Превземено

Нова Македонија: Се бројат гледачите на идната верска телевизија

Верските лидери бараат поголема медиумска застапеност
Се врши истражување на публиката и на медиумскиот пазар за потребата од формирање верски канал, на кој, покрај основните верски обреди, ќе се прикажуваат и едукативни емисии, како и филмови со верска и со историска содржина. На ова изминатиот период интензивно работи Советот за радиодифузија, кој ги зеде предвид барањата на некои верски заедници за отворање телевизиски канали, наменети за нивните членови-верници.
– Анализите ќе покажат колку и какви телевизиски програмски сервиси се потребни, по што ќе се одлучува дали ќе се распише конкурс и дали ќе се доделат нови дозволи – објасни Борче Маневски, портпарол во Советот за радиодифузија.
Оттаму неколкупати истакнаа дека сé додека не се дигитализира македонскиот етер, ќе нема слободна фреквенција за емитување црковен канал. Повеќе простор за нови телевизиски сервиси ќе се ослободи по 2013 година, до кога треба да заврши процесот на дигитализација. Според Законот за радиодифузија, верските заедници и религиозните групи може да отворат телевизии, но во овој период не постојат технички услови за нови телевизиски канали. Некои верски експерти сметаат дека петте верски заедници застапени во Уставот на државата се еднакви пред законот и затоа би било несериозно секоја црква или верска заедница да има свој телевизиски канал.
Инаку, главното барање за поделба на програмската шема потекнува од МПЦ-ОА, чии челници сметаат дека емитувањето на програмата на ТВ-каналот треба да биде поделено според големината на одредената верска заедница. Тоа значи дека емисии со православна црковна содржина треба да бидат застапени со најдолга минутажа од предвидената програмска шема.
Православните цркви во соседните, но и од подалечните земји, со години имаат свој ТВ-канал, преку кој вршат зближување на православното население, верска едукација на децата и привлекување нови верници.
Најактивна на тоа поле е Руската православна црква, но зад неа не заостанува ниту Бугарската православна црква, која пред неколку години почна со емитување на црковни вести на Интернет, а со кабелски оператор ќе почне да прикажува и ТВ-програма. Досега во Скопје и во Струмица свештеници имале свои емисии, преку кои разговарале со верниците и им делеле совети. Причина за оваа идеја е тоа што последните десетина години се зголемил бројот на традиционалните верници што ги почитуваат обичаите на своите предци, а тоа ќе им помогне и на оние што немаат никаков однос кон верата, без оглед што знаат дека по потекло се православни.
 
извор: Нова Македонија

Newsletter
Sign up for our Newsletter
No spam, notifications only about new products, updates and freebies.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *