Превземено

Ерос, Буда и Спектрумот на Љубовта

Еден пријатен ден во Август воздухот во просториите на поранешната црква е исполнет со возбуда. Некои луѓе се дојдени дури од Франција и Бразил да присуствуваат во Интегралниот центар во Болдер, Колорадо. По втор пат во историјата на нивните бројни дијалози насловени како Guru & Pandit, духовниот учител Ендру Кохен и професорот по интегрална наука Кен Вилбер разговараат во живо пред публика. Креативното подавање со мисли не само што допринесува да се обележат најважните односи помеѓу теоријата и праксата, туку и осветлува нови пространства на еволутивната духовност толкувани преку вештина и провидност. Многу од посетителите насетија дека следува филозофски спој на теориите на еволутивно просветување на Ендру Кохен и интегралната теорија на Кен Вилбер. Размената траеше неколку часа а како прилог ќе имате можност да ги прочитате одговорите на двете најинтересни прашања поставени од публиката.
Прашање: Кен, во неколку минати изјави рековте дека Буда не бил просветен на начинот на кој може да биде просветен човекот на денешницата. Се заинтересирав во врска со ова и стигнав до многу различни дефиниции за тоа што значи човек да биде просветен или разбуден. Дали можеш да го објасниш поопширно значењето на таа порака.
Кен Вилбер (Ken Wilber): Ова е контроверзна поента но сепак имам многу добри причини зошто продолжувам да ја претставувам. Изјавата беше дека Гаутама Буда бил разбуден барем до пола од степенот до кој може да биде разбуден еден деец на денешницата. За да ја разбереме суштината на тоа тврдење треба да разгледаме неколку факти.
Прво, треба да се согласиме дека стварноста се состои од две темелни димензии: свет на празнина и свет на материја. Празнината е безвремена, недокажана основа на постоење. Достигнувањето на таа празачеточна празнина отсекогаш било цел на духовното пробудување или просветување што денес можеме да го опишеме како традиционално и историско толкување на поимот.
Тоа е тоа што Буда го нарекува Нирвана. Значи: ништо не бидува-ништо не постои. Тоа е состојба на свеста во суштина слична со сон без манифестации од секојдневието, во смисол дека таму нема болка, нема суета, нема страдање, нема копнежи- нема ништо од тоа. Вечното спиење без сон е место каде преовладуваат мирот и слободата- место недостижно за превирањата во материјалното постоење. Откровението дека нематеријалното постоење отсекогаш било гледано како начинот по кој се стига до излезот од вечниот круг самсара- кругот на болката и страдањето, раѓањето и смртта.
Така, Гаутама Буда ја достигнува идеалната празнина и од таа гледна точка според традиционалното толкување, овој човек бил разбуден. Тој достигнува идеално единство во свеста кое му овозможува да ги надмине замките на материјалните возобликувања, времето и просторот. Но, од прилика осумстотини години по неговиот живот, еден чудесен човек по име Нагарџуна мудрува дека доколку навистина посакуваш да го доживееш идеалното единство, во тој случај не можеш да посегаш само по нирвана и да заборавиш целосно на самсара бидејќи ова трагање е сепак дуалистичко по природа. Она по што треба да трагаш е како да ги вклопиш во едно нирвана- излезот од кругот и самсара- вечниот круг, односно треба да ги споиш материјалното со нематеријалното. Нагарџуна ова го нарекува нондуалитет.
Ова достигнување предизвикува револуција во учењето Махајана. Харт Сутра го доловува ова во негова позната изрека: “Обликот е празнина. Празнината има облик.“ И како резултат на ова доаѓа до промена во начинот на кој го сфаќаме просветувањето, будењето. Тоа достигнување сега не настапува како последица на криење од едната половина на реалноста во другата нејзина половина, туку претставува просветување кое ги прима во едно слободата на празнината и исполнетоста на обликот. Со тоа веќе не сме само пробудени во природата на сопствената совест од чија внатрешност гледаме нанадвор. Кога гледаме во планина стануваме планина, кога гледаме во сонцето стануваме сонце, кога ја допираме земјата стануваме земја. Галаксиите кружат низ крвните садови а ѕвездите ги вклучуваат невроните. Ние сме едно се се ова.
Тоа е првата поента- будата ја постигнува неговата празнина но дотолку колку што го опишав тоа овде, тој не ја доживува исполнетоста на нондуализмот и не станува дел од се што постои. Втората поента е тоа дека празнината е безвремена и непроменлива а светот на обликот- материјалниот свет, не е. Во последниве години сфативме дека светот што има облик е во постојано преобразување, еволвирање и бидување. Ова значи дека светот на обликот еволуирал две илјаду и петстотини години по времето на Гаутама Буда. Од тогаш наваму настапуваат барем три главни културни фази кои стануваат дел од структурата на светот кој има облик. Овие фази се аспект на опипливата стварност, а тогашниот Буда немал пристап до нивното знаење од проста причина што во неговото време тие сеуште не биле дојдени до израз. И така ако дадеме обзир за можностите на денешниот деец, неговиот еволутивен напредок е за неколку скалила понапреден од тој на тогашниот Буда. Просветениот деец на денешницата не е ништо повеќе слободен од будата- бидејќи безвремената празнина не го менува нејзиниот принцип- но затоа е повеќе исполнет и е во можност да го искуси единството по пат на многу различни манифестирања. Во однос на еволутивниот развој човекот на денешницата е едноставно многу понапред.
Ендру Кохен (Andrew Cohen): Ова е многу важно разликување. До пред скоро во човековата историја точката за споредување, односно доловување на апсолутното, на мистичниот семоќен седржител, ја гледавме само во замислите за нероденото, несоздаденото, безвременото, безобличното- оние работи кои ги спомна Кен претходно. Овие својства постојат во димензија која била долго во постоење пред да се случи целосното возобликување на светот каков што го знаеме. Кога ќе се внесеме во тие својства доживуваме ослободување од чувството на заробеништво во физичките облици и заробеништво на умовните процеси. Доживуваме длабоко егзистенционално ослободување од целиот обликуван свет. Но, како што напомена Кен, штом ќе сфатиме дека празнината и обликот се едно цело а не две половини, и уште понатаму, дека обликуваниот свет постојано еволвира, тогаш ни се променува целосно обзирот кој го имаме за светот.
Традиционалната основа која подразбира пробудена свест, дури и по еден милион години од сега, ќе ја задржи својата дефиниција затоа што таа човечка димензија во однос на се во нас и околу нас не може да се промени. Затоа будата го нарекува тоа својство “нероденото“. Се останато ќе продолжи да се развива во вечен процес на еволутивно настанување. Бидувањето е безвремено и не се менува додека Настанувањето е во непрекинато движење, во развиток и откривање- откривање на потенцијали кои не можат да настанат освен ако не дојде до претходни откровенија во разните области на знаењето и можното. Како што еволутивниот процес на настанување продолжува да се одвива и како што потенцијалот за самоисполнување на човештвото и длабочината и распонот на нашата свест продолжуваат да растат, се прашуваме, како би изгледал еден просветен и пробуден човек илјада години во иднината? Или пак после пет илјади години од сега? Какви ќе бидат божествените потенцијали кои ќе дојдат до израз во тоа идно време? Не ни можам да почнам да го замислувам ова што е самото по себе возбудлива помисла. Сето ова не значи дека будата не е едно од најголемите откритија во историјата, туку, несомнено е дека постои нов навев на сфаќање кои се целите и начините на духовното самоисполнување. Постои радикално креативна еволутивна димензија на просветувањето за која ние штотуку развиваме слух и осет.
ЕРОС: КРЕАТИВНОСТ И ВОЗБУДУВАЊЕ НА ПОТРЕБИТЕ
Вилбер: Мистичните традиции обично го делат апсолутното на две димензии: едната е радикално безвремена и безоблична а другата се однесува на светот во кој преовладуваат времето и просторот. Во Хинду Веданта на пример, крајно безобличната димензија на апсолутното која не може да биде манифестирана е наречена Ниргуна-Браман. Ниргуна значи без својства а Браман е апсолутниот дух, и од ова се толкува, апсолутниот дух без својства. Но сега, со тоа што апсолутното почнува да се манифестира во светот кој ни претстои, тоа зазема нова дефиниција и име и се нарекува Сагуна-Браман, или, Браман со својства и квалитети. Овие својства и квалитети се во основа најраните карактеристики кои можеме да ги приврземе на светот кој настанува и кој се оформува а тоа се: постоење, свест и радост а овие работи се обично опишувано во Веданта. Но креативноста, мислам е уште едно важно својство кое јас и Ендру го опишуваме со зборот Ерос. Тоа е копнеж за постоење, стремеж на духот кон повисоки, покомплексни, пошироки облици на постоење. Со други зборови, Ерос е стремежот на еволуцијата- стремежот на духот кон се повеќе и повеќе сложени рамки на постоење и на вселенско возбудување на духот.
Со понатамошното толкување на Ерос стигнуваме до заклучокот дека новата мисла во однос на еволутивното просветување се занимава, пред се, со толкување на начините на кои духот или душата се манифестира во времето и просторот. Духот се манифестира во и околу нас и тоа во три основни аспекти: постоење-свест-радост кои формираат едно цело кое исто така може да се гледа како урнебесна, итна и иновативна вештина на создавање. Да се биде директно вклучен во сево ова е една од оние работи кои ги предава Ендру: подвижно, незауздано духовно препородување на самите себе наспроти споро и неуживателно согорување на затвореното его. Овој концепт на Автентичното/Единственото Јас станува значително нужен затоа што претставува автентичен одраз на прекрасни чувства во нас како и ослободување на телото кое има потреба да е живо- тоа е и полно со жива сила која сака да излезе.
Човештвото има огромен недостаток од оваа жива сила која навистина може да помогне во решавањето на сериозните, глобалните проблеми кои бараат креативни решенија. Попримањето на овие насоки на гледање на животот не предизвикуваат да мислиме дека мистичната духовност има тенденција да се затвора во телото и психата, што воопшто не допринсува до протерување на сеништата од себе, заедницата и општеството. Впрочем токму затоа запознавањето на сопственото духовно Јас и неговото сплотување со урнебесниот, прониклив и креативен стремеж на Ерос кој е вгнезден во секој човек, е една од неколкуте работи кои можат да ни помогнат да стекнеме разбирање на проблемите и поуспешно да се соочиме со нив.
Кохен: Токму така. Затоа е важно да сфатиме дека кога незамисливото апсолутно го зачнало универзумот, “тоа“ нешто направило семоќен премин од безобличност во облик, од просто бидување во случување, од непостоење во постоење. По изведувањето на тој премин се променува и природата на физичките вредности. Природата на физичките вредности на Апсолутното во неговата безвремена, безтелесна форма секогаш ќе се сведува на перфектен мир. Но мигот кога времето почнало да тече, да се одвива и Апсолутното го преобразува својот незамислив облик и настапува во креативниот процес наречен Ерос. Неговата природа и физичките квалитети доживуваат целосно преобразување.
Ние како човечки битија ги искусуваме тие својства како урнебесно итање кон нешто. Сите одиме некаде со нашето созревање и постоење низ времето но не знаеме каде точно. За оние кои се искрено засегнати да го остварат сопственото пробудување и да го вклопат во такт со еволуцијата- и не само да го разберат сето тоа концепциски преку умот, туку вистински да се разбудат во самото дејство- за да дојдеме до ова мораме да најдеме начин како да го лоцираме тоа предвремено струење на еволутивните импулси во сопственото тело и телесно окружување.
Појдовното и најлесното место каде можеме да го лоцираме тој импулс е во сексуалниот нагон. Секогаш кога ќе искусиме сексуална потреба, сакање и преовладувачката биолошка заповед за размножување, на многу изразит начин го чувствуавме урнебесното итање на Големата Експлозија (Big Bang) која самата се јавува во нашиот нервен систем. Тоа е основното ниво на струењето кое можеме да го почувствуваме како пулсира низ нашите физички тела. Секое животно, без исклучок, го доживува истото струење.
Сепак има едно друго понапредно ниво на струење во човекот што не прави да сме единствени и извонредни, а тоа е внатрешната заповед да измислуваме и создаваме. Човечкиот род е во движење поради заповедта која доаѓа од внатре а се изразува како поттик да правиме нешта кои се нови. Било кој човек може да се пронајде самиот во ова движење. Во најкреативните мигови кои ги имаме кога навистина сме на најдобро поведение нашите највозвишени дарби продираат надвор од нас, и чувствуваме неверојатна возбуда, инспирација и сме запалени од помислата за се она што за нас е возможно. Во овие мигови или фази ние допринесуваме во животниот процес и го искусуваме урнебесното итање. Искусуваме Ерос. Ако внимателно си ги слушаме чувствата додека сме поттикнати од возвишените креативни потенцијали ќе забележиме дека доживуваме извонреден ентузијазам, отсуство на страв, слобода и заборавање на самите себе. Тоа се еднакви со тонење во длабока медитативна состојба. Суетата се губи во позадината и она што останува е стремеж кој има потреба да создаде нешто што до тогаш не постоело.
Како крај на ова, највисокото ниво на духовен импулс е стремежот да станеме повеќе свесни. Од каде доаѓа стремежот за свест? Зошто некои луѓе се будат со несопирлива тенденција да стигнат до повисока свест која ја доживуваат како самозаповед: “Сакам да станам повеќе свесен.“? Има тука некоја мистериозна морална одговорност која не потсетува: “не сакам да заглавам во оваа состојба. Сакам да се преродам, сакам да еволуирам, оти не ми останува друг избор.“ Тоа е амбицијата да станеме вистински просветени битија. Не е мала возбудата кога ги пренесуваме овие мисли во контекст на сопственото еволуирање. Така доаѓаме до гледна точка од која ни станува се појасно дека нашиот стремеж кон просвета и мојот стремеж кон просвета се два изрази на истата енергија и на истата интелигенција која е одговорна за започнувањето на креативниот процес кој настанал со Големата Експлозија во вселената. Таа енергија и интелигенција не движи кон нашето сопствено еволутивно просветување токму во овој миг. Зошто? Затоа што универзумот сака самиот да стане повеќе свесен благодарение на нас.
Прашање: Има едно искуство кое го доживувам неретко. Кога чувствувам дека сум поврзен со еволутивниот импулс во мене преовладува голема љубов и припаѓање на целиот свет околу мене. Двајцата ги спомнавте во неколку наврати урнебесата (екстазата) и итноста и можам само да потврдам дека и овие нешта се дел од магичното чувство. Но, се прашувам, дали љубовта е исто така својство кое има капацитет да расте?
Вилбер: Од перспектива на Интегрална Теорија гледаме две фундаментални изразувања на љубов во вселената: Ерос и Агапе, два грчки збора кои означуваат љубов. Кај секој поим кој сам по себе е целина и истовремено дел од едно цело, има движење кое има за цел да слезе и да ги почувствува пониските нивоа на тоа постоење. На пример, клетката ја обвива молекулата која го обвива атомот, кој пак го обвива кваркот (quark). Ова дејство го нарекуваме Агапе. Но кога поимот-целина се подава нагоре за да создава нови нивоа, тоа е Ерос. Така на Агапе- способноста да се обвијат пониски нивоа на постоење во грижа, во едно поголемо цело, му го препишуваме поимот Љубов. Ерос може да биде почувствуван исто така како Љубов, но тој стремеж се однесува на повисоки креативни единства и е еден од најчудните феномени на универзумот.
Размислете. Во една точка во историјата немало ништо друго освен атоми кои кружеле наоколу во просторот. Еден ден неколку атоми се одлучиле да се припојат за да се дружат заедно и за да се заштитат во вечноста се обвиткале со мембрана и така се претвориле во молекула. Навистина вчудоневидува како или зошто универзумот се одлучувил да постапи така. Некои мислат дека овој премин е резултат на некаква случајност, но не е така. Тоа е спротивност на случајноста, не е можно такво нешто да се случи на тепка затоа што самиот премин е доказ за постоење на сила која ги туркала атомите кон соединување. Тоа е спротивно на претпоставена случајност на универзумот.
Ако соединувањето на атомите во молекули не е доволно возбудливо, тогаш каков епитет ќе му дадеме на следниот премин: еден грст молекули, секоја составена од разни соединенија на атоми, се собираат во ексклузивен клуб- само за молекули. Се припојуваат молекулите едно кон друга и после некое време околу нив се јавува мембрана што ги заробува во вечна дружба. Така се раѓа клетката. Но сега, клетката е жива и може да се размножува. Фактот што вакво нешто воопшто можело да се случи е чудо на природата. Овие клетки сега пак, се соединуваат во нивно друштво и околу нив се создава мембрана, и така доаѓаме до многуклеточни организми по што следуваат растенијата. Дејствието продолжува понатаму. Се ствараат нови, посложени клеточни заедници. Некои од растенијата стануваат подвижни. Некои организми во водата се соединуваат во подвижен живот, се појавуваат животните кои стануваат се повеќе и повеќе сложени преку развивање на прост нервен конец кој во текот на милиони години еволуира во сложен нервен систем, палеоцицачки мозок, а потоа кортекс. Со постепеното еволвирање човекот се стекнува со неокортекс што ни овозможува да ги разбереме овие зборови. Се ова, без исклучоци, е движено од силите на љубовта. Големите филозофи низ историјата го нарекувале овој поим со различни зборови. Ерос е најзастапениот.
Нео-дарвиновата теорија за еволуција на видовите вели дека сите трансформации се резултат на случајност. Ако се согласиме со оваа мисла ќе треба да прифатиме дека универзумот започнува од атоми и стига до Шекспир благодарение на случајни скршнувања и влијанија на некои сили. Напротив, сево ова е безгрешно придвижуван процес. Астрофизичарот Ерих Јанч (Erich Jantsch) ја нарекува еволуцијата “само-организирање по пат на само-преобразување“. Кога ова го толкуваме кај човечкиот род, се јавува Ерос во се повисок, самопреобразлив степен на единство и свест.
Со други зборови свеста појдовно започнува како егоцентрична појава засегната само за себе, или како што Карол Гилиган (Carol Gilligan) ја неркува во нејзиното истражување посветено на жената: “себична“ фаза на развитокот. По оваа фаза следува етноцентричната фаза која таа ја нарекува “грижење“ заради способноста да воочуваме луѓе надвор од сопствениот егоцентричен свет- како припадници на семејството или на народот- и да искажуваме за нив грижа и да им посветуваме внимание. Така, грижењето и љубовта, во одредена смисла, прво се јавуваат во етноцентричното ниво на чувствување и гледање. Следува светоцентрична фазакоја Гилиган ја нарекува “универзално грижење“. Ова значи дека кога сме на ова ниво веќе изразуваме грижа за сите човечки суштества. Почнуваме да осеќаме универзална љубов кон човештвото, љубов за сопствениот идентитет кој во него ги има сите човечки суштества низ светот. По оваа фаза се придвижуваме во вселеноцентричната фаза каде дел од нашиот идентитет и љубов се сите живи суштества.
Тоа, во суштина, значи дека постои дијапазон на љубов. Љубовта гледана во еволутивен контекст е етмотивна состојба каде се подаваме нанадвор и бараме пошироки и поголеми единства. Тоа значи дека се преобразуваме самите се повеќе и повеќе и со тоа стекнуваме поголемо автентично Себе и за возврат ја смалуваме суетата, до онаа точка додека не успееме да се просветиме и да станеме самодоволни. Од таа точка натаму ние сме разбудени во “Супериорен Идентитет“, како што тоа го нарекуваат Суфи муслиманите, гледајќи го како крајно единство со вечноста на постоењето.
Кохен: Лично, мислам дека импликациите од постигнување на повисоки нивоа на љубов можат да имаат широки последици. Нарочито во контекстот на просвета, будењето во состојба која ќе ја наречеме духовна љубов, е всушност закана за статус-квото; за она статус-кво во нашиот личен свет и исто така за она статус-кво кое го делиме со културата на која и припаѓаме. Најчесто луѓето кога го користат зборот љубов во духовен контекст приспособуваат топли и меки чувства. Додека вистинската љубов е и секогаш ќе биде екстатично искуство на еуфорија. Во моето искуство никнувањето на автентична духовна љубов која е дел од процесот на будење во она што е апсолутно и безвремено, носи реални закани по златната средина која сме ја граделе во општата димензија на личното постоење. Таа љубов ни дава поттик и не предизвикува да правиме големи чекори нанапред и нагоре поради причини само за нас се големи и замисливи.
Вилбер: Токму така. Тоа е закана.
Кохен: Апсолутно. И затоа мораме да научиме да го цениме тоа дека постојат разни нивоа на љубов. Некој ќе каже: “Јас најмногу на свет сакам јуфки.“ Добро, и тоа е еден вид на љубов. Или пак, “многу си го сакам кученцето.“ Тоа е исто така оригинално чувствување на љубов. Или, “ја сакам жена ми“. “Јасакам ќерка ми“. “Си ги сакам другарите“. “Си го сакам градот“. И така натаму. Сите овие се вистински емотивни искуства и сите имаат различни квалитети.
Но кога ќе се разбудиме во подлабоките димензии на безусловна, апсолутна манифестација на љубовта, чувствуваме својство на емоции кои имаат сосем различен редослед. Ова радикално ги преминува сите дотогашни манифестации на љубовта и може да доведе до своевиден претрес- на многу директен, моќен, точен а понекогаш и шокантен начин- многу од мненијата за љубов кои сме ги имале пред да го доживееме пробудувањето ќе бидат пресметани преку новооткриеното, далеку подлабоко доживување на духовна љубов. Може да се случи љубените да станат провидни пред нашите очи и да се случи повеќе да не чувствуваме дека сме во единство со нив на истиот начин како што сме го доживувале тоа порано. Сега ги гледаме од повисок видик и доживуваме љубов која не е повеќе лична. Таа љубов не се заснова на приврзување или искуства во минатото или заедничка приказна. Одеднаш дознаваме дека оваа нова љубов сака да прибере поголем дел од светот во нас, поголем дел од универзумот, од вселената. Љубовта сега е повеќе приемчива а помалку засебна.
Поединците со кои сме ги имале овие релативни искуства на љубов и приврзување веројатно ќе почувствуваат дека не ги сакаме повеќе. Секако, не е точно дека не ги сакаме помалку од порано. Едноставно, сега сме пронашле подлабок извор на љубов и ни станува јасно дека веќе не сме заљубени во поединци туку во самото пробудување. Тоа значително ќе го промени односот кој го имаме со светот. Ќе се променат својствата на односите кои ги имаме со луѓето. Ќе го промени начинот на кој го толкуваме зборот однос и ќе не натера да бидеме опипливи во однос на се.
Значи, искусувањето автентична духовна љубов секогаш е предизвик за златната средина во нашите животи на начин кој е драматичен, еволутивен и длабоко инспиративен. Поентата е, ако вистина сакаме да знаеме што е љубов, ако сакаме да се опијаниме од духовна љубов, тогаш ќе мораме да се ослободиме од приврзаноста за начинот на кои биле подредени нештата. Работите можеби ќе доживеат драматични промени но исто така, можеби нема да се променат многу. Во секој случај, мораме да бидеме спремни на се. Вистинската љубов создава земјотрес на прагот пред кој стоиме и открива целосно различни пејзажи од она на што сме биле навикнати дотогаш.
Вилбер: Колку повисоко се качуваме по скалата на свесноста толку повеќе можеме да располагаме со капацитетот на љубовта. Тоа што го опишуваш е љубов родена од навистина напредната свест. Тоа претставува целосен идентитет за светот кој се манифестира. Љубовта за разното манифестирање на светот пред нас е нагонот на Ерос кој потекнува уште од почетоците науниверзумот, со неговото доближување и припојување на атоми, клетки и ткива во повисоки и поразвиени единства пред четиринаесет милијарди години. Ерос никогаш не се откажал од неговата функција.
Кохен: Ќе биде корисно да се навратиме за момент на двата вида на љубов кои ги опиша- Ерос и Агапе- бидејќи, имам размислувано многу на оваа тема и заклучоците се значајни во однос на нашето разбирање што е Еволутивно Просветување.
Ако се осврнеме на потрадиционални толкувања на просветувањето, тие присутни како на Исток така и на Запад, гледаме дека надворешните стремежи кои ги изразува просветениот поединец се посветени на грижливо лечење на страдањето кое постои во светот. Во историјата има многу големи духовни мајстори и просветени дејци, а ги има и денес, кои го изразуваат сопственото будење преку храбри и херојски дела, длабоко чувствителни дела наменети да го лекуваат вистинското страдање во светот. Сепак многу ретко можеме да сведочиме на урнебесното, напредно подавање на Ерос. Затоа мислам, штом се пробудиме во Ерос, односно еволутивниот импулс, кога тогаш пристрасноста ќе се промени. Потоа стануваме помалку засегнати да му помагаме на светот и наспроти тоа стануваме повеќе засегнати да го напреднеме тоа што е навистина револутивно и ново.
Од ова имам забележано само неколку примери во народните традиции, како на пример, во една приказна од библијата во која Исус оди по патот со неговите следбеници и му приоѓа човек кој сака да им се придружи. Човекот ги прашал дали можат да го почекаат за прво да го закопа неговиот покоен татко на што Исус му одговара: “остави на умрените да ги закопуваат умрените! Тоа што го правиме ние е далеку поважно.“ Кога се будиме со нови потенцијали и тргнуваме по патот без да сопреме, повеќе не интересира да оставиме да дојде до израз она што е можно отколку да дојдат до израз дејствијата кои ги лечат проблемите и страдањата кои се насекаде околу нас. Така искуството на љубовта во вид на Агапе и искуството на љубовта во вид на Ерос, барем според моите сфаќања, се две крајно значајни но исто така крајно различни манифестации на она што е духовна љубов- и уште понатаму- тоа се две различни изрази на просветената свест. Важно е да разбереме дека духовната љубов доаѓа во овие различни облици. Треба да бидеме претпазливи, да го имаме ова на ум, за кога ќе бидеме совладани од моќта на љубовта ќе можеме да откриеме што се случува во нас и да си признаеме на самите себе дека не е се така сеедно.
Вилбер: Ќе додадам дека Ерос го поттикнува растењето на Агапе. Ерос ги преобразува луѓето од егоцентрични во етноцентрични, од етноцентрични во светоцентрични и од светоцентрични во вселеноцентрични. Со секое ново достигнато ниво на свест и љубов дотогашните сфаќања за љубовта се преобразуваат за да примат се повеќе од вселената во нас, што може да биде, како што рековме, драматично за човекот.
Преминот од егоцентрик во етноцентрик е голем затоа што сега веќе размислуваме не само на себе туку и надвор од личните граници. По тој премин почнуваме поразлично да гледаме на семејството, племето, народот. Тоа е една скала погоре во нивото на грижење. Но кога Ерос ќе ни помогне да се качиме на уште едно скалило погоре, стануваме светоцентрични и тогаш се ставени под знак прашалник нажите побожни убедувања. Религиозните фундаменталисти можеби ќе се соочат со огромен предизвик да ги пресметаат личните убедувања дали патот до Господ е тој што го покажува црквата или верската институција. Кога етноцентричните фундаменталисти преминуваат во светоцентрични димензии на постоење почнуваат да гледаат со други очи на човечките суштества. Сега наоѓаат во себе одобрување и прифаќање на сите луѓе без разлика на раса, боја на кожа, пол или народна припадност. Веќе зборуваме за нови димензии на љубовта иако етноцентричната љубов е самата по себе доволна и голема. Но сепак, нацистите ги сакале нивните семејста што е сосем во ред. Но не ги сакале семејствата на ниеден друг народ! Затоа светоцентричната димензија на љубовта претставува повисоко ниво на постоење од етноцентричното. На крај, вселеноцентричната димензија е цела еволуција над светоцентричната димензија. Се менуваат правилата на нашето постоење кое го врзуваме со постоењето на човештвото што самото по себе е феномен кој мора да има свој крај. Ослободувањето од тоа приврзување е стекнување поим, прифаќање и сакање на целата еволутивна траекторија која не донесе до оваа точка. Шокантните прилагодувања на секое ново ниво на љубов стануваат посложени и подлабоки.
Денес човештвото е соочено со тегобни проблеми кои нема да бидат решени од етноцентричните држави затоа што тие проблеми се на глобален план. Ако не придобиеме повеќе поединци со токму такви, бескрајни, капацитети за љубов кои ќе стигнам барем до светоцентричната димензија, е тогаш ќе западнеме во голема невоља. Мислам дека сите го предосеќаме ова. И мислам дека многу од нас сфаќаат дека тој нагон кој не води кон интегрална и еволутивна духовност е всушност нагон да ја земеме во зафат општата ситуација во светот. Само така ќе можеме да принесеме за олеснување на проблемите кои не демнат.
Фактот што човештвото за прв пат во неговото постоење се соочува со проблеми кои достигнаа глобални димензии и фактот што за прв пат во историјата филозофијата и духовноста со која располагаме исто така опфаќаат глобални и интегрални размери, не е никаква коинциденција. Мислам дека овие нешта растат наизменично, во ист такт. Еволуционерните умови и духови се дигаат да му одговорат на светските предизвици кои не демнат. Затоа, да биде јасно- светските умови и духови се пандан на светските проблеми и решенија. Сите сме способни да почувствуваме длабоко во себе колку е сето ова значајно. Знаеме дека ова е ново сетило за многу луѓе.
Кохен: Во однос на пресметување на глобалните проблеми треба да делуваме заеднички, како човечки род и затоа мислам дека светоцентричната димензија на човечкото просветување е доволна во овој стадиум на човековиот развој. Така мислам бидејќи за да им одговориме на предизвиците треба да се сметаме сите како дел од едно цело- како шест милијарди луѓе на планетава.
Штом од светоцентрично се просветиме на вселеноцентрично гледиште на постоењето, тогаш се што се случува на земјата- вклучувајќи ги и достигнувањата во внатрешната совест- е производ на и дел од некое поголемо одвивање во вселената. Ова разбирање ни остава повеќе простор- простор за дишење- во сопствената психа, во склоп на културата во која припаѓаме и во светот околу нас. Способноста да ги толкуваме земните случувања и да ги прифаќаме како дел од сеопширен космички процес- и тоа не само во интелектуална смисла туку и како дел од внатрешно т.е лично збиднување- тоа сум сигурен, во нас ќе пробуди непристрасно сочувство. Меѓу другото, ќе стекнеме да цениме колку е неверојатно деликатен целиот овој, експеримент. Веќе знаеме дека тековните развивања се дури и прецизно ускладени едни со други што ни отвара простор со право да претпоставуваме до какви височини може да достигне човечкиот потенцијал доколку опстанеме и продолжиме понатаму. Можеме да претпоставуваме и колку многу ќе биде изгубено доколу не успееме.
Преминувањето на секоја од неколкуте фази на свест со себе носи трајни учења, ослободувања од непотребни навики, срдечност за обични нешта. Безгрешно ќе цениме колку е величествен целиот процес, колку е чудна историјата на човештвото и колку е волжебна природата. Ќе го цениме фактот што разбираме зошто постојат проблемите околу нас. Ќе се почувствуваме надмоќни наспроти некои проблеми и нема да им дозволиме да прават жртви од нас и така ќе исчезне потребата да наоѓаме изговор за тоа што сме цинични настроени кон многу работи или пак тоа што сме се кренале раце од животот. Да можеше се да се одвива по друг пат се ќе беше поинаку. Но не е, затоа што ова е начинот на кој еволуцијата не искористи нас за да не доведе до оваа точка. Намерите на еволуцијата, нејзината цел, има добри мотиви. Човештвото, исто така, преку добри и лоши намери дела се донесе до денес. Намерите или целите на секој кој човек биле добри според тие услови, тие сфаќања, тие односи. Денес тоа е поинаку. Денес знаеме дека некои работи се променети.
Преку вселеноцентрична призма со доза на спокој ги разгледуваме околностите, но тоа не значи дека потребата за итност која преовладува треба да биде занемарена. Треба да научиме да ги обавуваме должностите далеку подобро. Доколку не ги решаваме проблемите на поефикасен начин големиот експеримент наречен живот, барем во овој агол на нашата галаксија, нема да успее. Во меѓувреме почнуваме да цениме се, па дури и проблемите. Прифаќаме дека конфликтите и страдањето се вродени органи на еволутивниот процес и тоа ни дава повеќе сила да продолжиме понатаму но и да преземеме одговорност. Пред нас стои просветена, пробудена перспектива која ни ги отвара срцата на најдобар можен начин, ни дава инспирација да се исправиме, да ги засукаме ракавите и да станеме воини на можното.
Текстот е позајмен од списанието Enlighten Next и е преведен од Мартин Анастасовски

Newsletter
Sign up for our Newsletter
No spam, notifications only about new products, updates and freebies.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *