Здраво живо. Благодарам за овозможената прилика за интервју. Се надевам дека ќе успееме да ги најавиме активностите кои следуваат на соодветен начин, кој ќе допре до заинтересираните читатели и пошироката јавност.
За почеток, ако може да се објасни – ЛОЗА (www.loza.mk) е еден од ретките македонски сајтови кој функционира без реклами, спонзори и платени содржини. Што ја одржува ЛОЗА во живот?
Делото на Лозарите, тајното друштво на Македонската револуција е и повеќе од доволен мотив за овој современ книжевен зафат. Отсуството на содржини кои би го освестиле Македонскиот народ за непроценливото културно богатство и духовна сила со која располага и присуството на многу нисковибрантни написи во глобалната мрежа – интернетот, е дополнителен поттик за редовно споделување на важни написи за Македонија и Македонците. Изедначувањето на з и ж на латиница, прави некои да го читаат името на страната како Ложа, наместо Лоза. Кој може да ја препознае вредноста – разбира, а останатите порано или подоцна секако ќе разберат.
Пред месец дена во дневниот весник Нова Македонија се појави статијата Отворен прозорец во Овче Поле, во која беа најавени неколку книги кои треба да бидат објавени наскоро. За што станува збор?
Во подготовка е Прирачникот за авантуристи кои сакаат да го посетат Овче Поле, во кој сите заинтересирани посетители ќе можат да имаат увид во мистични, култни и значајни локации низ целото Овчеполие. Ситуацијата во градот е таква, што посетителите не само што немаат информации за местата кои би можеле да ги посетат додека поминуваат или престојуваат тука, туку и ретко каде можат детално да се информираат за непроценливото наследство од нашите предци. При крај е првиот дел од Зборникот – Градот на Чудотворецот и Овче Поле, во кој се трудам да одберам доволно извадоци од книги, написи и научни текстови за мојот роден крај, напишани од памтивек па до денес. Веќе е готова книгата иМАГиНАРиУМ, во која се собрани авторски текстови на кои сум работел во последните шест години. Со помош од пријателите и семејството, овие три изданија би требало да бидат испечатени и објавени годинава.
Зошто зборникот “Градот на Чудотворецот и Овче Поле”?
Вистинското име на градот во кој живеам не е Свети Николе, туку Свети Никола. За истото веќе имаме многу докази, документи, печати и карти кои ја потврдуваат потребната промена на името, која се надевам дека ќе се случи наскоро. Во независна и суверена Република Македонија се нема издадено ниту една книга со современи преводи на важни научни текстови за Овчеполието. Волшебната Македонија ме инспирира и повеќе од доволно за да оставам пишан белег како во сегашната, така и во генерациите кои следуваат. Поради обемноста на материјалите со кои располагам, ова ќе биде прв дел од зборникот, а за следните – живи здрави, патот е отворен.
Заинтересираните за истражувањата во Овче Поле редовно се информираат за тамошните случувања. Во јавноста најчесто се споделуваат информации за локалитетот Билазора и огромниот геоглиф во Канда. На интернет се појавија и две видеа снимени од дрон. Што се случува во Овче Поле?
И оваа година археолозите работат на локалитетот кај селото Кнежје, чие античко име Bylazora, всушност е денешното Бела Зора. Соработката со сегашното раководство на Народниот музеј на Свети Николе е неспоредливо подобра за разлика од порано, па така заедно со младиот фотограф и видеограф од Фото Кис – Дуле Јанев и неговиот дрон – Фантом, успеавме да снимиме и монтираме видео кое ја прикажува големината на древниот град. Археолозите работат со полна пареа, а ова значајно место во догледно време ќе биде и заштитено на начин на кој заслужува. Заинтересираните можат да го погледнат и видеото од геоглифот, како и да ги прочитаат двата научни трудови објавени од SB Research Group, интернационален истражувачки тим во кој сум научен асистент. Официјалниот став на македонската наука е дека геоглифот се само некакви ровови од пред стотина години, но напредните архео – акустични мерења покажаа присуство не само на подземни текови на вода, вселенски вибрации и архео – астрономско значење, туку и на простории кои се наоѓаат длабоко под површината на самиот геоглиф. Се надевам дека локалната самоуправа ќе продолжи со поддршката на нашата работа, и во соработка со државните институции ќе овозможи комплетирање на меѓународниот научен проект, за што очекуваме официјални дозволи. Со професорите од Италија, Хрватска и Србија и научниците од Финска и Англија обезбедивме гео-радар, дел од руската воена технологија, какви што за научна употреба има помалку од десет во целиот свет. Кога Канда ќе се отвори, проширувањето на свеста ќе биде неизбежно, а промените во научната перцепција секако дека ќе си го сторат своето. На кратко – фантастична наука.
Дали освен најавените книги и научни истражувања, можеме да очекуваме и нешто друго во иднина?
Се надевам дека заедно со Фото Кис и ТВ Свет ќе собереме доволно видео материјал за да се склопи првиот документарец за Овче Поле во кој ќе биде потенцирана древноста и значењето на овој крај. Сценариото за истиот веќе е подготвен, а за комплетирање ќе почекам да видам дали ќе има абер за помош и поддршка од останатите сограѓани, локалната самоуправа, државните институции и заинтересираните од целата Република. Доколку во догледно време нема реална и директна помош, филмот секако ќе биде продуциран во условите со кои располагаме, и ќе излезе во јавноста.
Како се живее во градот на Свети Никола и Овче Поле?
Овчеполците во минатото покажале и докажале дека можат да истраат и покрај сите проблеми, окупации, напади, болести, природни катастрофи и препреки. Денешната генерација Македонци кои останаа тука сведочи за опстанокот на тој бит и кодот на предците. Се надевам и покрај целиот хаос околу нас, ќе истраеме и живи здрави, во поголем број ќе си ја дочекаме нашата Бела Зора и новото сонце на слободата.
прашања – Темјана Александрова, ЛОЗА 2016
Читајте:
Лозарите – тајното друштво на Македонската револуција
Archaeoacoustic analysis of the ancient site of Kanda (Macedonia) – Preliminary results
Archaeoacoustic analysis of Kanda Hill in Macedonia – Study of the peculiar EM phenomena and audio frequency vibrations
Древниот град Бела Зора во Овче Поле