.
„Животинска фарма“, романот на Орвел, госпоѓице, моето скромно мислење е дека наеднаш почнал да живее во таа книга – младиот доктор се постави во таква положба, за телото да им дава поголема важност на зборовите. – Јас би додал, среќа за него, замислете да си умислеше дека е дел од „Метаморфози“ на Кафка, знаете таму човекот се буди…
– Тргај пред мене! – викна гласно човекот со бес на лицето. – Не сакам да тргам никаде! – рече во себе магарето и ги затвори очите. Ударот на стапот го погоди точно меѓу очите и тој без да сака ги отвори. Болката во главата ја чувствуваше низ целото тело. Каков кошмар, сакаше да изусти, ама устата му остана подотворена, оти веднаш стана свесно дека не е на местото каде што вчеравечер реши да преспие. Беше затворено во некаква чудна човечка просторија, поставено во незгодна за него положба, од плафонот кон неговите очи блештеше неприродна светлина, ама најчудното се наоѓаше над неговата лице, три човечки глави зјапаа кон него. Ова е сон во сон, му беше првата мисла. – Мислам дека се разбуди – изусти најстариот маж меѓу тројцата застанати над него. Вие сте исчезнати, сакаше да каже, баш би било добро да исчезнете и од мојот сон, ама младата жена, единствената жена меѓу тројцата, се наведна над него и ги залепи своите усни токму онаму каде што ја чувствуваше најсилната болка од ударот. – Бенџамин! – рече нежно младата жена. – Ме слушаш ли Бенџамин? – Мислам дека ве слуша, ама не ги перципира вашите зборови – и рече помладиот од двајцата мажи. И тој и постариот од него беа облечени во бело. Кои се овие луѓе, каков е овој кошмар, магарето сакаше да се исправи, ама нешто цврсто го држеше во неприродна положба. – Што му се случува докторе? – жената беше вознемирена. – Госпоѓице Елис… – магарето забележа дека стариот намерно го стиши гласот, како сега да ќе соопшти нешто многу важно – …мојот колега веќе ви соопшти, полицијата го нашла сосема гол, одел по автопат. Кога нѐ повикаа нас, стоеше исправен во полициската канцеларија, застанат покрај прозорецот, само гледаше надвор и… – И рикаше како магаре… – додаде младиот. – Молам? – жената ги ококори убавите очи. – Госпоѓице Елис… – стариот ја допре за рамото – …од она малку што го извадивме од него, тој одбива да прифати дека е човек. Тврди дека луѓето исчезнале, ако добро го разбрав. Убеден е дека е магаре и дека сега може слободно да талка низ светот на своја рака. – Бенџамин?! – на очите на младата жена се појавија солзи. Не плачи, сакаше да ѝ каже магарето, тоа што сите вие луѓе исчезнавте сигурно има некоја возвишена цел. – Госпоѓице Елис… – како и младиот да сакаше да ја допре за рамото, ама само неприродно замавта со раката – …Бенџамин е магарето на Орвел, главниот лик во романот „Животинска фарма“. – Какво магаре, каков проклет Орвел, сакате да кажете дека тој е сосема полуден? – младата жена не ги криеше веќе солзите. – „Животинска фарма“, романот на Орвел, госпоѓице, моето скромно мислење е дека наеднаш почнал да живее во таа книга – младиот доктор се постави во таква положба, за телото да им дава поголема важност на зборовите. – Јас би додал, среќа за него, замислете да си умислеше дека е дел од „Метаморфози“ на Кафка, знаете таму човекот се буди… – …како бубашваба, знам! – нервозно го пресече младата жена – Докторе, не ме интересира вашето познавање на литературата. Бенџамин исчезна пред цел месец, цела полиција го бараше, на крајот го наоѓам во психијатриска клиника и вие ми тврдите дека тој е магаре! Младиот човек се зацрвени и овој пат црвенилото беше природно. Ги познавам добро луѓето, му дојде смешно на магарето, младата жена му се допаѓа, сега само уште да заврши сонов и да се разбудам во шумата. – Полека Марк, не така! – му се заврти стариот на младиот. – Госпоѓице Елис, подобро е да го оставиме на мира, седативите што му ги дадовме ќе почнат да дејствуваат, дојдете да поразговараме во мојата канцеларија. – Нема ли да го одврзете? – строго запраша жената. – Одврзи го, Марк! – го прекина стариот. Го одврзаа. Младата жена се надвисна над него. – Бенџамин Бенг, веднаш да си се вратил во оваа реалност! – му рече строго, бакнувајќи го нежно. И тројцата излегоа. Онаму каде што се спушти бакнежот, веќе ја немаше болката. Се исправи. Да, тоа беше чудна човечка просторија, немаше видено вакво нешто никогаш во животот. Воопшто не изгледаше како штала, ама за среќа имаше врата. Полека тргна кон можноста за излез, иако одеше тешко, како да нема контрола врз сопствените нозе. И тогаш нешто му го привлече вниманието, нешто покрај кое помина, ама се поврати. Огледало, помисли, така го викаат луѓето, тврда вода во која можеш да си го видиш одразот. Се погледна и посака да рикне од ужас, ама занеме. Од огледалото во него зјапаше лице на млад човек. – Бенџамин Бенг! – викна на глас. – И бенг, се будам! – му рече магарето на гавранот. – И овој сон почна да се повторува, пријателе! Сонувам дека се будам како човек, жив човек среде други луѓе, а човечкиот све
т присутен, не исчезнал. – Страшно… – процеди низ клун гавранот. – И колку време се повторува ова? Магарето не одговори. Почувствува како две очи да го демнат од некаде. Две убави очи, две женски човечки очи. Елис, од каде ли ми е познато тоа име, помисли во себе. – Батали! – му рече на гавранот. – Ми треба да најдам магарешки трн.
tag: езоптерија
извор: Нова Македонија