Македонија

Домот на Александар – ЛЕГЕНДА ЗА СОЗДАВАЊЕТО НА ЕЗЕРОТО

Се прикажува дека многу одамна Белата Планина била окована со лед. Шумата во нејзиното подножје била од горски кристал. Езерото тогаш сè уште не постоело. На негово место се простирала питома котлина. Таа не била сосема заледена, зашто во нејзиниот западен дел имало топли извори.Главниот кајник, сепак, бил ладен, се наоѓал среде котлината и ноќе злослутно бучел. Бил затворен со камена плоча, за да не ја потопи со својата бујност котлината. Во тоа време живееле дебелоглави цицачи од чии тела се тресела земјата. Здивот им се дошепнувал со маховината, а нивната рика се разлевала во глувите ноќи исипани со ѕвезди. Тогашните луѓе не знаеле ништо за она што се криело во длабочината на кајникот поклопен со обична плоча. Живееле во Кристалната Шума и само одвреме навреме излегувале во слободниот свет, да се поиграат во котлината, надевајќи се дека во клокотењето на топлите извори и во бучавата на водата ќе ја наsрат својата иднина.
Меѓу нив имало една Девојка, од чиј искривен сон подоцна се создале самовилите; и имало едно Момче, од чија бледа лика настанале витешките редови. Едни преданија кажуваат дека Момчето било Крал на Планината, а Девојката Кралица на Езерото. Другите го велат спротивното. Постојат и легенди кои Момчето и Девојката ги сметаат за заеднички Дух на Езерото. Како и да е, сите преданија сведочат за нераскинливата врска што постоела меѓу нив.
Тие најпрвин не знаеле ништо еден за друг, но се гледале во соништата, како слики кои им припаѓаат на различни светови. Момчето ја барало Девојката во длабочините на кајникот во кој се нуркал насоне, а Девојката сред сопствената утроба – како во утробата на земјата – исто го слушала бликот на изворот. Ноќното небо надвиснато врз ледените висови станало страшно.
Не можејќи да го истрпи притисокот што го чувствувала во себе, еден ден убавицата го напуштила својот дотогашен свет, решена да стане вистинска жена, топла стварност сред мразната пердувеста пустелија. По долгото талкање низ лавиринтите на соништата, знаела каде ќе го сретне Момчето. Била сигурна дека нивната судбина е поврзана со водите на длабоката бездна. Тргнала кон изворот. Момчето веќе ја чекало таму. Заедно ја иставиле тврдата стерна. Низ расенетото перде на утробата незадржливо бликнала вода, бргу полнејќи ја котлината. Така Девојката станала жена, а котлината Езеро.
Момчето можеби било Крал на Планината, но ја немало нејзината моќ.
Девојката била призрачна Кралица на Езерото, но не и негова господарка. Обајцата биле нивната сушност, но пак не можеле да се заштитат. Матицата на надојдената вода ја повлекла Девојката. Додека Момчето да стигне до неа, водата се склопила над нив. Можел само да ја стегне во прегратка. За да се родат, морале да умрат двапати во истиот миг: од младешки сништа, да станат вистински луѓе, а потоа само предел.
Така древната Планина и новосоздаденото Езеро се сплотиле со своите невидливи садови, а Момчето и Девојката станале души заробени, или само скриени во Езерото-Планина.

Newsletter
Sign up for our Newsletter
No spam, notifications only about new products, updates and freebies.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *