Грција доби нова влада. Очекувањата на македонскиот државен врв се новата грчка влада да биде конструктивна а пред се одговорна во однос на обврските од Времената Спогодба.
МРТ ги праша грчките граѓани – што тие очекуваат од новата влада ?
Од владата на чело со Самарас ретко кој очекува нешто подобро, јавува дописникот на МРТ од Атина. Во однос на Македонија пак, ставовите се поделени. Постарите Грци со постари и потврди ставови, додека кај помладите се забележува посвеж пристап – сакаат прашањето да се реши за соседните земји да воспостават пријателски однос.
– МРТ: Што очекувате од новата грчка влада?
– “Јас лично – ништо”, вели една госпоѓа.
Друга се пожали:
– “Не очекувам ништо бидејќи сите пари им ги даваат на банките и не ги допираат богатите луѓе. Не ви даваат ни лекови. Во болниците немаат ништо.”
– “Ништо. Не очекувам ништо. Луѓето не сакаат да работат, особено младите луѓе” , е ставот на друга.
– МРТ: Што очекувате во однос на прашањето со името со Македонија ?
– “Тоа мора да се заврши. Македонија е грчка, без сомнение. Од каде сте ?”
– МРТ: Јас сум македонска новинарка.
– “Браво, браво.”
Луѓето овде не сакаат вашата земја да го има името Македонија бидејќи сметаат дека и припаѓа на грчката историја, вели еден господин.
– МРТ: Што очекувате во однос на прашањето со името со Македонија ?
– “Тоа е голем проблем. Луѓето не го сакаат името Македонија…” – вели тој.
Една припадничка на помладата генерација пак, вели дека нема никаков проблем со нашето име.
– “Од каде сте ?”
– МРТ: Од Македонија.
– “Во ред.”
– МРТ: Што очекувате од новата грчка влада ?
– “Не многу, како и сите останати. Ќе видиме.”
– МРТ: Што очекувате во однос на прашањето со името со Македонија ?
– “Јас немам проблем со тоа Македонија да се нарекува Македонија. Од секогаш сум мислела така. Сметам дека Грците се целосно луди што ја одржуваат таа караница”.
Младите Грци не гледаат разлика меѓу новата и предходните грчки влади.
– “Новата грчка влада е иста како и предходните влади. Не очекуваме ништо. Виновни се Грците што гласаа за фашизмот, за капитализмот” , вели еден помлад Грк.
– МРТ: Што очекувате во однос на прашањето со името со соседната земја Македонија ?
– “Мислам дека тоа е работа со која сакаат да не оддалечат од она што ни се случува сега. Имаме толку многу проблеми што ова е навистина мал проблем. Во ред, станува збор за име и тоа е голема работа, но не мора да се караме меѓусебе. Може мирно да го решиме овој проблем” – вели тој.
Останува дилемата – дали постои некаква можност Самарас да ги напушти екстремистичките позиции за Македонија, кои како што самиот вели – не се промениле веќе 20 години.
За Македонската Радио Телевизија од Атина – Марија Котовска