Коментари

Крик од нас обичните

Зошто сега, е потребно обединување на целата младина повеќе од било кога!?

Вo овие времиња на ултра постмодерно живеење, кога сите ние, потомци на онаа генерација која сега е на власт во општеството(не мислам на политичка туку на генерациска), живееме брз и на моменти нестабилен живот предизвикан од секојдневните „информациски бомбардирања“, потребно е да се обединиме под еден „чадор“. Заедно, како едно, да се заштитиме од било каква манипулација предизвикана од  информативниот шок кој ние денес го доживуваме благодарение на масовните медиуми.
Зошто протестна нота до мојата генерација? Бидејќи е време на промени, политички, климатолошки, време кога е потребно целата младина од планетата да застане гордо наспроти себе, да ја превземе улогата на најостар критичар во општеството, она, кое треба да ни остане нам, учениците, затоа што време е да покажеме дека сме подобри од учителот…

Денес, во Република Македонија, ние сочинуваме помалку или повеќе триесет проценти од населението, што претставува сериозна бројка во однос на целото население, а уште посериозна во однос на оние кои практично владеат со нас, независно дали се работи за опозицијата или власта…
Ние сме онаа генерација која порасна низ транзицијата, ние сме тие кои додека бевме мали слушавме за некои „поубави времиња-„ години на социјализмот,  кои завршија непосредно пред ние да се родиме, и едни исто така „поубави времиња“, но  кои треба да дојдат, а тоа е конечното наше прераснување во демократско општество кое би гарантирало фер и безбедно живеење…
Ние пораснавме.. бевме деца, тинејџери, адолесценти, време е да го подигнеме нивото на колективната свест, пред се кај нас самите, а потоа и да влијаеме на околината, затоа што ние сме тие, редот е на нас.
Да го направиме историскиот судир на генерации кој се случува одново и секогаш, бидејки е дојдено времето кога треба нашата интелктуална свест и совест да ги ставиме на „кантар“, да се соочиме со „тежината“ и да работиме на себеизградување, едукативно, морално, духовно..

Време е да сфатиме дека е патетично да осудиме некои млади луѓе кои седнале „на кафе“, среде бел ден со некои други млади луѓе, но партиски, поинаку определени од другите…
Време е да сфатиме дека е тажно да се мразиме, поради различната етничка припадност, македонци и албанци, изманипулирани од некои политички структури, да се тепаат во автобусите, само затоа што наместо идеал, некој ни продава личен „фетиш“ , болно задоволство и желба за власт по секоја цена. Тажно е да не користат нас, за нивните лични цели и пресметки, оние, кои ни кажуваа дека треба да учиме од нивните грешки, за да станеме подобри и поуспешни луѓе од нив…

Нè поделија на наши и ваши, плави и црвени,  сиромашни и „елита“, нè направија различни.
Живееме во мулти културно општество, едни покрај други, а не едни со други.

Во текот на изминативе 20ина години, додека нашата генерација растеше и зрееше, беше отворена „пандорината кутија на приватизацијата„ транзитивен процес, кој некои го искористија како можност да грабнат сè.

Токму тие транзициски „идеолози“ и „мангупи“, откако ги осиромашија луѓето, со перфидна пропаганда почнаа да работат на својата финална задача – да го умртват и чувството на гордост, да ја замаглат перспективноста и оптимизмот, на достоинството да му стават анестезија. Продавачите на демагогија добро ја имаа научено лекцијата дека само со безгласна, безнадежна, дезориентирана нова генерација може лесно да се манипулира.

Тогаш започна и оној тажен процес, кога цела една генерација на млади луѓе и деца во „кино Македонија“ го „гледаа“ филмот „разликите во нашето општество“- филм со еден куп специјални ефекти и филтри, во „западњачки“ стил, со криминално, „висок адреналин“ сценарио…
Гледаме епизоди со мафии и банди, „фер“ тепачки „еден на дваесeт“, каде некое момче завршило брутално претепано или во полош случај, избодено…
Додека нè учеа на различност, и со цел толерирање на разликите,  заборавија дека вистинската лекција беше дека „сите ние сме исти“. Дискриминацијата и тензијата, станаа главни адути во борбата каде треба да победи разбирањето и толеранцијата, и со тоа ние како критична маса на ова население, станавме „замаени“, со измешани емоции, голтнати навреди, љубомора наместо љубов, прегазени суети и скршена самодоверба…
Време е да се опоравиме, да го „скршиме гипсот“ и да застанеме пред себе, во борба за признавање на нашиот интелктуален идентитет!
Време е да сфатат дека го ставаме под стечај производството на „волна“, затоа што немаат повеќе „оФци за стрижење“!
Време е да си подадеме рака едни на други, затоа што ние сме тие кои се имаме едни со други и само себе се имаме!
време е да го подигнеме тонот и гласно да викнеме затоа што ние сме децата на Македонија…
Ние сме иднината на Македонија…

Newsletter
Sign up for our Newsletter
No spam, notifications only about new products, updates and freebies.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *