Превземено

Македонските црковно-училишни општини во 19 век

.

Овие општини имале улога и на први значајни институции на македонското ослободително движење. Тие биле факторот што им дал организиран израз на стремежите на македонското население(првенствено на македонското граѓанство) за културна и народносна еманципација.

Македонските црковно-училишни општини претставуваат посебни црковно-просветни и општествени институции никнати во пазувите на црквата. Уште од времето на создавањето на првите христијански општини, тие биле предодредени да вршат одделни црковно-просветни и општествени дејности. Со текот на времето тие прераснале во движечка сила на македонското граѓанство и интелигенција, биле средишта на јавниот живот, „душата на народот“. Поради тоа, во текот на своето историско постоење, биле правени обиди од различни општествени и политички субјекти да го преземат нивното раководење, а преку нивното дејствување си приопштувале израз на легитимност на своите постапки и истовремено можност да продрат подлабоко кај македонските население и да ги диктираат процесите.
Во тие рамки дејноста на општините се манифестирала противречно: и како можно средство на македонските националнокултурни ориентации и настојувања, но и како институција во која продирале туѓи сили и влијанија.
Македонските црковно-училишни општини биле значајни и поради функциите и резултатите што ги вршеле и постигнале во ослободителното движење на македонскиот народ, а и надвор од него, во рамки на општествениот живот на Османлиската Империја.
Во таа смисла, општините претставувале прв организиран и насочен субјект во македонското движење, кои во отсуство на партии, организации и други раководни субјекти, ја презеле и вршеле улогата на организатор на првото народносно осознавање и издигнување. Тие воедно претставувале прва институција која ги нормирала и регулирала граѓанските и конфесионалните работи, создавајќи чувство и свест за социјалната припадност и за општествената положба на Македонците во рамките на османлискиот социјален и политички систем.
Кон средината на 19 век како резултат на позитивното влијание на европскиот национализам и либерализам и влијанијата на ослободителните движења во Србија, Грција и во Бугарија, македонското занаетчиско-еснафско и трговско граѓанство сé поорганизирано се застапувало за еманципација од Цариградската патријаршија и елинизмот, со тенденција да стане поборник на македонската национална култура и самобитност. Со други зборови, барајќи свое место во црковнопросветните и општествени институции, т.е. општините, младото, но веќе зајакнато македонско граѓанство претендирало да го преземе раководењето и управувањето со општините. Овде свое место, секако, имала и македонската интелигенција, како посебна општествена категорија, односно социјална група. Станува збор за духовната (свештенството) и световната (учителството, професори, лекари, сликари, резбари и други) интелигенција, која заедно со македонското граѓанство, пристапила кон изградба на нови цркви во градовите и поголемите села, работејќи на истиснување на грчкиот јазик од училиштата и црквите, протерување на грчките митрополити и свештеници, истиснување на грчките или гркомански претставници од меџлисот. Благодарение на масовноста на народното движење, во овој период биле „преобратени“ голем број претставници од македонската интелигенција од спроводниците на грчките цели во жестоките поборници на словенизмот. Многу од градовите што некогаш биле бастиони на грчкото влијание станувале жаришта на македонската народна и културна преродба.
Меѓутоа, овие резултати не биле едноставно изборени – тие со себе носеле многу тешкотии и жртви. Во таа смисла, грчката страна располагала со многу повеќе средства и механизми, како и со поголемо влијание врз османлиската власт. Но, и покрај сето тоа, борбата против грчкото влијание постигнала забележителни успеси. Може да се каже дека бил пресечен процесот и трендот на грцизирање на македонскиот народ и покрај задржаната тенденција под закрилата на Патријаршијата да егзистира не мала социјална база во положбата, интересите и ориентациите меѓу Власите, Евреите, грчките граѓански категории и македонското чорбаџиство – пред сé во јужните градови на Македонија.
Со текот на времето македонските црковно-училишни општини почнале да постигнуваат резултати и на планот на регулирањето на граѓанските и конфесионални интереси на македонскиот народ. Во тие рамки, општините израснале во еден вид јавни установи во кои биле концентрирани голем број општи (нормативни, судски и управни) и посебни (имотни, семејни, наследни, просветни, комунални и др.) компетенции.
Општините се развиле по продорот на граѓанските категории и со тоа се стекнале со широки социјални функции. Во таа насока тие се развиле и како демократска и како општа јавна институција, со ограничен, но со јавно-правен карактер.
На црковнопросветен план црковните општини, и покрај освојувањето на компетенциите во широк размер, сé уште претставувале институции од локален карактер, бидејќи немале своја единствена заедничка институција -автокефална црква што ќе ги обединува интересите на сите општини во Македонија. Дури и меѓусебното поврзување на општините до 1960-тите години е прилично ретко. Поради тоа се чувствувала потреба за една повисока институција, особено во решавањето на проблемите во областа на школството. Со оглед на тоа дека грчките епархиски владици биле непријателски расположени кон отворањето на македонски народни училишта, општините, биле принудени секоја за себе директно да ги решава проблемите околу материјалната издршка на училиштата, ангажирањето учителски кадар и друго. Меѓутоа, економски понеразвиените општини не биле во состојба да ги решат финансиски сите проблеми, без надворешна помош. Тоа ги принудувало да бараат помош од економски поразвиените општини, обично соседните, кои во рамките на своите можности интервенирале со еднократна помош, а имало и случаи и со плаќање на учители за цела учебна година.
Во таа смисла општините ги зафатиле речиси сите сфери на животот и интересите, освен се разбира оние што биле во надлежност на османлиската власт, а коишто биле сврзани со економскиот и општествено-политичкиот поредок на земјата.
Македонските црковно-училишни општини имале улога и на први значајни институции на македонското ослободително движење. Тие биле факторот што им дал организиран израз на стремежите на македонското население (првенствено на македонското граѓанство) за културна и народносна еманципација. Општините, исто така, го обезбедувале и континуитетот на ваквите стремежи, претворајќи ги во поврзан процес на борби и настојувања за народна и националнокултурна конституција на Македонците. Тие, како организирани субјекти, ги сумирале стремежите, формирајќи ги целите и задачите на движењето од кои може да се заклучи дека станувало збор за народна и за национална програма, која најрано била промовирана токму преку општините.
Автор: Силвана Сидоровска- Чуповска
извор: Нова Македонија

Newsletter
Sign up for our Newsletter
No spam, notifications only about new products, updates and freebies.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *