Овчеполската котлина претставува посебна област во средишниот дел на Балканскиот полуостров. Лежи во сливот на Светиниколска река, десна притока на Брегалница. Околу Овчеполската котлина се наоѓаат други соседни области: масивот Осогово на североисток, Кумановско – прешевската долина на север, Скопската котлина на северозапад, Велешката котлина на југозапад, долниот дел од сливот на Брегалница на југ, сливот на Злетовска река и Кочанската котлина на исток.
Границите на Овчеполската котлина се јасни. Од јужна страна е ограничена со Богословскиот гребен. На него се врвовите Иланџи (662м), Богословец (756м) и Лозјански рид (579м). Овој гребен е пробиен со клисурата на Светиниколска река кај селото Аџибегово.
Источната граница воглавно е определена со делот меѓу Светиниколска и Злетовска река. Таму најголемите висини се Рујан (701м), Каменита струга (691м) и Џелебинско трло (732м).
Најголемите височини на север се Асаница (875м), Перша (702м), Градиште (790м) и Островица (666м).
На запад е пределот помеѓу Светиниколска река и Вардар. Тука се висините Курел (690м), Облазница (598м), Градиште (856м), Свињиште (612м), Чучурли баир (597м) и Барутница (517м).
Според тоа, Овчеполската котлина е од сите страни ограничена од гребени и накосени ридови, кои ја сочинуваат изразената природна граница. Единствено на некои места помеѓу нив земјиштето е ниско и границите се неодредени. Прво такво место е на југоисток помеѓу селата Криви Дол и Сарчиево. Тука Овчеполската котлина е тесно поврзана со блиската околина на Штип.
Друго место каде што границата е слабо одредена е на југозападната страна, кон Велешката котлина. Таму има ниска накосина на која што лежи селото Каратманово со својот атар.
Третото место каде што границата е неодредена се наоѓа на север, во близина на селото Павлешенци. Тука се наоѓа ниска долина која ја спојува Овчеполската котлина со Кумановско-прешевската долина.
Овчеполската котлина, во границите наведени погоре, има околу 670 квадратни километри. По своето пространство, таа спаѓа во средно големите котлини на Македонија. Областа главно се протега од север кон југ. Долга е 32 километри. Ширината во одредени делови е нееднаква. Најголемата ширина е на линијата повлечена преку селото Врсаково на исток и Милино на запад – 26 километри.
Најголемите висини на Овчеполската котлина се наоѓаат во нејзините гранични делови. Нив ги споменавме при определувањето на природните граници. Висините се снижуваат од крајните делови кон средишните области на котлината. Најниско е околу течението на Светиниколска река близу селото Делисинци – 231 метар. Според тоа, разликата во висината помеѓу највисоката и најниската точка е 644 метри.
Доколку Овчеполската котлина се погледне во целина, паѓа во очи дека таа се дели на три одделни терени, секој со посебни карактеристики. Оваа констатација е важна не само за физичко-географски проучувања на областа, туку и за правилно разбирање на антропогеографските одлики. Тие делови се:
– котлинска рамка или “планини”,
– бреговито земјиште или “баири” и
– алувијална рамнина или “поле”.
Внатрешната граница помеѓу овие делови е јасна.
Котлинската рамка зафаќа околу 366 квадратни километри (54,7%). Зоната со баирите е голема околу 237 квадратни километри (35,3%). Таа се поклопува со остатоците од старите висорамнини од некогашното езеро. Алувијалната рамнина се простира на 67 квадратни километри (10%).
Котлинската рамка се наоѓа на самите рабови на Овчеполската котлина. На неа лежат 13 селски населби. Во средишниот дел на областа е бреговитото земјиште, расчленето од долините на реките и потоците, повеќето од кои течат од север кон југ. Во овој дел се наоѓаат 28 села и градчето Свети Никола. Алувијалната рамнина е пониска, го зафаќа претежно јужниот дел на областа и во неа лежат 4 села.
Наведените три теренски делови во Овчеполската котлина се толку различни во однос на релјефот, видот на земјиштето, обезбеденоста со вода и други особини, така што воопшто не можат да се обработуваат или да бидат населени на исти начин. Нивните одлики детално ќе бидат опишани во понатамошните текстови.
Овчеполската котлина, со оглед на географската положба, претставува крстопат на важни патишта. Како што истакнавме, таа е добро отворена кон север, југоисток и запад. Ваквата положба и добрите врски со околните области на Овче Поле даваат специфични антропогеографски одлики.
Во административен поглед, од 1955 година Овчеполската котлина припаѓа на 3 среза: штипскиот, велешкиот и кумановскиот. Во првиот спаѓаат 33 села и градчето Свети Никола. Во вториот спаѓаат 11 села. Во третиот е вклучено едно село – Кокошиње.
(По првата светска војна, селските населби од Овчеполската котлина припаѓале на следните срезови: Овчеполски – 40 населби, Жеглиговски – 3 населби, Скопски – едно село и Велешки – едно село.)
Физиогеографска основа
извор: Јован Ф. Трифуноски – Овчеполска котлина
преведува Никола Ристевски