Тајната на Олимпија од Паскал Камбуровски

Големата измама на Олимпија

Ковчегот со телото на Александар заедно со многубројните подароци за Олимпија биле донесени до пристаништето Сидон, од таму со брзи кораби под лична команда на Пердика, однесени во Пидна, а од таму со коњски запреги и со натоварени маски пристигнале во светиот град на Молосија – Додона, каде престојувала Олимпија. Ова е почетокот на големата измама на Олимпија која трае до денешно време

Сега главна мисла на Олимпија била како да го сочува ковчегот со балсамираното тело на Александар и како да го спаси од натрапниците. Таа мисла не и давала мир на душата.
Не можела да го замисли погребот на Александар сé додека бил жив Антипатер и неговиот син Касандар. Морала да смисли нешто, со што ќе ги надитри сите. Нешто, што никој не ќе можел да ги открие нејзините намери. Прв потфат во таа насока била идејата да го одложи погребот на Александар за 18 години, односно до крунисувањето на нејзиниот внук за цар на Македонија. Тој ден сакала да го дочека. Тоа била целта на нејзиниот живот. Од сé срце посакувала внукот да го наследи татко си, да го сочува и зацврсти царството и да и ја врати славата на Македонија. Но, за да и се оствари оваа желба најпрвин требала да го има ковчегот на Александар при себе. Олимпија не можела да се смири сé додека ковчегот не биде донесен кај неа.
Единствен човек кој можел тоа да го направи бил Пердика, кој ја вршел должноста регент, односно, кој го заменувал царот и бил одговорен за безбедноста на царското семејство.
Пердика со помош на братот на Роксана, Итан, подготвиле дупликат на излеаниот златен ковчег и во исплетен кош, заедно со подароците на Александар за мајка си, бил донесен во царската палата каде престојувала Роксана. Палатата била чувана од најдоверливите офицери на Пердика.
Три месеци откако било балсамирано телото на Александар било ставено во подготвениот златен ковчег. Ковчегот со балсамираното тело на Александар бил донесен во палатата и деноноќно бил варден од стражари на Пердика. На Пердика не му било тешко заедно со Итан во одредени околности да ја изврши замената за која не знаела ниту Роксана. Ковчегот дупликат за да не предизвика сомневања бил исполнет со мед. По една година кога било направено и погребното возило, ковчегот дупликат бил ставен во него. Погребното возило со ковчегот биле сместени во специјално подготвена сала за вежбање. Сите прозорци и врати биле соѕидани. Оставена била само потребната вентилација. Оваа мерка требало да трае до тргнувањето на погребната поворка кон Македонија.
Ковчегот со телото на Александар заедно со многубројните подароци за Олимпија биле донесени до пристаништето Сидон, од таму со брзи кораби под лична команда на Пердика, однесени во Пидна, а од таму со коњски запреги и со натоварени маски пристигнале во светиот град на Молосија – Додона, каде престојувала Олимпија.
Ова е почетокот на големата измама на Олимпија која трае до денешно време.
Сега на Олимпија и останало со иста мајсторија и во апсолутна тајност да го сочува ковчегот. Нејзиниот ум работел беспрекорно. Се договорила со Пердика тој како регент да се пресели во Пела и од тука да управува со царството. Таа меѓу другото му предложила и брак со ќерка си Клеопатра за на тој начин да се дојде до поблиски фамилијарни односи. Планот бил совршено исправен за Олимпија, зашто на тој начин ќе било заштитено семејството на Александар и целото царство. За да се врати во Македонија на Пердика му била потребна силна војска, а тој ја немал, затоа требало да ги среди односите со управителите на покраините, да ја зајакне разлабавената дисциплина и послушност и така да тргне кон Македонија.
Намерите на Олимпија и Пердика ги намирисал Антигон Едноокиот -управител на Мала Азија и побрзал до Пела да го информира Антипатер со своја верзија на настаните – дека Пердика со војската и флотата на Птоломеј има намера да пристигне во Македонија и да ги собори од власт Антипатер и Кратер.
Антипатер и Кратер без подолго размислување го прифатиле објаснувањето на Антигон Едноокиот и со силна војска тргнале кон Вавилон против Пердика. Несреќата сакала при првиот судир со кападокиската коњаница која била предводена од Евмен, приврзаник на Олимпија, да загине Кратер, еден од најистакнатите генерали на Александар.
Во тоа време Пердика преземал мерки за да го помине Нил. Со себе ја имал царската гарда, составена од 3.000 војници, наречена „Сребрени штитови“. Целта на Пердика била да се договори со Птоломеј, односно, да ја преземе флотата со многубројната војска и да се упати кон Македонија. Но, пред да го преплови Нил, според Диодор, бил извршен атентат врз него од платеници на Пејтон, Антигон Едноокиот и Селевк, и така дошло до погубување на уште еден херој од походите на Александар, тогашниот главен командант – Пердика.
извор: НОВА МАКЕДОНИЈА

Newsletter
Sign up for our Newsletter
No spam, notifications only about new products, updates and freebies.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *