Коментари

Турски серии и други лесни дроги

Султан Сулејман или Модести Блејз? Текс Вилер, Шехерезад, Мирјам, Алан Форд, Неџла… Некој ќе рече не може сè во истиот директориум, ама може во истата папка..

Дали виртуелното дружење може да го замени тридимензионалното трошење време во забавните паркови на Дизни? Дали сетилото за допир полека но сигурно закржлавува вклучително соодветните мозочни центри задолжени за таа функција? Што е тоа толку волшебно во профилот на фејсбук што успеа да создаде најмасовна зависност на жителите на планетата земја ever? Практичноста? Лесната достапност? Припадноста, па макар кон имагинарна група?
Дали се работи за фаза во развојот која со тек на времето се надминува или станува збор за нова дрога од која човек не може да се одвикне на друг начин освен со нејзино заменување со друга, на повисоко ниво, пософистицирана?
Спаѓа ли овде и магијата на турските популарни серии? Станува ли збор за тоа што во далечното минато било функција на театарот: можеби на прв поглед непрепознатливо, но се чини дека тоа што во антиката го правело гледалиштето, имено предизвикувањето еден вид катарза кај публиката кога со особено силните емоции на страв и жал со кои се поистоветувал гледачот (во трагедиите), се ослободувал од нив та, по гледањето на претставата се чувствувал олеснето, прочистено и ослободено од истите чувства во себе…
Ќе да е близу до умот да се има едно такво согледување за моќта што турските серии ја имаат врз мноштвото гледачи во моментов во нашето општество и пошироко.

Стратегија

Голем дел од населението преку ноќ станаа фанови на „1001 ноќ“, „Лисјата паѓаат“, „Долина на волците“… без оглед на возраста, полот, професијата… Турската империја уште еднаш го освојува Балканот, овој пат со шармот на преубавите актерки, со вештата режија, со фантастичната сценографија, и секако, со музичкиот дел, со онаа карактеристична, опојна, нам толку блиска мелодија која пее за болката, за длабоката човечка, блиска на секоја душа, болка како неразделив дел од животот на обичниот и необичниот човек. Во голема мера сценаријата се занимаваат со реалниот живот и особено е интересен начинот на кој се испреплетуваат социјалните слоеви – „сиромашните“ се постојано во допир со „богатите“, и посебно е интересно дека речиси сите што глумат богати по правило се многу великодушни, хумани, сочувствителни со сиромасите. Нема касти, туку има луѓе…
Гледајќи ги овие ликови може многу да се научи за една религија што секогаш ни била на дофат на раката (комши-капиџикот), но никогаш не сме посегнале да ја допреме – собуените чевли во дворот на Мустафа-пашината џамија секогаш беа задолжителната поставка во декорот на мултикултуралната зададеност, а не близок, препознатлив и драг гест на комшијата кој одамна го пробил стереотипот на „освојувач“, делумно и во својот егзотичен молитвен ритуал кој пред сè претполага чистота на стапалото…
По изгледаната епизода – долина – сенки – врби – муслиманите се луѓе со исклучително високи етички принципи, луѓе за кои семејството, жената, бракот, децата се светиња и тие се секогаш спремни да сторат сè на браникот на својата светиња. Ако тоа и не била намерна или свесна стратегија на оваа нова, но сега веќе високо развиена уметничка (филмска) индустрија на турската држава, таа е веќе многукратно постигната, кај голем дел од консументите без муслимански бекграунд во смисла на религиозна определба.
Од технички аспект, сериите се совршени. Од драматуршки аспект, тие обработуваат теми што му се многу блиски на менталитетот на нашиот народ.
Препознавање

Да речеме, сплетот нации, во рамките на јужнословенските држави под едно знаме од втората половина на дваесеттиот век, растеле со Kоџак, но и со Јаношик, со неизбежните случувалки на лосанџелската полиција и фаталната Енџи Д. во Police Woman, со Грдиот Хари и гратчето Пејтон, а пак, во осумдесеттите – тоа што сега го прави турската продукција на нашиве простори, тогаш го правеше англоамериканската – од една страна серијалот „Династија“, а од друга почетокот на хиперпродукциската митологија за урбаниот натчовек облечен во костимот на Супермен, Бетмен, и слични, а како серијали – оние на работ на здодевност, N.C.I.S., или еден куп такви за работата на приватните детективи, за форензичари, ФБИ, сè до сублиматот на овластениот да убива во име на тајните служби, еден Бонд, Џејмс Бонд. Сето тоа набиено со многу акција, со многу пукање, бруталност и малку хумор.
За разлика од нив, овие пакети на турски серијали изобилуваат со патетика. Тоа е тој момент на театралност, патосот на трагедијата кој кореспондира со длабокото несвесно на индивидуата (но и на колективот), и во зависност од дејствието (драмата), деејствува катарзично, што ќе рече – прочистително. Изобилство од чувства. Kрупни кадри на човечки лица и многу експресивност. Видлива драма на борбата на доброто и злото и страдањето што оваа борба го носи со себе. Се разбира дека на балканскиот менталитет и особено „емотивитет“ многу повеќе му погодува понудата на современата турска филмска продукција, каде што публиката си го плакне окото со преубавата турска жена, а пак, увото со бескрајно убавата музика – „класична турска“, одошто на бледите сценарија за њујоршката полиција којашто во вечната потрага по мистериозниот сериски убиец по улиците на градот постојано предизвикува целосна девастација со изобилство од експлодирани автомобили, непрекината закана од терористички напади или поблага варијанта, вонземјани и трета светска војна, запалени трамваи, метроа кренати во воздух само затоа што на Мајкл Даглас банкарскиот службеник не му се насмевнал со доволна доза љубезност…
Тука некаде може да е референтна аналогијата со медиумот на книгата, школската лектира како задолжително летно четиво, потоа местото на т.н. љубовни викенд-романчиња, како и едно особено важно супкултурно случување – стрипот. Султан Сулејман или Модести Блејз? Текс Вилер, Шехерезад, Мирјам, Алан Форд, Неџла… Некој ќе рече не може сè во истиот директориум, ама може во истата папка.
Некои нови клинци

Другата страна на паричката е, секако влијанието на европските културолошки и естетски модели (уметнички и занаетски) врз тоа да се има вакви нуспродукти, вакви ТВ-серии. Интересно е колку тие серии се производ наменски направен и приспособен на европскиот начин на восприемање? За нас, Балканците ова е сосема нерелевантно во смисла на наша адаптација на консументскиот аксесоар…. бидејќи ние ја имаме ширината на обединувачкиот етос на раскрсницата кој е веќе спој на едното, и другото, и левото и десното – ние сме веќе извежбани да го намирисаме и ориенталното, топлото и зачинетото, но и ладното, европското, пробирливото и до влакно пресметано. Ете, нам ни се паднала таа улога на некој кој ги обединува овие спротивности во нешто трето или барем ја разоткрива маската и на едното и на другото, откривајќи го во спротивното – нему спротивното. Практично ова би можело да биде поставено во вид на прашање – дали онаа турско-германска врска што беше особено функционална во втората половина на 20 век (ако не и порано), во лицето на турските гастарбајтери („Kамионџиите“ и југословенскиот Чкаља!), по високо развиените економски, технолошки и трговски центри во каролиншката цивилизација и татковина на Deutsche, дали тие млади Турци од мешаните турско-германски бракови воспитани и зајакнати од азилантската дисциплината и образование – се вратија во татковината со знаења и вештини за тоа како својата генетска матрица со припитомен слаткаст ориентален код да му ја пласираат на Западот со цел да го – заведат? И да му објаснат дека не станува збор за варвари….?
На пример, дали и во една Грција (особено среде холограмскиот кошмар на нејзината економска криза), оној дел од населението што има време да зјапа во ТВ-екраните, е под истата импресија на турските серии со оглед на фактот дека векови наназад била првиот политички опонент на големата исламска империја? Зет, домазет…
Дали телевизијата со својот развој во последните педесетина години успеа да ги разбие границите на тие стереотипи? Особено, пак, денес, на почетокот на 21 век кога и самата телевизија на сметка на новиот моќен медиум (интернетот) станува полека, но сигурно таков џиновски мамут кој заминува во историјата…
Барем на нашиве простори, и тоа во овие услови кога интернетот веќе сосема ги смени координатите на просторот и времето и постави нови темели во начинот на перцепцијата на стварноста, целта е и повеќе од постигната. Наеднаш, нашето петвековно ропство станува придобивка, предност и мотив повеќе да имаме позитивен пристап кон сопственото минато. Неуспешното востание сега добива нов призвук, за малку триумфален. Нема сомнение, со еден клик влегувате во царството на четвртата димензија и во понудата на можните дестинации на „Гугл“го гледате остварувањето на борхесовскиот сон, оној за кого библиотеката го симболизираше рајот, а рајот – библиотеката!
Едноставно, кога пред наши очи се случува информатичко ресетирање на новите генерации што Балашевиќ така романтично ги препозна како „некои нови клинци“ од нашето соседство, не е можно човекот на новото време да и’ одолее на оваа современа наезда на бесконечното пространство на идеи (секому достапни, се разбира). Во пакети, за само 99 денари или можеби уште поевтино! Интернетот е тој што успеа уличките на Хонг Kонг, шумите на Бразил или рудниците во ЈАР да ги помести на тротоарите зад првиот свиок. Единствената потребна алатка за ова е нашата перцепција..
ДНЕВНИК 12ти октомври 2012

Newsletter
Sign up for our Newsletter
No spam, notifications only about new products, updates and freebies.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *