15 км. јужно од Свети Николе покрај самиот десен брег на Брегалница на падините на планината Богословец се простира македонскиот кинески ѕид познат под името „Ѓаволски ѕид“. Неговата 500м. должина, 12м. височина и 2м. ширина ја доловува неговата грандиозност, велелепност и мистериозност. Во недостаток на научни сознанија постојат повеќе толкувања за настанокот на овој ѕид. Една од нив е дека оваа камена градба настанала по пат на ерозија. Меѓутоа кај месното население е далеку поприсутно преданието дека овој ѕид е дело на ѓаволот.
Легендата вели дека ѓаволот за една ноќ се обидел да ја прегради реката Брегалница и да го поплави Овче Поле. Но во тоа не успеал бидејќи го попречил Бог.
Постои и едно трето верување дека оваа градба е дело на вонземјани. Овој ѕид го посетил познат американски археолог Питер Маршал Бегс од Калифорнија. Подоцна откако заминал во Америка тој напишал дека ѓаволскиот ѕид е дело на вонземни сили.
Овој раритет единствен на нашите простори заслужува поголема грижа од државата која не треба да дозволи македонскиот Кинески ѕид да биде поткопан.