Лоза

За една болва, јорган не се пали

Лесно е да се дестабилизира Македонија која е расчленета по сите основи.  Дали може да се стабилизира на подолг рок истата? Ми дојде да речам „ кутрата“, но веднаш ја препознав опасноста зборот „ кутра“ да стане предлог додавка за erga omnes решение на некој си белосветски курајбер. Сетете се само колку држави се формираа на балканот. Некои добија можност да направат една, некои две, а некои двеипол. Кога станува збор за Македонија и македонците, западната „ цивилизација“ се прави на триипол. Ставам наводници на зборот цивилизација заради нецивилизираноста на западната империјалистичка комуна (ЗИК). Го знаеме тоа, само што сме прифатиле кетман. Дали со пиење Муртибинг пилули или некој друг вид дрога не е ни важно, резултатот е ист, заспана свест и совест. Опијанети како во „ Животот е сон“ на Калдерон, не ја чувствуваме  испразнетоста на „западната цивилизација“ . Дури и на птиците им е јасно дека овој дел од светот може да се стабилизира, само ако се признаат македонците и да се уважи нивното право да имаат своја македонска република со сите нишани. Треба ли да се помочаме од среќа ако дојде некој комесар на ЗИК ( западна империјалистичка комуна) и неколкупати ја спомне придавката „ македонски“? Марш! Тоа свето име и не треба да го изговара секоја шуша, а најмалку заради калкулантство. Арно ама, изби пожар.  „ Огнот што тлееше одамна најпосле избувна“. Почнаа да се тепаат луѓето и да се убиваат меѓу себе. „ Бесови“ ! Ако продолжам понатаму со извадоци од истоимениот роман на Достоевски ќе видите колку вистинската уметност е безвремена. „ Избувнаа пожари, бројот на кражбите се удвои. Еден потпоручник кој имаше обичај да пали црковни свеќи во својата соба пред делата на материјалистите, го грабна и го касна својот командант. Една госпоѓа од високите кругови почна да ги тепа своите деца и да ги навредува сиромашните. Една друга пак, во исто време, сакаше да практикува слободно љубов со својот маж на јавно место. Тоа е забрането и велеа, тоа е неморално! Како забрането, велеше таа? Ние сме слободни! Е, ние само треба да се надоврземе на тоа!“. Боже Господе колку е полн светот со луѓе како Петар Верховенски ( подбуцнувачи, манипулатори, конспиратори, пиромани…). Но пожарот избувна, а тој во моментов не и одговара на ЗИК. Нејсе, дојде Ставрогин или како веќе се викаше тоа пуле комесарско. „ Кој го запали огнот ? Фечка ли го запали? Не, тие пожари беа предвидени со дејствувањето на нашите групи, но не требаше да се случат толку рано. И сега тоа е тоа “. Живо заинтересиран за пожарот во предградието, зашто таму се наоѓа неговиот летниковец, комесарот рече: За една болва, јорган не се пали!Плус мора да се знае кој може да нареди и кога, јорган да се пали. Така да си знаете македонски пиромани ( и уште неколкупати ја спомна придавката македонски ). Марш надвор! Марш за мир! Мир! Мир во срцата, мир во душите! Мир во светот да е! Како на небесата, така и на земјата! Зборовите на сите светски јазици имаат исто значење од почетокот на создавањето на мислата, се до грлото, односно додека говорниот апарат не ги претвори во звук. На пр. Жеден сум или гладен сум или те сакам, имаат иста вибрација се додека не добијат звучност која е различна на сите јазици, а зборот „ мир“ во македонскиот и албанскиот јазик и како мисла па и како звучност има исто значење ( мир или добро). Македонија има што да му каже на светот, ако има кој да слуша! Тогаш зошто се држи во пранѓи, како птица заробена?
П.С.
„ Зарем и таму,кај птиците,
во република немирна нивна,
има некој што послушност бара!!“
Ако е така, тогаш во тоа
Утеха своја гледам за себе;
Ако врзан сум овде,
со груба сила некој тоа го сторил
оти не сум се потчинил сосем.
извор: КУРИР

Newsletter
Sign up for our Newsletter
No spam, notifications only about new products, updates and freebies.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *