Коментари

Пролетна Рамноденица

Првиот официјален ден на пролетта во северната хемисфера, пролетната рамноденица, е ден кога она што го дефинирале како “замислена земјина оска” стои мирно, сонцето изгрева точно на исток а заоѓа точно на географскиот запад. Equinox (рамноденица) доаѓа од латински и значи еднаква ноќ.

Oд Скопското Астрономско ДруштвоДенес, точно во 01:08 часот (локално време), Сонцето мина низ таканаречената гама (g) точка, со што се означи пролетната рамноденица. Токму тогаш Сонцето имаше ректасцензија од 0 h (часови) и деклинација од 0° (аглови степени). Со ова, официјално преминавме од зима во пролет. Оваа година временските услови одамна ни ја донесоа пролетта, но календарски токму денес е преминот. Отсега, па сè до есенската рамноденица, на „нашата“ (северната) хемисфера денот ќе трае подолго и сончевите зраци ќе поаѓаат под поголем агол отколку кај места со иста географска ширина на јужната хемисфера, со што, се разбира, кај нас ќе биде потопло.
Вчера, д-р Милевски на својот сајт  објави дека “По доста студената зима, утре (вторник, 20.03.2012) во 6 часот и 14 минути стигнува пролетта. Утрешниот ден на северната хемисфера е пролетна рамноденица, односно денот и ноќта траат подеднакво по речиси 12 часа. Всушност поради влијанието на атмосферата и прекршувањето на сончевите зраци низ неа, денот ќе трае за околу 15 минути подолго. Интересно е што во моментот на почетокот на пролетта, сонцето ќе биде во соѕвездието Риба (иако тоа нема да може да го набљудуваме), а Месечината во соѕвездието Водолија. Сонцето утре ќе излезе околу 5 часот и 40 минути точно на исток, а ќе зајде околу 17 часот и 50 минути точно на запад. Доколку имате можности, овие моменти можете да ги набљудувате и доживеете на особен начин на  Кокино од централната платформа.”
Сепак ние, луѓето, немаме доволно развиена свест за да јасно го почувствуваме овој космички баланс, бидејќи поради гравитацијата, половите се движат во Ѕ форма –циклус од 18,6 години (Њутн, 1687г.) – околу “замислената оска”, при што доаѓаат на својата почетна точка секоја “голема”, односно т.н. Платонска Година – на секои 25 776 човечки години, сеуште несфатливи за човечкото око. Затоа во неколку култури е зачувано преданието дека на рамноденица “јајце може да стои мирно исправено, без да паѓа”. Линеарното пресметување на времето е конфузно, и го сопира денешниот ум во обидите да разбере како тоа древните народи низ целиот свет го пресметувале времето преку циклуси. Астролошки, денешната рамноденица е преминот од знакот Риби во Овен – почетокот на архетипскиот хороскопски шаблон. Последниот фаза на месечината – полната, беше со број #1103, а деновиве се раѓа младата, нова месечина. Пролетната и есенската рамноденица, заедно со двата солстицији (најдолгиот и најкраткиот ден во годината) биле четири важни маркери за многу древни народи.

Нашата БАБА МАРТА и обичајот да се плетат црвено бели мартинки за плодност, здравје, среќа и “против уроци” се адет останат токму од тоа древно време. Црвеното како симбол на земјата, белото на небесата, се преплетуваат конци за да се испратат молитви, како кон небото, така и кон земјата. Верувањето е дека треба да се носат до крајот на месецот или додека оној што ја носи не види штрк. Простено на Прочка, преку Баба Марта до Младенци, Лазарова Сабота, па Светото Благовештение (зачнувањето на Девата од Светиот дух – за да го роди на Божик девет месеци подоцна), Цветници па се до Велигден – „Црвено, бело, здраво и живо“ – за убаво.
Преданијата низ целиот свет говорат како старите Богомили (со календар од десет месеци) го празнувале денот на пролетта во месецот МАР чиј што симбол бил МУ (Сонцето). Во Иран, исто како и кај нашите Турци дервиши, се слави Султан Невруз, празник со длабоки корени во суфизмот, од древна Персија па до ден денес – што буквално значи Нов Ден – и нивната Нова Година почнува на пролетната рамноденица. Во Ирска, денот на Свети Патрик, симболот на земјата, се слави во истото време – митолошки претставено преку приказната како Свети Патрик ги избркал змиите од Ирска. Во Русија сеуште постои фолклорната реминисценција на празникот Масленица, симбол за враќањето на светлината и топлината, приближно славен седум седмици пред Велигден, последни “мрсни” денови пред постење. Многу од “годишните” богови на минатото – Атис, Адонис, Озирис, Дионис, се раѓаат и умираат секоја година. Секој од овие е син на Креаторот и жена “обичен смртник”. Народите кои што ги славеле (во некои случаи и со принесување на жртви) биле спасувани од овие божества кои што всушност ја претставувале вегетацијата која што умира секоја есен за да се роди одново на пролет. Римјаните ја славеле Цибела. Овој период содржи празници посветени на сите досега забележани божици Мајки – Астарта, Изис, Афродита,… Божицата се појавувала расцутена, преку листовите на дрвјата, садењето на новата сезона, парењето на птиците, преку раѓањето на млади животни. Meѓу луѓето, време е за садење – така народот бил сигурен дека животот продолжува. Едно од седумте светски чуда, храмот на Артемида во Ефес, посветен токму на истата Женска енергија на Создавањето, бил запален од некој лудак, точно на денот кога се родил АЛеКсанДар, синот на Филип и Олимпија. Плутарх пишува дека “божицата била премногу зафатена со раѓањето на Великиот и немала време да го заштити храмот”. На главната пирамида на Маите во Чичен Ица, Мексико има четири низи скалила кои што се протегаат од врвот до дното на лицата на пирамидата и се познати по крвавите човечки жртвувања кои што се случувале овде. Скалите биле изградени по перфектно прецизен агол така да точно во моментот на рамноденицата да изгледаат како огромна змија која што се спушта удолу по пирамидата. Нивниот календар е познат по тоа што последната дата му е зимскиот солстициј оваа година – 21 декември. Евреите го напуштаат Египет, преминуваат море на Пасха во месец Нисан – месец КСАНТИКА. Клетвата за да умрат првородените и празниците за подготовка за Пасхата започнуваат кога преку Мојсие им било наредено да заколат и изедат јагне, а потоа да ги напрскаат влезните врати со крвта за да, кога ќе ја видел крвта, ангелот на уништувањето да премине преку нивните гревови – тогаш започнува и Ксантика – во нивниот календар Нисан, првиот месец. Симболиката на Пасхата е прочистувањето, одењето во “куќата” од врв до дно. Во Елевсинските Мистерии, владетелот на подземјето Ад, ја мами Персефона преку реката со 6 зрна од калинка, па откако мајка и се договорила со господарот, било решено таа да поминува пола од годината во адот, а пола на земја – за да земјата може да дава плод. Во мистериите на Бахус (Дионис) исто така имало празнувања на пролетната рамноденица. Рамноденицата ја гледаме во мистичните антички преданија насекаде исто – симбол на Новото, токму почнато, Ново Време.
Во древниот Македонски соларно – лунарен календар го има месецот Ксантика, за празнувањето на деновите на пролетта најстар наведен извор е Хесихиос од 6век п.н.е., кој што ни пренел дека Ксантика била славена од луѓето што живееле на север од Олимп, тоа празнување било воздигнато од силни емоции кои што биле тешко разбирливи за останатиот антички свет. Диодор Сицилиски во книга 18 глава 4 пишува за присутните закони на Филип и Александар и за месецот Ксантика. Александар Македонски тргнал во големиот поход кон Азија на – Ксантика. Македонската Фаланга пред секој поход имала ритуал исти како славењето на пролетта, со додадени мистични симболики за прочистување на армијата – ритуално се прочистувале преку растргање куче на две половини – претпазливост од раскол (schism).
Во Стар Завет, Втора Книга Макавејска –11:30 “Затоа на оние што ќе дојдат до триесетиот ден од месецот Ксантик, им ја подавам мојата десна рака за да им ја потврдам нивната безопасност” 11:33 “Бидете здрави! Во сто четириесет и осмата година на петнаесетиот ден на месецот Ксантик” 11:38 “Да сте живи и здрави!”
 
Македонската династија на Живи Господари во Египет, Птоломеидите, ја носеле Црвено Белата круна како симбол на спојувањето на Горен и Долен Египет во која што биле собрани “двете дами” – змијата и птицата.
Професорите Тентов и Бошевски кои што добија меѓународни признанија за нивното откритие во средниот текст на Каменот од Розета, велат дека рамноденицата, пресликана преку денешниот празник МЛАДЕНЦИ (симболика со бракот на Небесните татко и мајка), е денот кога, откако ВОО, Небесниот Татко, Творецот, го создал универзумот, ја создава МО – Големата Мајка, Небесната Мајка, Големата Мајка Змеј. Заедно имале дванаесет деца богови. МО ја претставува секоја година, ЗЕЕ (младата месечина) го претставува месецот, а НЕ (врховник, титула, врв) – денот. Ташко Белчев, во своето дело: “Орфеј – Горпеј” се обидува да оживе мит за богот Македон и Ксантија, а професорката Ангелина Маркус издаде книга “Ксантика – древно македонско празнување. Паскал Камбуровски напиша Празнувањето на Ксантика се одвивало цел месец.Ксантика се славела спонтано со невиден ентузијазам како празник на пролетта, цвеќината, убавината и надежите, а првенствено како празник на душите што ја симболизира доминацијата на разбудената пролетна светлина над темнината и злото во природата и човекот. Ксантика е празник во којшто Македонците верувале дека се случува “измивање на душите” и простување на гревовите.
Современите меѓународни експерти за Македонија – Јуџин Борза и Николас Хамонд наведуваат дека на овој празник на пролетта, древните Македонци искажувале почит не само кон животот одново почнат на Земјата, туку и кон нивните предци, така што освен културните и спортски манифестации, во Пела се изнесувале дијадемите, дневниците, и останатите трофеи од сите починати цареви.
Датата на рамноденицата се определувала на Кокино, една од петте светски мегалитски опсерватории според NASA, пред повеќе од 4000 години…

ЦРВЕНО за древните гени во нашата крв

БЕЛО за чистината на нашите души

 

Црвено – Бело

за жива и здрава

Македонија!

Никола Ристевски, ЛОЗА 2012

Newsletter
Sign up for our Newsletter
No spam, notifications only about new products, updates and freebies.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *