Лоза

Ѓорѓија Пулевски

(Галичник, 1822/23 – Софија, 1893) – печалбар-ѕидар, комита, доброволец во Српско-турската и војвода во Руско-турската војна, востаник и војвода во Кресненското Македонско востание, но амбициозен автодидакт – учебникар, лексикограф, граматичар, историчар, поет и собирач и објавувач на народното творештво и преродбенски идеолог на македонското национално будење и револуционерно ослободително движење.
Во комитското движење во Македонија навлегува по 1847 г., а по печалбата во Романија, доаѓа во Белград и како „прв наредник на понтонерска чета”, заедно со четата на Иљо Малешевски, зема учество во борбите со турскиот гарнизон (1862–1863). Собира лексички и други материјали по Северозападна Македонија и го објавува во Белград првиот македонско-српско-албанско-турско-грчки речник (1873), а по две години и вториот речник од три јазика (словеномакедонско-албанско-турски), каде што првпат ја изложува македонската национална идеологија, декларирајќи дека „и Македонциве се народ и местото нивно е Македонија”, дека „Нашето отечество се велит Македонија и мие се именуваме с.Славјано-Македонци” и дека „македонскиот јазик е најсроден со црковнославјанските книги и тој је старославјански”. Во тоа време ја предлага за објавување (1875) и првата верзија на граматиката („Речница”). По учеството во Српско-турската (1876) и во Руско-турската војна (1877–1878), со својата чета како авангарда на руските војски стигнува до Пијанечко во Источна Македонија. За учеството и храброста добива орден „Св. Ѓорѓи” и светлобронзов медал, како и сабја од рускиот император и е назначен за управник на Тројан и потоа на ослободениот Ќустендил.
По Берлинскиот конгрес (1878), кога само Македонија и е вратена на Турција и беше предизвикано Кресненското Mакедонско востание (1878–1879), тој се вклучува како војвода и член на Воениот совет и останува последен на борбените позиции (1879). Незадоволен од резултатите на ослободителното движење, се стационира во Софија (со сопругата и двете деца, како и со децата од убиената сестра), и се оддава на собирачка и творечка дејност. Сепаратно ја објавува првата револуционерна поема на македонски јазик Самовила Македонска (1878) и првата дводелна стихозбирка на македонски (со свои и народни песни) „Македонска песнарка” (1879). По една година е напечатен и првиот дел од учебникот „Слогница речовска”(1880) што претставува прва печатена граматика на македонскиот јазик. Долго работи врз подготовката на ракописот „Јазичница”, а ја завршува и обемната „Славјанско-Mакедонска општа историја” (1892) што претставува прва историја на македонскиот народ од Македонец и најобемно дело на македонски јазик до Ослободувањето.
Приврзаник на идеологијата дека и античките Македонци биле Словени, особено внимание посветува на историјата на македонската династија и посебно на Филип и на Александар, создавајќи ја и првата македонска верзија на „Александридата”. Не се пронајдени неговите најавени ракописи: Родословница, Речница, Народна песнословница, Смисленица и Обичаи и песни југословенски.
Како претходник и современик на „лозарите”, ја организира првата позната книжевна асоцијација Словенскомакедонската книжевна дружина (Софија, 1888) што имала цел „да ја прероди народната македонска литература”. Со своето учебникарско, лексикографско, филолошко, литературно и историографско национално дело и со учеството во војните и во востаничко-револуционерното движење Пулевски стана меѓник меѓу две епохи од македонската историја: ги набележа националните задачи врз основа на културно-историското наследство, ги истакна потребите на својата современост и очекувањата за иднината на Македонија.
– МАКЕДОНСКА ЕНЦИКЛОПЕДИЈА – МАНУ, Скопје 2009

Newsletter
Sign up for our Newsletter
No spam, notifications only about new products, updates and freebies.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *