Здраво живо, г-ѓо Гелева. Ви благодариме за овозможената прилика за интервју. На почеток, за да им е појасно на нашите читатели – со што се занимавате професионално?
Веќе триесет години моја област на интерес е светската политика. Дваесетина години како новинар пишував и ги разоткривав “мистериите“ на некогаш високата светска политика а потоа како аналитичар на модерните геополитички збиднувања. Денес, благодарение на интернетот, достапноста на информациите за некои настани е речиси моментална, но тоа се уште не значи дека лесно можат да се разберат вистинските движења и тенденции. Пред петнаесетина години кога јавно ги демаскирав тенденциите во светската политика подвиг беше дури на домашната јавност да и се објасни дека “меѓународна заедница“ не значи цел свет, туку едно строго одредена западна евроатлантска структура која има свои прецизно определени цели и соодветно на тоа води своја конкретна политика. Велам подвиг, зашто тогашната заблуда, на пример, дека во светот има само една алтернатива – ткн. меѓународна заедница, не беше пожелно да се демистифицира. Времето покажа дека сепак светот стана мултиполарен и дека треба продлабочено следење и истенчен “сенс“ за да се предвиди точно идниот развој на настаните.
Каква улога имавте во мрачната 2001– ва година?
Светла, ха. Повторно, мораше точно да се дефинира заднината на случувањата, од каде доаѓаат и што им е целта, за да може да се дејствува правилно и целеисходно. Ако целта на надворешниот фактор беше Република Македонија да се направи, во најблага варијанта кажано – формален протекторат со предизвикување фингирана војна, тоа требаше да се демаскира. Понекогаш вистината е најсилното оружје што го имате. Ширењето на вистината за настаните 2001 година во светската и домашната јавност беше мојата главна преокупација, дури и од позиција – советник на премиерот. Со оглед што Македонија како држава ја преброди таа тешка година, очигледно дека сме го направиле максимално можното во дадената ситуација.
Пред неколку месеци во дневниот печат презентиравте ваши оригинални согледувања за македонскиот геоглиф. Што Ве инспирираше да истражувате за тој крај и мистериозното Овче Поле?
Проучувањето на геополитиката, што како поим е дефиниран пред околу сто години, ми покажа дека геополитика постоела и во текот на многу далечното минато на човештвото и дека најстарите цивилизации токму поради “геополитички натпревар“ меѓу “Синовите на Светлината“ и “Синовите на Темнината“ се уништиле меѓу себе. Познато е исчезнувањето на ткн. Атлантида на пример, што меѓутоа не потонала од природна катаклизма туку токму од употреба на многу моќно оружје, помоќно дури и од денешното нуклеарно. Така значи, светската политика ме донесе на едно место во денешна централна Македонија во срцето на некогашна Пеонија, која според стари римски автори се протегала од Алпите до копното на Мала Азија. И, Александар Македонски ме донесе. И врвните светски езотерици кои ми го покажуваа и осветлуваа патот. Се разбира, пионерските напори на еден млад староседелец за пренесување на знаењата оставени од предците и обелоденувањето на неговите истражувања за остатоци од прастара цивилизација во Овче Поле придонесоа кон моето мултидисциплинарно и сеопфатно истражување за овој регион. И неизоставно, моите корени се токму од Свети Николе и по мајка и по татко, па така требало да биде, се што во текот на животот сублимирав и кондензирав на интелектуален и духовен план да се материјализира токму во ова истражување и за местото кадешто како мало дете го доживеав првиот контакт со божественото.
Овче Поле, фотографија SB Research Group 2014
Дали тој геоглиф, за кого официјалната археологија вели дека претставува обични воени ровови од пред еден век, е единствена ваква појава?
Мојата компаративна археоисториска анализа укажува дека ткн. геоглиф кај Канда е дел, (можеби главен) од една цивилизација која постоела пред околу 12.000 години и која оставила свои траги на повеќе делови низ земјиниот глобус. Македонскиот геоглиф кај Свети Николе и месноста што локалното население ја нарекува Канда е многу интересен феномен, кој е главна точка од поголемиот локалитет се до археолошки откриениот стар град Бела Зора. Лингвистичкото истражување што го направив во ведскиот јазик Санскрит покажа дека најстариот познат систем на знаења даден во Веда записите, е во основата на културата на Пеонците или Пеоните и дека поголем број називи на локалитети во денешно Овче Поле се запишани како зборови со соодветно значење во Веда ракописите. На пример, старото име на Овче Поле – Пробата, во Веда значи “поврзан со Господа“. Или Пундарика е цветот пеон (божур или на англиски лотос). И Пушкара значи пеон, божур или лотос. Пударница и Пушкарница се називи на локации во Овче Поле околу геоглифот што народот и ден денес ги користи.
Освен лингвистичката анализа со ведскиот јазик Санскрит која покажува дека старата топонимија на Овче Поле е запишана и опишана во ведските записи, компаративната анализа покажува дека многу слична структура, за жал денес под вода, се наоѓа на брегот на југозападниот дел на Индија во заливот Камбат, потоа Канда постои во Цејлон како Баирава Канда (ридчето или сонцето Канда односно ридчето на светлината), целокупните древни тамилски записи се за Кумари Кандам – царството Канда, на југоисточната граница на Русија со Казахстан се наоѓа кружниот локалитет Ар-Ка-им (земја на Сонцето), во Ирска постои кружната камена структура Каланиш, слични кругови има во Сахара, Либија, Сирија, Јордан, многу интересни локации има во Турција и тоа поврзани со Канда посебно се Новали Кори, БогазКои, Карахан Тепе и Гобекли Тепе, ги има во Италија на Сицилија и Сардинија, во централна и Јужна Америка со слична структура и имиња, во Австралија и уште на други места ширум светот.
Канда е поврзана и со пештерата Леско во Франција со најстари колоритни цртежи, при што аглите на М стрелката на геоглифот Канда се еднакви со аглите на крстовидниот знак кај главата на бикот во Леско, што пак, се еднакви со аглите во соѕвездието Плеада. Едначењето со созвездието Плеада кое поради распоредот на 7-те главни ѕвезди на ноќното небо се нарекува и “космички цвет“, важи и за Гобекли тепе во југоисточна Турција. Заедничко на сите овие тркалести структури е што имаат ткн. “U“ форма и во своето име задолжително го содржат дихтонгот КА(КО), KXA или зборот КАЛА а некаде и Канда – како дел од она што според старите ведски поими се нарекува царството на КАНДА. И КА и КАЛА и КАНДА значат едно исто – Господ или Светлина, што јас пошироко го објаснив во мојата објавена анализа „Канда-Македонско ведски клуч на постанокот“.
(читај – КАНДА – македонскo-ведски клуч на постанокот, Дневник 2015та)
Голем круг во Јордан означен како Ј1 снимен од сателит. Иако има оштетувања од булдожери и сл. формата на кругот е сеуште видлива. Во Јордан се откриени вкупно 12 вакви „кружни структури“ од кои два поголеми а другите помали.
Камена структура во близина на Холмс, Сирија. Сега речиси уништена, но кругот е истражуван пред тоа.
Кружна камена структура во Мексико, Куикуилко
Заливот Камбат – скица на камена “U” тркалеста структура, денес под вода
Овче Поле, фотографија од авион од 90тите години на минатиот век
Што претставува мистичното Овче Поле за денешната генерација Македонци?
Формата која што се гледа од небо кај Канда во Светиниколско, во срцето на некогашна Пеонија, има слична структура со најголем број од овие споменати ткн. “камени кругови“ ширум светот, една тркалеста линија на која се надоврзува уште еден помал круг на северната страна, каде што најверојатно е сместен влезот во објектот, што веќе е откриено кај некои од тркалестите споменати форми во светот и за кои истражувачите без исклучок тврдат дека се вештачки а не природни структури. Имено, кај повеќето слични структури на Канда, има помал круг каде што се наоѓа влезот во внатрешниот, подземен дел на објектот. Посебноста на геоглифот Канда е во постоењето на видлив знак М на површината на тркалестата структура. Токму таа “буква“ го издвојува геоглифот кај Канда.
За да биде појасно би напоменала дека Ведскиот Санскрит е еден од најкомплексните, најслоевити и најсофистицарани јазици на планетата. Тој во својата градба и елеганција е апсолутно надмоќен над класичниот грчки и латински јазик. Коментирајќи во врска со ова, Сер Вилијам Џонс, британски судија и лингвист, во Азиското друштво во Калкута во 1786г. ќе рече: “Санскрит јазикот, без оглед на тоа од кога датира, е со чудесна структура; посовршен од грчкиот, многу побогат и поопширен од латинскиот, и многу пораскошно отмен од двата…” Затоа и зборовите во Санскрит имаат огромен број значења, па “канда“ значи стрелка, раководечки принцип, водство, водач, приватно место, најстар посебен дел или посебна тема во ВЕДА што опишува сакрални обреди, можност, пофалба, вознесение, вода, изобилие, зборот канда е дел од поимот што означува “мал канал (земја подигната да ја држи водата надвор); прекин во каналот направен околу тркалесто поле (за да ја држи водата надвор)“. Канда значи и корен, јазол, светилки, артериски, магистрален, главен, како и воин, војник, континент, недостаток на скапоцен камен (лапис лазули).
Од овие значења гледаме како тие дури и физички го опишуваат локалитетот кај Канда во Овче Поле, канал на тркалесто поле за да ја држи водата надвор – токму сувоста дури и зиме е типично за овој локалитет со трикратна стрелка. Значењата, опишани во Веда од пред неколку илјади години, се однесуваат и на други својства на Канда – Кандавон е Врховен бог кај Пеонците – раководечки принцип, и неговото значење е и воин, главен, а се содржи и во името на најголемиот македонски војсководец Алек(с)андар кој во Веда е предвиден и запишан како Сканда. Канда значи и вода, а екипата на странски истражувачи со помош на методата на археоакустика, утврди дека под површината на геоглифот поминува вода во изобилие. Канда во Веда како најстар запис, ја содржи буквата КА што е првата согласка на азбуката Санскрит и точно значи – кој. (И во македонскиот јазик ако изговориш отворено КАА се слуша како “кој“).
Според Веда, кога Врховниот Бог најпрвин се јавува како создадена форма на почетокот на Постанокот, тој се пројавува во форма на јајце големо колку палец, што лежи осамено на космичкиот цвет пеон (божур, пундарика, лотос). Токму оваа се наоѓа на капителите на столбовите на Бела Зора и се смета за најстар македонски симбол.
Кога Севишниот најпрво се разбудил и се нашол сосема сам лебдејќи во средиштето на примордијалниот океан тој извикал “КА“? (КОЈ сум?) Ова бил првиот примордијален звук прословен и изустен или искусен од свесноста на Креаторот. Бидејќи Севишниот(Креаторот) најпрвин го спознал своето сопствено ЈАС изустувајќи го звукот “КА“, ова било земено како негово тајно духовно име. Според најдамнешните Јасновидци (оние што се јасно гледале и ведале), токму тоа божествено КА, сушното (срцевинското) ЈАС на Универзумот живее и во срцата на сите суштества. Поради еднаквоста на божествените КА, душите на сите просветлени низ Универзумот се во можност нелокално да одекнуваат во резонанца меѓусебно. Оваа резонанса се случува на ниво на чистата свест. Тоа се случува на ниво на примордијален звук. Резонантната фреквенција на божественото КА е првата будечка нота од песната на божествената Љубов. Тоа е највисокиот тоналитет на космичкиот шепот (шум) што постојано шуми (се бранува, вибрира) од сите небесни суштества. Овој шепот (звук) е основниот тон врз основа на кој небесната музика на сферите постепено се открива во нечија душа како треперлив цвет. Тука, да напоменеме, дека екипата странски истражувачи од внатрешноста на Канда сними специфична фреквенција односно “космички звук“.
Знакот на македонскиот геоглиф е во вид на буквата М а тој знак се содржи во зборот КАЛА кој е првото мистично име на буквата М. Значи, првото тајно име на буквата М – е составено од знакот за божество КА क и ознаката исцртана на геоглифот во Канда ल (ЛА). Инаку, горната хоризонтална линија над буквите во Веда се смета дека е од Господ, кој го води запишувачот на знаењето, а самиот знак на буквите е всушност без горната црта и буквите во Санскрит се изговараат и како дихтонзи КА, ЛА, МА итн. Само буквата М во Санскрит има дури четири мистични(тајни имиња).
КА името за Господ што се пишува како क и ЛА(ल) го даваат првото мистично име на буквата М која се гледа на геоглифот кај Св. Николе. Според санскрит, КАНДА е еднакво на КАЛА а КАЛА е тајно име на буквата М. Со ова, во многу скриена езотерична форма е дадена пораката дека КА се манифестира низ М или МА како што се изговараат самогласките во Санскрит. Оттука, токму тука на Канда имаме манифестација на Господ. И затоа Маканда е во основа на името Македонија кое е кодирано со цел да биде заштитено. Со оваа космичка креација е поврзан и зборот ПЕОН – така го викале цветот божур во древна Македонија. ПЕОН значи божур –цвеќе, што според стари руски академски извори потекнува од древна Македонија и е цветот на кој, според ВЕДА по самата пројава од Ништото или Темнината, Господ во вид на мала крушка со големина на палец во средето на божурот, пловеше низ примордијалниот океан. (Божур – како божји озар). Оттука, ова место Канда кај Св. Николе треба сериозно да биде истражено и проучено, зашто како структура не е природна туку е остаток од дамнешна цивилизација, со која е оставена порака за нас што треба точно да ја разјасниме. Канда на санскрит значи и Светилка, а бидејќи е еднаква на зборот “сириа“ (зора), значи и Сонце, и Светлина. Оттука, очигледно е дека КАНДА во срцето на Пеонија е поврзана со пројавата на Светлината односно со постанокот.
Инаку, според митологијата Пеон е син на Атлас и на П(л)еона – седмата ѕвезда на созвездието Плеада од кадешто се смета дека на земјата во вид на “фотонски појас“ е испратена “блажената светлина“. На хебрејски зборот “ма(кх)адана“ значи токму “блаженото зрачење на Плеада“. Затоа Пеонците се синови на П(л)еона и доаѓаат од Плеада и, според антички автори, се нарекуваат “Синови на светлината“. Пеон е старо македонско име за цветот божур(лотос на англиски или пундарика на санскрит) во срцето на кој лебдеше бог во вид на мала јајцевидна или крушкаста форма голема колку палец, е запишано во Веда. Оттука, МА-КАНДА според анализата на Санскрит и ведските записи значи точно пројава на фотонската светлина (Господ) во точката М. Патем, и во Гобекли тепе се откриени шест главни кругови чија позиција се поклопува со распоредот на шест ѕвезди во соѕвездието Плеада во кое П(л)еона е седмата главна ѕвезда, и кое наликува на “космички цвет“ како што уште се нарекува Плеада. Дали седмото ливче на венецот на божурот е токму македонскиот геоглиф? Тоа, со детален опис на гореспоменатите места во светот кои се сведоштво за една голема цивилизација која поседувала за нас се уште таинствена технологија, ќе биде разработено во книгата со целокупното мое обемно истражување во врска со геоглифот Канда, што ни открива повеќе од што може и да се замисли за најдлабоките почетоци на постоењето, цивилизацијата и Македонија.
Овче Поле, фотографија Вечер 2013та
Сведочиме за се почесто игнорирање на досегашните архео-астрономски, архео-акустични, метафизички, езотерични и мултидисциплинарни толкувања за овој регион. До каде Вие стигнавте во увидите за поврзаноста на најдревните жители на овие простори со денешната Република Македонија?
Плеада е местото на небото во кое се вкрстуваат митологијата и науката и многу луѓе на Земјата ја сметаат Плеада како центар на божествената енергија. Херметичкиот принцип “како на небото така на земјата“ не значи просто отсликување на позициите од Космосот на Земјата. Старите цивилизации имале многу продлабочени познавања така што знаеле дека Космосот е фреквенциски поврзан со Земјата, ние сме дел од таа целина и како планета и како единки. Астрономските позиции на космичките планети, соѕведија и сл. им служеле за ориентир во, метафизички гледано, “непостоечкиот“ простор и време, но древните луѓе не биле суеверни туку за нив принципот “како на небото така и на земјата“ значи дека истите вибрациски значења како во космосот важат и тука. Ние сме продукт на таа космичка “прашина“ и за нас важат истите космички вибрациски закони зашто космичките вибрации се во основата на се што постои.
За поврзаноста со ова укажуваат и мерењата што во текот на минатата година на геоглифот Канда во два наврати ги направи странската мултидисциплинарна екипа со специјалисти од археоакустика и неколку други области. Фреквенцијата што тие ја измерија, а што можевме да ја слушнеме снижена за неколку октави наликува на звучни сигнали во вид на Морзеова азбука и го наметнува прашањето – дали е тоа запис што треба да го прочитаме, дали е поврзано со технологија на постоење на ткн. “подземно сонце или тајна светлина“?!
Во секој случај, моите истражувања наведуваат дека под површината на глифот се наоѓа таа мала крушкаста форма – специфичен камен (лапис лазули – син камен), од космичка прашина– што поставен на столб со навои (во Египет познат како џед или зед, ѕед) и е во состојба да произведува фреквенција што е благопријатна за човечкиот организам. Можеби и да создава светлина со полезност слична на сончевата. Само постоењето на таква светлина што старите цивилизации знаеле како да ја произведат, може да разјасни како луѓето по големите катастрофи – настанати како резултат на војни со разорна моќ поголема од нуклеарна меѓу Светлите и Темните – значи може да се разјасни како луѓето, кои за да се заштитат се сокриле во подземни тунели, успеале да преживеат илјадници години во “темно“. Тоа се Светли луѓе кои за да преживеат се сокриле и живееле под земја и затоа тие се дел од светлиот принцип. Во оваа смисла, интересно на пример е дека старото име на светилиштето кадешто се наоѓа подземниот “храм на Сонцето“ – Каласасија во Мексико е Таипикала, што буквално значи “каменот во центарот“. Ова име има геоцентрично и етноцентрично значење, што значи дека градот бил сметан не само за политички центар на државата туку, исто така, како централна точка на универзумот.
Поради се ова а и други причини, за кои сеуште не е време да се говори, внатрешната структура на Канда треба внимателно и многу стручно да биде проучена зашто веќе се смета дека коморите со „џед“ – столбовите во тунелите во пирамидите, всушност се комори чија фреквенција делува благопритајно на луѓето и на нивната ДНК. Некои автори дури тврдат дека во блиска иднина такви комори ќе се прават и во нив луѓето ќе минуваат некое време за целосна регенерација, подмладување или исцелување. Во оваа смисла, ако постои нешто сеуште неоткриено – тоа се знаењата на таинствените “алхемичари од Македонија“, што во своето епохално дело “Сто години самотија“ ги споменува колумбискиот писател Габриел Гарсија Маркес. Не постои поголема алхемија од тоа од темнина да направиш светлина, или злото да го претвориш во “злато“, непостоењето во постоење. По ова, мислам дека не треба дополнително објаснување кои сили денес ги напаѓаат Синовите на Светлината и зошто се бара да се смени фреквенцијата на едно име, бидејќи се е вибрација и секоја буква односно збор има своја посебна вибрација односно фреквенција. Промена на само една вибрација и веќе зборот или што и да е, е нешто сосема друго, се замаглува вистината и се интервенира во космичката поставеност. Најочигледен пример е зборот Пеон, што Грците го имаат извитоперено во Пајон, и тогаш никогаш не можеш да дојдеш до оваа поврзаност на нештата што овде ви ја презентирам. Менувањето на називите и фреквенциите е најмоќното оружје за менување и бришење на меморијата за вистинската историја и знаења на човештвото.
Зошто велам дека во внатрешноста на Канда се наоѓа таа мала крушкаста, јајцевидна форма? Па затоа што Пеонците ги почитувале Аполон и Артемида, а тие секогаш се прикажувани како стојат покрај таков столб со мала крушка на врвот. Тоа мало јајце врз стилизирани ливчиња од пеон, божур – пундарика, пушкара на санскрит или лотос на англиски- е најстариот македонски симбол што се наоѓа на капителите откриени во Бела Зора кај Канда и на многу други места. Стилизацијата на ливчињата на божурот се исто така најстариот македонски симбол – познат како розета која се наоѓа во средината на македонското шеснаесеткрако знаме.
Бевте во длабочините на Азија, по стапките на Александар Македонски. Што може денешната генерација да научи од ликот и делото на Искандар?
Тој е еден од Аватарите на човештвото и како Македонец ја изврши целосно својата мисија и улога во Космичкото тркало, за зачувување и пренесување на сушноста и пораките на Севишниот Господ. Тоа е суштината на македонските корени на Веда што мора да се разберат за да расчитаме и уште еден важен аспект за нас. Ведските знаења опфаќаат математички, астрономски, физички, и религиозни вистини. Религиозните химни манифестираат голема посветеност кон еден Бог и на Светлината.
Правилата за свето однесување и светите знаења за исправен однос на човекот кон природата, односно кон Бога, се дадени во ведските химни и се безмалку идентични со православната езотерија односно со православниот христијански приод и поимање на Бога. Преку православното христијанство се зачувани и раширени низ светот овие најстари божји принципи, од кои доколку човештвото отстапи ќе придонесе за своето сопствено самоуништување. Затоа сите напори на Светлите луѓе се насочени кон тоа да се живее според првичните божји принципи, или она што во христијанството се нарекува “божји образ“. Светиот дух е тоа божествено зрачење што не прави да бидеме поврзани со изворот и со принципот на Светото Тројство. Дуалниот принцип на почитување на женско-машкиот принцип е поедноставување на космичката поставеност на постоењето. Сите сме пред се душа, душата е симбиоза на машко-женската подвоеност и душата нема пол. Исто како што Канда не значи само месечина- женски, или само сонце како машки принцип. Таа ги спојува двата поларитети во Светлина, зрачење и над земја и под земја. Тој космички, син, филозофски камен или само Камен што ја дава таа светлина е најверојатно под Канда, а се наоѓа и во малото село на Александар Македонски (Зулкарнај) во Узбекистан, кадешто според нивно тврдење, преостанале да живеат стотина Македонци од најблиската свита на македонскиот цар. Дали е таму навистина закопан Царот, ние не можеме да тврдиме, но како и да е, таму го најдовме “синиот камен“ и месечевиот бунар на Александар. Дали тој син камен или лапис лазули е дел од имагинарниот круг со кој се објаснува и затворањето на космичкиот ведски круг чија важна алка е Александар Македонски, кој во Веда е претскажан и се нарекува Сканда. И пак се враќаме на Канда што на санскрит значи и бел божур, а Рокана е црвен божур. Да потсетиме Рок(с)ана или Роксанда е името на жената на Александар од Бактрија, територија во Централна Азија во која се населиле Белите од овој дел на светот десетици илјади години пред Александар. Затоа, Белиот и Црвениот божур од Пеонија, Маке(н)донија, се спојуваат и стануваат едно во Канда, или МаКанда. Александар ја знаел добро својата космичка духовна мисија и тој придонел за зачувување и ширење на македонско-ведските принципи. Благодарение на него, само 300 години по неговото земско постоење, токму тие принципи се раширени како христијанство, што го пророкуваше старозаветниот пророк Еремија чии пак коски, токму Александар Македонски ги пренесе во египетска Александрија. Тој ја извршија својата мисија, сега е ред на нас и на сите други наследници на ведските луѓе и ведскиот светоглед. Да го заштитат човештвото од нуклеарен конфликт што би предизвикал нова катаклизма и уништување на модерниот свет.
Интервју ЛОЗА 2015
Прашања – Никола Ристевски
0 Comments