Македонија

Преподобен Теофил Исповедник (Струмички)

Блажениот Теофил се роди од побожни родители во близината на градот Тивериопол, денес Струмица, во Македонија. Го крстија кога имаше три години. Еднаш родителите го одведоа на гората Селентија за да земат благослов од светиот старец Стефан. Тој ги благослови родителите и нивното дете Теофил, и откако ги поучи во долг разговор и ги научи на многу духополезни нешта, ги отпушти во мир, а тие се вратија дома. Од тоа време момчето Теофил, со благословот на тој свет старец вознапредува во усрдното изучување на Божествените книги. Имаше добра и кротка природа. А кога наполни тринаесет години повторно отиде кај преподобниот старец Стефан. Старецот, кога го здогледа светото момче, го запраша: „Зошто дојде, чедо, кај мене?” Теофил одговори: „Ти ме повика, чесен отецу, и јас ги оставив родителите и дојдов кај тебе.” Преподобниот го праша: „А кога те повикав, чедо, и што ти реков?” Момчето рече: „Кога одев по нашето поле, ти ми се јави и кога ме погледна, ми рече: Чедо Теофил, ти се оддалечи од Господ Кој вели: земи го крстот свој и врви по Мене! “ (Мат. 16, 24). Овие зборови го трогнаа моето срце и јас одев по тебе сè до портата на оваа твоја ограда, а кога дојдовме до неа ти стана невидлив и јас се најдов пред заклучена порта. И освен тоа, свет отецу, твојот сегашен глас и говор се истите како оние што ги чув тогаш; тоа исто така ме уверува дека ме повика токму ти, а не некој друг. Затоа те молам, не одвраќај го лицето свое од мене, твојот слуга кој сака да се спаси.”
Кога го слушаше ова преподобниот се чудеше, зашто знаеше дека никаде не излегувал од својата келија. И откако Му заблагодари на Бога за таквиот чудесен призив на целомудреното момче, го прими кај себе. И три години го поучуваше на стравот Божји и го раководеше во подвижништвото и во монашкиот живот. Откако изминаа тие три години, бидејќи момчето добро се научи на монашките подвизи од својот добар учител, старецот Стефан го повика игуменот од лаврата и му го предаде послушното, кротко и смирено момче за да го замонаши. Игуменот го зеде, го одведе во лаврата и го изврши над него светиот потстриг. Откако прими потстриг Теофил стана искусен монах, украсен со сите добродетели, живееше меѓу браќата како ангел, и им беше од полза на сите.
Откако светителот долги години поживеа испоснички, непријателот на човечкиот род подигна гонење на светите икони, а нивните поклоници преку беззакониот цар Лав Исавријанин иконоборец ги подложи на мачење. Овој цар го замрази благолепието на Божјиот дом и ги лиши од украс храмовите Господови: светите икони ги фрлаше во кал, ги газеше со нозе, ги гореше во оган, и мнозина верни ги мачеше и ги убиваше затоа што ги почитуваа иконите. Свети Теофил пак, му се противеше на силникот и сите благоразумно ги поучуваше молитвено да ги почитуваат светите икони и да му се поклонуваат на лицето живописано на нив. Поради ова, царот нареди светиот Теофил да биде подложен на ѕверски измачувања, но тој, не само што не попушти, туку успеа еден од своите мачители, кнезот Ипатик, да го разубеди и да го врати во православието. Кога на крајот кнезот Ипатик го ослободи блажениот, збогувајќи се со него говореше: „Вистинити се твоите зборови, чесен старецу. Ќе се погрижам колку што можам да го убедам царот во тоа. А сега јас те пуштам, слободен си, врати се во својата келија.”
На светителот му беше многу жал што не го доврши подвигот на своето мачеништво. Сепак, имајќи рани, тој се радуваше, говорејќи со апостолот: „Се радувам што со своето страдање го дополнувам недостатокот на неволјите Христови во моето тело за телото Негово, кое е Црквата” (Кол. 1, 24)
Кратко време по ова му беше откриено дека набрзо ќе замине кај Бога. Ги уреди сите манастирски работи, ги поучи браќата, ги благослови, ги целиваше и отиде кај многуљубениот Господ.
 

Newsletter
Sign up for our Newsletter
No spam, notifications only about new products, updates and freebies.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *