(Охрид, 1845 – с. Костенец, Софиско, 1907) – македонски деец и општественик, учесник во Охридскиот заговор и автор на мемоарски (автобиографски) запис на македонски јазик. Член на Општинскиот совет. Поради народополезна дејност осуден е на шестмесечен затвор (1871). Година и пол престојувал во Русија, а по враќањето работел во родниот град како кафеџија – гостилничар. Како член на охридската заговорничка група што развила револуционерна активност во Југозападна Македонија, бил еден од составувачите и доставувачите на една петиција (со 24 печати од околните села) што му била предадена на рускиот конзул во Битола (1880), поради што бил осуден на доживотен затвор во крепост. По три и полгодишен престој во Битолскиот затвор, бил испратен на заточение во Пеас – Кале (Јемен), но бил амнестиран и се прибрал во Софија (1894). По враќањето од заточение напишал безнасловен и незавршен мемоарско – литературен текст на македонски јазик со грчкото писмо „Запис за таксиратот и маката’.
– МАКЕДОНСКА ЕНЦИКЛОПЕДИЈА – МАНУ, Скопје 2009