината во адамово време. Да се разбие условниот рефлекс на Стариот Човек, можно е само со прескокнување на пречката наречена смрт. Смртта ја генерира болката, и таа метастазирала во целата природа како манифест на немоќ, слабост, страст која тежнее кон задоволство, за повторно да боли по задоволувањето, повторно да тежнее… Смртта е лажната налепница на телото коешто верува во својот рок на траење. Незнаењето и стравот се нејзиниот параван, вистинскиот фонт во кој се изгравирани нејзините букви.
Моќта на колективното несвесно. Вината дека сме протерани од Рајската заедница со нашиот небесен Татко, ја искупува Новиот Човек, Христос. Актуелниот страв што се шири како зараза првенствено преку сите расположиви медиумски средства, и којашто генерира состојба на напнатост пред експлозија, е полиестерот на несвесното, кичот и невкусот подметнат наместо оригиналот на слободата и љубовта.
Нашиот живот е одраз на она што го мислиме и она што го чувствуваме. Ние самите го создаваме нашиот живот, во секој миг од нашето постоење. Колку сме свесни за оваа наша моќ? И колку нашата несвесност може да биде оправдување за бескрајната спирала на транзициски конфликти? Надворешната реалност е само продукт на нашата внатрешна поистоветеност – со – нешто. Нашите мисли се семето. Нашите постапки се плодот. Ако сте посеале љубов – љубов ќе ожнеете. Потоа, нашите постапки се семе што го садиме незабележливо во секојдневието. Она што луѓето вообичаено го нарекуваат судбина, е всушност еден синџир од причини и последици кој се протега по целата линија на животот.
Зошто мудрите лекари велат дека подобро е да не дојде до болест, отколку да мора да се лечи? Каде е тоа место во космосот каде што се сретнуваат божјата волја и човековата слобода?
Нашата волја е слободна по мерката на нашиот чист ум и чисто срце. Чистото срце ги отвора неограничените можности да се биде креативен како што е Оној Кој е. Дури со освестената креативност човек може со лаконска лежерност да му реплицира на еден Декарт: СУМ, и тоа е Сè…
Затоа Христос вели – „дека секој што ќе погледне на жена со желба, тој веќе извршил прељуба со неа во срцето свое“. Значи, ако згрешиш со мисла, исто е. Си згрешил со постоењето, си ја утнал целта.
Сакајте и ќе ви се даде. Чукајте и ќе ви сте отвори. (Матеј 7,7)
Сè она што сакате да ви прават луѓето, правете им го и вие.
Светот околу нас се создава во зависност од тоа со кој програмски јазик се користиме.
Нашето срце е матриксот од кој се проектира овој свет.
Да ги сакаш оние што те сакаат, не е којзнае што.
Љубовта кон непријателите е лозинката што го овозможува пристапот во царството на идниот Век. Бујрум!
0 Comments