Во македонскиот фолклор постојат извесен број песни во кои е спомната Ерина самовила.
Кај Кузман Шапкарев се среќава песна во која Ерина самовила е претставена како посестрима на Крали Марко (Душко Наневски: “Раѓање на метафората”, Скопје, 1982, стр. 84).
Во Зборникот на браќата Миладиновци (песна бр. 60) исто така е спомната е Ерина самовила, која му помогнала на Секула детенце да се излекува. Имено, Секула детенце зел со себе една убава девојка, но по патот накај дома коњот му се сопнал и тој се набодел на своето копје во срцето. Тогаш и се обратил на девојката со зборовите:
“А егиди убаа девојко!
Извикај Ерина самовила,
Таја ми је верна посестрима,
Таја знаит билки чемерлики,
Ќе ми оздрајт мое бело срце!”
Девојката му рекла самиот да ја повика Ерина самовила затоа што ако ја повикала таа, самов илата немало да го препознае нејзиниот глас и немало да дојде. Така и се случило. Секула ја повикал Ерина самовила, таа дошла и го излекувала.
Ерина самовила му помогнала на младиот Секула и во песната “Седум кралеви шетает земја по краина” (бр. 142 во Зборникот на Миладиновци). Во оваа песна една огромна змија го нападнала младиот Секула и за малку ќе го изела.
Но, тогаш се појавиле самовилите Ерина и Ѓурѓа и го спасиле Секула.
Всушност во песните за Ерина самовила, таа се среќава и како сама и во група со други самовили. Таа е позитивна личност која им помага на јунаците кои се во неволја.
Во античката митологија постојат ликовите на трите еринии, од кои очигледно дека Ерина самовила го добила своето име. Во античката митологија ериниите се познати како божици на одмаздата. Тие им се одмаздувале на убијците и на другите кои правеле несреќи (Карлос Парада, цит. дело, наслов Erinyes). Видовме дека и Ерина самовила од македонскиот фолклор се спротивставувала на неправдите и на злото. Оваа нејзина дејност (заедно со нејзиното име) е уште еден заеднички сегмент со митолошките ликови на ериниите.
Да заклучиме дека постојат повеќе очигледни сличности во одделни елементи на особините помеѓу самовилите и античките митолошки ликови на менадите, нимфите и ериниите што го поткрепува фактот дека ликовите на самовилите во најголема мера претставуваат наследство од античката митологија, која во минатото во Македонија била доминантна токму среде древните Македонци.
На крајот од овој наслов ќе го спомнеме и таинственото македонско верување во ограците, кое иако е слично со верувањето во самовилите, има и свои специфичности.
Во врска со ограците нашиот фолклорист д-р Кирил Пенушлиски пишува:
“Ограците се 12 убави и силни младичи слични на самовилите; тие постојано се движат и патуваат по сета земја, застанувајќи на места за одмор и забава.
Ограците за таа цел избираат места под лозници, стари дрвја, особено под топола, брест или орев, потоа покрај чешма, извор, поток или река… Ако некој нагази на такво место каде тие престојувале, ќе се разболи… Ова верување кај нас не е забележано на друго место.
Неговото потекло не ни е познато” (д-р Кирил Пенушлиски: “Митот и фолклорот”, Скопје,1996, с. 196).