-од Софија Тренчовска –
1
Ингениозниот собирач и запишувач на народни приказни Марко
Цепенков со својот богат собирачки опус од над 700 приказни се одвојува од
другите собирачи на народни умотворби најмногу по својот оригинален пристап
во приказната да вметне нешто свое. Марко Цепенков не е обичен собирач,
запишувач и регистратор на народните приказни. Тој умеел приказните стилски
и композициски да ги дотерува, но притоа не се оддалечувал од народната
традиција. Кирил Пенушлиски вели дека во своите лични творби Цепенков
главно избирал теми со поучителен и морализаторски карактер. Но, тешко може
да се направи разлика меѓу народните приказни и личните творби на Цепенков,
затоа што тие не се разликуваат многу, ниту стилски, ниту јазично. Затоа и
двата вида можат да се сметаат за народни умотворби.
Марко Цепенков во својата Автобиографија дава податоци и за својата
фолклорна дејност и за постапките во начинот на бележењето на народните
умотворби. Тој ја открива „тајната“ на својот креативен пристап во
обликувањето на собраните умотворби, бидејќи неговите интервенции, сеедно
свесни или спонтани, секако можат да се оквалификуваат како креација.
Понекогаш поминувале и по неколку месеци додека да ја обликува слушнатата
приказна. Не секојпат имал време во моментот да ја запише приказната, па ја
пишувал по сеќавање. Иако тврди дека секоја слушната приказна ја запомнувал
„како со инка да му била турена в глава“, сепак признава дека чинел „пиши, па
бриши“.
Овој податок најмногу зборува за способностите за инвентивност и
раскажувачка слобода која ја имал Цепенков при обработката на собраниот
материјал.
Најпознатата приказна Силјан Штркот, за којашто Влада Урошевиќ
смета дека претставува негов прв автентичен раскажувачки обид, се одликува со
посебна раскажувачка постапка, инвентивност и креативност. Во однос на
народните приказни запишани од Цепенков овие текстови се во многу поголема
мерка индивидуални. Нивниот тон не ја следи линијата на народниот
раскажувач во поглед на изнесувањето на дејството, туку забележлив е мошне
често личниот став на авторот.
Во своите истражувања Митко Маџунков наоѓа сличности меѓу
приказните Благодетелниот господар од Исток и ослободениот роб и Силјан
Штркот. Од оваа приказна Цепенков ги искористил истите симболи, а
изградил нова приказна. Постојат повеќе моменти што се совпаѓаат: момчето
тргнува на аџилак (што претставува предвестување на неговиот нов живот),
потонувањето на гемијата, излегувањето на суво, каењето и духовното раѓање
на Силјан. Благодетелниот господар… зборува за судбината на човекот од
раѓањето до смртта, Силјан Штркот зборува за судбината на единката кога ќе
се оддели од матицата и за нејзината духовна преобразба.
Во приказната за Силјан Штркот е вткаена параболата за враќањето на блудниот син. Извесни
сличности се наѕираат и во приказната под бр. 225: И во штркоо седало коа
сака Госпо, дава,
кадешто имаме исто така еден мрзлив и непослушен син, кого
ќе го пратат во туѓина да се опамети и да почне да печали. Но, неговата среќа ќе
се покаже на само неколку чекори од од неговиот дом, кога во едно штрково
седало ќе најде богатство и ќе се врати дома, без да замине во туѓина на
печалба. Овде процесот на промена е прекинат и не доаѓа до преобразба на
личноста.
Марко Цепенков приказната за Силјан Штркот ја чул од татка си, но во
кој вид – денес не е можно да се утврди. Бездруго, постоела основната фабула:
старата легенда за непослушниот син, кој се побунил против својот татко –
олицетворение на колективниот морал и традиционалните вредности – за
синовата одисеја и неговото повторно враќање во пазувите на народот, од кој
порано избегал, развивајќи ја сега приказната на колективот и осознавајќи ја
како своја сопствена стварност. Секако, Цепенков многу нешта му додал на
основниот скелет: негови се, бездруго, реалистичките слики од селскиот и
градскиот живот, толку карактеристичниот актуелен социјален момент на
напуштање на селата и одење в град, адетите и мачниот живот по полето и со
добитокот, истенчената психологија на ликовите, односот меѓу свекрвата и
снаата, дедото и внукот, свадбата на Босилка. По сè изгледа, Цепенков самиот ја
проширил фабулата, правејќи ја сложена и богата, полна перипетии и
препознавања, како во античките драми; а, без сомнение, внесол во неа и
елементи од некои други приказни.
Од симболите што се среќаваат и во двете приказни, особено се важни
оние коишто ги сугерираат раѓањето (низ преживеаните маки, низ општeството)
и преобразбата. Во Силјан Штркот, се разбира, станува збор за духовното
раѓање и моралната преобразба: „Ах, ти Боженце, и ти златна Богоројце! Ви се
молам, душата да не ми ја земите, дури не се сторам пак чоек…“
продолжува