изборПревземено

Вечна филозофија на хаосот

.

ВЕЧНА ФИЛОЗОФИЈА НА ХАОСОТ

од Тимоти Лири

Во овие илјадници години стана очигледно дека основна природа на универзумот е екстремната комплексност, необјаснивиот неред – таа таинствена, заплеткана величина популарно позната како Хаос.
Поетичните Хиндуси веруваа дека универзумот е приспивен танц на илузијата (maya). Парадоксалните, психо-логични Будисти зборуваа за празнина, премногу комплексна – можеби еден трилион пати покомплексна од човековите можности да ја дофати и сознае со својот А-Б-Ц-1-2-3 систем за процесирање на зборови (ум).
Кинескиот поет-филозоф ЛаоЦе зајадливо нѐ потсетува дека тао е постојано променлива комплексност со брзина на светлината, недостижна и недофатлива за нашите прсти и палци кои работливо ги испишуваат буквите врз нашата алфанумеричка тастатура и умствените оперативни системи.
Сократ, тој горд, самоуверен Атински демократ, индискретно се избрза откривајќи ја опасната вистина со зборовите: “Целта на човечките суштества е да се спознаат себеси”. Ова без сомнение е најсубверзивната парола што се виори над вековите хуманост, најпредизвикувачката налепница врз нивните невро-авто-мобили.
Индивидуалистичкото мислење е првиот грев на Јудео-Христијанско-Исламската Библија. Тоа ги саботира обидите на авторитетите да го средат хаосот.
Првото правило на секој закон-и-ред систем е да ги тривијализира-демонизира опасните поими како што се Јас, Индивидуални цели и Индивидуално знаење. Да се мисли со сопствена глава е ерес, предавство, бласфемија. Само ѓаволот и сатаната го практикуваат. Креативното мислење, “залагањето за нешто”, станува капитален криминал. Важи правилото “Пет лични грешки и исфрлен си”, за стотици илјади Протестантски  отпадници за време на Инквизициите на Римското папство – да не го заборавиме палењето на вештерките изведувано од страна на Протестантите кога тие го преземаа раководењето со одделението за контрола на Хаосот.
Сѐ е многу едноставно за чуварите на законот и редот. Тие се бесмртни богови и божици таму горе, во Големата заедница на Олимп. А овде сме ние – безвредните смртници, робувајќи наоколу, овде долу, во евтино изнајмените живеалишта. Концептот на индивидуи со право на избор и идентитет делува сосема лудо, ужасен кошмар – не само за авторитарните бирократи, туку и за здраворазумските либерали. Хаосот мора да биде контролиран!
Стандарден начин да се припитоми и одомаќи невозможната комплексност што нѐ опкружува е да се изумат неколку “бајковидни, самовилски” Богови, колку поинфантилни толку подобри, и да се постават неколку детски правила: Почитувај ги мајка ти и татко ти, итн. Правилата се едноставни и логични. Пасивно покорувај
се. Моли се. жртвувај се. Работи. Верувај.
И потоа, Слава им на досадните, не дозволувај ги тероризирачките идеи на индивидуалците што се мотаат наоколу во овој бесмислен несреден универзум, обидувајќи се самите да создадат некакво индивидуално сопство.
ХАОС ИНЖЕНЕРСТВО
Првите инженери на Хаосот можеби се Хинду мудреците кои создадоа метод за ракување со мозокот наречен Јога. Будистите создадоа еден од најголемите “направи сам” прирачници за ракување со мозокот: Тибетанската книга на мртвите.
Кинеските Таоисти развија учење за препуштање на она што тече – не-закачување за структурите на идеите, постојано менување и еволуирање. Пораката е: Биди кул. Не паничи. Хаосот е добар. Хаосот создава неограничени можности.
Небулозната Сократовска идеја Стори го тоа сам, што ја создаде модерната демократија, е практична, здраворазумска, разиграна Атинска верзија на Хинду- Будистичката-Таоистичката јога. А се сеќавате ли до каде овие будалштини ги доведоа Индија, Тибет, Кина? Знаете каде!
Најопасната идеја е оној лудачки, мегаломански поим ЗНАМ – што го дефинира робувачкото човечко суштество како мислител. Нечуена дрскост!
Робот е поттикнат да стане филозоф! Слугата тежнее да биде психолог! Потенцијален јогиски мудрец!
Оваа ерес е претходница на подоцнежното прогласување на атеистичките еволуционисти како Лине и Дарвин, дека нашиот супер-шимп вид всушност е Фемина (Хомо) сапиенс сапиенс.
ХАОСОТ ОДНАДВОР
Со векови постоеше фанатично табу против научните сознанија. Зошто? Заради стравот од Хаосот. Фактите за нашето (наизглед) безначајно место во галактичкиот танц се толку навредувачки за контролирачките фрикови кои се обидуваат (така мажевно и ревносно и сериозно) да раководат со Хаосот што забрануваат
секаков интелигентен обид да се погледне таму надвор и да се согледа славната комплексност.
Во еден момент, средствата што ја менуваат свесноста како што се микроскопот и телескопот беа криминализирани од истите причини заради кои подоцна се забрануваат психоделичните растенија. Тие ни овозможуваат да ѕирнеме во делчињата и зоните на Хаосот.
Галилеј беше измачуван а Бруно заврши во Ватиканската микробранова печка поради тврдењето дека Сонцето не се врти околу земјата. Религиозните и политичките Хаос-фобичари, природно, сакаат убавиот, уреден, лагоден универзум да се склопчува околу нив.
Во последниот век науката разви технички проширувања на човековиот сензорен апарат коишто ја потврдија вистинската сенишна природа на комплексноста во која живееме. Ѕвездената астрономија опишува еден универзум на фантастична разновидност: стотици билиони ситни ѕвездени системи во нашата мала галаксија, стотици билиони галаксии во нашиот малечок универзум.
ХАОСОТ ОДВНАТРЕ
Во последните децении на 20-ттиот век, научниците започнаа да ја проучуваат комплексноста во внатрешноста на човековиот мозок.
Хаос!!!
Излезе дека мозокот е галактичка мрежа од стотици билиони неврони. Секој неврон е информационен систем комплексен како компјутер. Секој неврон е поврзан со десет илјади други. Секој од нас е опремен со универзум од неврокомплексност недостижна за нашите алфанумерички умови. Оваа моќ на мозокот од една страна е најпонижувачкиот факт на нашето актуелно незнаење, а од друга, најблескавата перспектива на нашата потенцијална божественост – кога еднаш ќе започнеме да учиме како да управуваме со нашите мозоци.
ХУМАНИЗАМ: НАВИГАЦИОНЕН ПЛАН НА ИГРАТА
Теоријата на хаос ни овозможува да ја вреднуваме нашата задача: разбирање,уживање и славење на волшебната природа на целиот универзум – вклучувајќи ги тотално лудите парадокси внатре во нашите мозоци. Активирањето на таканаречената десна мозочна хемисфера ги елиминира последните табуа околу разбирањето на Хаосот и обезбедува практична основа за филозофијата на хуманизмот – поттикнувајќи нѐ да се здружиме со другите за да создадеме наши сопствени верзии на Хаос.
… Во 1950-тата година, скромниот црно-бел телевизор го означи раѓањето на електронската култура. Одеднаш, луѓето развија електронска технологија и знаеја како да ракуваат со мозокот и да го репрограмираат умот. Невролошката ситуација е оваа: Јазичните патеки се втиснуваат во мозокот меѓу третата и осмата година. Медиумот што се користи дома ќе го форматира мозокот на овие деца. Лингвистичките психолози (Ноам Чомски, Пијаже) покажаа дека јазиците се вградуваат за време на овој краток прозорец на вулнерабилност или спремност. Ова значи дека домашните медиуми што семејството ги користи ќе ги форматираат датотеките на процесирање на мислите (десната хемисфера) на детето. Промена на умот (реформатирање) може да се случи само во услови што ја дуплираат “домашната култура”.

 

Newsletter
Sign up for our Newsletter
No spam, notifications only about new products, updates and freebies.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *