Превземено

МИА: Владината делегација ја завршува посетата на Катар

Скопје, 27 март 2012 (МИА) – Владиниот економски тим, предводен од премиерот Никола Груевски, денеска ја завршува официјалната посета на Катар со средби со претставници на компании, агенции и фондови од таа земја.

Можностите за инвестирање во Македонија беа претставени и на вчерашниот бизнис-форум во престолнината Доха, организиран од Катарската стопанска комора за трговија и индустрија. Нејзиниот  потпретседател Мохамед бин Бин Тавор посочи дека Катар е заинтересиран за инвестиции и заеднички партнерства и на домашниот пазар и во странство и дека таму ја вбројува и Македонија зашто имаат сознанија дека таа нуди добри услови за бизнис.

На вчерашната средба со катарскиот министер за енергија и индустрија Мохамед бин Салех Ал Сада, пак, имало сериозен интерес за можностите за истражување на наоѓалишта на нафта и природен гас во Македонија, како и за можностите за инвестиции во гасификацијата на земјата. Во идниот период ќе се извршат дополнителни технички и комерцијални анализи на деталите и модалитетите на соработка.

Претседателот на Владата на Македонија се сретна и со емирот на Катар, Шеик Хамад бин Калифа Ал Тани, кој изрази и политичка поддршка за катарските инвестиции во Македонија. Емирот позитивно ги оценил македонските заложби за привлекување инвестиции и проектите за конкретна соработка во делот на енергетиката, туризмот и градежништвото.

Премиерот Груевски е задоволен од посетата која, според него,  ги надминала и очекувањата, зашто и од средбите со претставниците на компаниите, но и со премиерот и емирот на Катар, бил забележлив голем интерес и политичка волја за инвестирање во Македонија.

– Интересот ќе треба да се конкретизира и со доаѓање на специјална делегација од Катар која ќе има единствена задача да ги анализира проектите и да се донесе одлука во кои од нив би почнале инвестиции, изјави Груевски.

Ова е прва официјална посета на македонски премиер во Катар и е надоградување на односите меѓу двете земји,  кои почнаа да се интензивираат минатата година, кога емирот на Катар престојуваше во Републка Македонија.

Во македонската делегација во Катар се и вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, министерот без ресор задолжен за привлекување странски инвестиции Бил Павлески и директорот на Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони Виктор Мизо.

Newsletter
Sign up for our Newsletter
No spam, notifications only about new products, updates and freebies.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *