Коментари

Сестра Макрина – „Бегалци“

„Бегалци“

 

На мојата мајка, Деспина, депортирана 1948

 
Мислам дека непријателствата меѓу два (или повеќе) народи, се создаваат вештачки, односно дека се в-метнати, у-метнички. Иако луѓето, (оние коишто кога ќе се соберат на купче се викаат народ), мислат дека нивните политички ставови се нивен личен избор, слободен и природен а со тоа и оправдан, односно тешко би се откажале или би смениле некаква своја смерница, сепак, тоа се насоки во мислењето на луѓето коишто се генерираат од политичките центри, центрите на моќта и на власта. Значи една помала група на луѓе го одредува начинот на кој ќе мисли (и чувствува), а потоа и „сака“, т.е. делува – масата народ.
Оваа мала група на луѓе е таа којашто во своите раце ја држи четката на уметникот и со своите потези ја  „црта“ историјата на својот народ, „генот“ на којшто му припаѓа, одредувајќи ја со тоа политичката географија на својата држава. Себеси се сметам за поединец којшто избрал да го има правото да не мора секогаш да се согласува со мислењето (за одредено нешто) на мнозинството, па и на малцинството, туку да ги истражува можностите за поинаквото мислење.
Истражувајќи во областа на егзодусот, фокусот на моето внимание се задржа на issue–то наречено болка. Она што се случувало во пресекот на овие две множества, (македонско односно грчко), симболички не случајно раздвоени со граничен премин Мала Богородица, во изминативе векови, особено во последниве стотина години, е приказна којашто е сè уште прилично жива, размрдана и со своите метаболички процеси непрестано ја ажурира колективната свест подеднакво силно како и колективното несвесно, во зависност од тоа како кон стварноста (или она што ние мислиме дека е стварност), пристапуваат етничките заедници коишто ги населуваат овие простори.
Значи, болката. Руми вели: минатото и иднината го прикриваат Бога пред нашите очи, и едното и другото изгорете ги со оган…
На страдањето му е потребно времето, тоа не може да преживее во сегашниот миг. Историјата е секогаш некакво заложничко патување низ времето, било минато или идно, таа е штитот што го затвора влезот во сегашноста. А сегашноста е единственото место на овој свет каде што божјото присуство му се објавува на Човекот! Значи, колку повеќе луѓето ќе „го губат своето време“ во егзилот на болката, толку помалку ќе го имаат за да бидат присутни во сегашноста, во смисла на простор каде што занимавањето со „себеси“ го активира процесот на индивидуација, процесот на исцеление, којшто не е ништо друго освен внимателно гледање и слушање на тишината на сопственото битие.
Обично, во историските премрежиња, особено во пресеците на две етнички заедници, се случува “неправдата“ да ги зафати и едните и другите подеднакво – па така, тоа што едните го сметаат за неправда којашто им е нанесена од другите е истата онаа што тие самите им ја имаат нанесено на истите тие „други“. Ова пресликување на себеси во Другиот (особено во неговиот негативен аспект), е синдромот на условеност од несвесното, којшто е примарно својство на паднатата човечка природа. Паднатоста го прави постоењето да има одлики на длабок сон, една заспаност во континуитет, при што силната болка обично ја има улогата да го иницира Будењето. Будењето на свеста значи наеднаш, окото на душата да почне да ја перцепира стварноста низ поинаков спектар на светлина.
Зошто волку увод? Можеби заради тоа што основната одлика на денешните општества и цивилизацијата општо, е токму глорификација на болката: патолошкиот пристап кон животот се смета за легитимен и се негува како главен културолошки образец, за да може полесно да се има контрола врз она што НЕ МОЖЕ да се контролира, а тоа е самиот живот. Овој парадокс на случувањата особено во областа на политиката, најпластично се манифестира во настанот на војната, кога луѓето се принудени да се убиваат себеси, и во тоа крешчендо на бесмислата да се реализираат во промашувањето, т.е. како суштества коишто можат да уживаат единствено во болка. Навлекувајќи ја на своето лице маската на мазохизмот, човекот конечно успева колку-толку да здивне од притисокот на општествените обрасци врз него – отслужување на воениот рок, плаќањето на данокот, и сл., или според формулата на т.н. маж-папучар – ќе мијам садови, ама нема да пеам! Меѓутоа, ова непеење потоа резултира со опасноста од потиснатиот (условен) рефлекс на агресијата (омразата), којшто кога-тогаш ќе се произнесе како соодветен политички став, партија, движење, револуција и т.н., наоѓајќи начин за суптилен трансфер во варваризам, како обичен издувен вентил на инстинктот за опстанок. Сите ние сме задоени со приказните на нашите дедовци коишто добар дел од својата младост ја поминале во шума, како залог на традицијата на „жртва“. Идеалот на герилците бил слободата, погрешно или наивно поистоветена со некаква промена на одредени надворешни околности – со свест дека слободата е внатре, во внатрешниот порив на човекот да се осознае себеси, начинот на којшто постои и е присутен во овој свет. Паролата „биди Ти промената што сакаш да ја видиш во светот“, не е само изветвена антивоена парола, туку поскоро упатство за тоа дека единствено ослободувањето од болката ѝ дава опиплива димензија на слободата.
Во христијанската антропологија, коренот на болката е во страстите на паднатата природа. Преобразувањето на овие страсти е можно само со пре-откривањето на божественото потекло на човекот, со неговото обоготворување. Срцето е местото на случување на оваа заедница, на богочовечноста.
Во центарот на Скопје, „мојот роден град“, во Жена паркот наспроти градското собрание, постои еден споменик посветен на децата бегалци. Јас веднаш до него би изградила уште еден споменик, на простувањето. И уште еден, на преобразувањето. Воздухот што го дишам е споменик на животот, на постоењето. Треба да се дише свесно, со полна плуќа.
Каде е споменикот на родителите на тие деца, оние коишто биле втурнати во ситуација да им ја прибават ваквата „судбина“ на своите беспомошни копии? Во планините, во шумите, или во собраниските канцеларии и во парламентарните надмудрувања и препукувања? Сеедно, кога босоногите дечиња ја претрчуваат границата осудени да бидат жртва во приказната, се активира личната програма на пеколот на тие деца, коишто потоа целиот живот, ќе се обидуваат да избегаат од тој пекол. Тоа се вика синдром на бегство. Политиката никогаш нема да ги поучува луѓето како да се справуваат со овие синдроми. Како да го надвладеат пеколот. Не, таа ќе ги менаџира на смрт преплашените и преку тој страв ќе се обидува да владее со географијата и историјата, како ресурси на својата моќ. Затоа мојата „старамајка“ кога ги гледаше партизанските филмови во поствоена СФРЈ имаше обичај да рече: „Светот гори!“
Човек мора да си прости себеси и на другите. Мора да изнајде начин – свој личен, сопствен, единствен и неповторлив начин, да го стивне и сосема да го изгаси огнот на својот приватен пекол, и да престане да бега од себеси! Еднаш сме протерани од Рајот. Секоја преживеана болка е само повторување на лекцијата и тафтологија на оваа архетипско о-двојување. Одвоени од себеси, одвоени од Бог – тоа се координатите на Егзилот на оваа планета!
И сè додека трае човековото незнаење, болката легитимно ќе си го наплатува својот данок. Себепознанието не е привилегија само на оние од околината на Делфи, туку копче за деактивирање на програмата на одвоеност на човекот од Бога! За тоа време, театарот на патувачката болка ќе се сели од град во град, од држава во држава… И космосот никогаш нема да биде фер. Доаѓајќи овде, паѓаме во себезаборав и заборавајќи на своето божествено потекло се поистоветуваме со формата. И затоа е битно излезот од болката да не го бараме во кон-формизмот (стравот кој ја потиснува болката), туку во свесно прифаќање, преобразување и преумување! До Воскресение. Оти Божјата Љубов е прапричината за Сè.
 

Time present and time past
Are both perhaps present in time future,
And time future contained in time past.
If all time is eternally present
All time is unredeemable.
What might have been is an abstraction
Remaining a perpetual possibility
Only in a world of speculation.
What might have been and what has been
Point to one end, which is always present.

Т.С .Елиот

 

Сестра Макрина

Newsletter
Sign up for our Newsletter
No spam, notifications only about new products, updates and freebies.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *