Девојката била причина за целата (впрочем вистинита) прикаска. Станала жена на кралот Сипа, а го сакала Белиот Брадест Бог. Кралот, заради неверата, ја натерал да го изеде плодот на својата божествена љубов. Белиот Брадест Бог одамна бил отиден. Девојката се фрлила во Езерото уверена дека, на неговото дно, ќе го најде својот мил, претворен во „змија од пердуви“.
Оттогаш, идните кралеви секоја година влегувале во Езерото исипани со златен прав, како Златни Луѓе, за да ја измијат вината на својот предок. Ја славеле неминливата љубов уверени дека нејзиниот плод вечно ќе се обновува.
Или било поинаку? Можеби секоја година самите фрлале девојки во Езерото, за да го смилостиват, а потоа обредно се покајувале? Далеку од Андите, во прашумите на Јукатан, се наоѓа Чичен-Итса, и во него Светото Езеро, храмот на богот на дождот. За разлика од ацтечката, религијата на Маите била кротка, бескрвна. На своите многубројни богови тие им принесувале како жртви цвеќиња и овошје. „Постоел, сепак, еден исклучок: кога ќе настапела суша, за да го смилостиват разгневениот бог на дождот Чак-Мол, којшто според нивното верување живеел на дното од
Езерото, свештениците му ја испраќале најубавата девојка како свршеница.“
Религијата на Маите била питома, се надоврзувала на културата Кокле, можеби постара од сите други на светот. Граделе тие умни луѓе, како и другите Индијанци од Средна и Јужна Америка, храмови врз високи подsидоци, во вид на пирамиди, негувале култ кон сонцето и месечината, и верувале во митот за Белиот Брадест Бог олицетворен во „змијата од пердуви“. Имале заеднички, мошне особени, на друго место невидени суеверја. Меѓу другото, постојано живееле под заканата на фаталистичкото верување во крајот на светот. Го почитувале крстот, но Едвард Херберт
Томпсон во темните длабочини на Светото Езеро – покрај бисерите, белезиките, путирите, статуетките на богови од јаспис, златните штитови со фигурални релјефи, извонредно обработените огледала од опсидијан и мошне острите ножови – нашол, пред сè, скелети и черепи од млади девојки. Смешани со споените коски на јагуар и срна.
Еднаш Белиот Брадест Бог дошол преку Океанот и се вмешал во допрво завршената култура. Не им поклонил коњ, ниту им ја кажал тајната на тркалото – кои него самиот го одвеле до меѓата на световите – но им ја открил смислата на љубовта без која не може да се воспостави светското царство во кое еднаш изгубеното пак ќе биде спасено. Кога отишол, за да го смилостиват, или заборават, почнале да го опсипуваат со дарови: но тоа не биле цветни венци, ни мирисливо овошје. Како што низ спомените sирка згаснатиот живот, во заборавот царува смртта: и под нозете на Белиот Брадест Бог, низ жртвената плоча над која се воздигал неговиот кип, течеле потоци крв, како да не е тој предвесник на нивниот Спасител туку богот на војната Уитцилпохтли со ѓердан од сто триесет и шест илјади черепи.
Истовремено – со претчувството дека стварноста вртоглаво се разминува со првобитното значење на зборот – во душите им се всадила мислата дека крајот на светот ќе дојде токму со враќањето на Белиот Брадест Бог. Иронија на судбината е што во обата случаи дошло до симболична замена, а сепак, претчувството им се обистинило.
– од Домот на Александар – Митко Маџунков