Превземено

Необична Македонија BBC Macedonian

Необични, единствени според аголот и пораката, приказните на BBC се обидуваат да го доловат необичното од секојдневниот живот без оглед на тоа дали се известува од локална средина или пак од некоја метропола.

БиБиСи на македонски посети повеќе интересни места и забележа настани кои ја прават Македонија необична, а во некои ситуации и чудна за посетителите.
Бевме во заедничкото светилиште на муслиманите и христијаните во Македонски Брод, бевме во Струмица на чиишто улици честопати може да се слушне грчкиот јазик, патувавме низ земјата за да покажеме како изгледа да се биде турист со воз во Македонија.
Една „голема” приказна од мала средина беше онаа за Ромите – азиланти од Штип, кои ги продаваа своите куќи само за да заминат во европските земји.
Ве прошетавме по македонскиот вински пат, пренесовме како охридските домаќини за странските туристи организираа тури со магариња преку Галичица.
Еве како тие моменти ги пренесуваат Маја Блажевска иДушко Арсовски.
 

 
Ова се само неколку слики од македонското секојдневие кои често не се забележливи за обичните луѓе, а ја прават земјата необична.
Можеби ќе беше поинаку ако беа поотпорни на политизираноста, која според серија истражувања управува со севкупниот живот во Македонија.
БиБиСи приказните имаат цел да информираат, едуцираат, но и да забавуваат.

Така на БиБиСи на македонски слушнавте и за рецептите – како се подготвуваат македонските специјалитети.
 

 
Ви ги претставивме и дијалектите низ Македонија – преку приказните од секој македонски град.
Ова беше една од сериите кои предизвикаа најголемо внимание меѓу слушателите на БиБиСи на македонски.
 

 
Емитувањето на програмата на БиБиСи на македонски јазик, повремено предизикуваше реакции на граѓани од соседна Грција, која го оспорува името на државата или од Бугарија, која не го признава јазикот.
Но, ние јазикот наш го сакавме и го почитувавме. Па се разбира, бевме- БиБиСи на македонски. За македонскиот јазик од прилогот на Весна Коловска.
 

 
Македонскиот јазик може да се опише на многу начини, но науката го дефинира како припадник на групата јужнословенски јазици.
Од нив, освен по лексиката, тој се разликува и по третосложно акцентирање, по начинот на кој се конструира определениот член, по акцентската целост и карактеристичните конструкции на минато време.
 

 Кога се карам на македонски ми доаѓа многу убаво. Убав јазик е за караници
Силвалба

 
Ако ги прашате странците, членувањето е тоа што им прави проблеми во изговорот.
Но, проблем може да биде и кирилицата, како што сведочи словенечкиот амбасадор во Македонија Алан Брајан Бергант:
„Македонскиот јазик ми е интересен бидејќи е единствен од јазиците што ги зборувам кој е на кирилица и морам да признаам дека ми прави проблем кога читам. Се’ уште не сум го совладал читањето и по три години“, вели амбасадарот Бергант.
Милозвучен или јазик за кавга?!
Ако амбасадорот Бергант македонскиот јазик го опишува како нежен, за французинот Диего Силвалба, кој 16 години живее во Скопје, јазикот е одличен за кавга:
„Кога се карам, на македонски ми легнува многу убаво. Убав јазик е за караници“, вели Силвалба.
Македонските граѓани на кои македонскиот јазик им е мајчин, го доживуваат како потреба, како прв начин на комуникација, како мост, понекогаш и како разединувач, ако се вмеша политиката.

Библиотека

Јазикот може да биде и нападнат, како што вели деканот на Филолошкиот факултет Максим Каранфиловски, од бројните „странцизми“ кои се прифаќаат од новите генерации:
„Автоматски, за мене тоа е негативен однос кон сопствениот јазик, па дури и кон сопствениот идентитет. Мислам дека луѓето не размислуваат дека самите себе си се понижуваат, кога сметаат дека на својот јазик не можат да го изразат она што го изразуваат со употреба на туѓ збор“, вели Каранфиловски.
Иднината на јазикот
Меѓутоа, непочитувањето на јазикот, како што вели словенечкиот амбасадор Бергант, не е карактеристика само за граѓаните на Македонија:
„Малку го почитуваме сопствениот јазик. Кога ние Словенците се приклучувавме во Европската унија имавме страв дека ќе го изгубиме идентитетот, дека Белград ќе го замениме со Брисел и дека ќе се изгуби јазикот. Ама словенечкиот јазик сега е еден меѓу 23-те официјални јазици на Европската унија,“ изјави Бергант.
Како може да исчезне јазикот кој во својот речник ги има зборовите како прокуда, пренебргне, елал, оние од поезијата на македонскиот поет Петре М. Андреевски, по кои настана музиката на етно-составот „Љубојна“?
„Тоа е невозможно. Јазикот може да се видоизменува, па треба ниту еден човек да не постои, па дури и тогаш ќе има некој кој го знае“, објаснува вокалистката на составот Вера Милошевска, етнолог по професија.
Како би можеле воопшто да исчезнат зборови како овие кои на седумгодишните Сара, Ана, Бојан и Мартина им се најубави:
„Мајка, дете, живот, љубов, цвеќе, книга, мило, сонце, благодарам“.

Newsletter
Sign up for our Newsletter
No spam, notifications only about new products, updates and freebies.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *