Колумнава ја напишав во четвртокот, еве сега петок наутро ја дополнувам, ама нервозата никако да излезе од мене. Си велам, а може ли јас некако да излезам на ТВ-дуел со двајцата лидери? Имам две прашања да им поставам. Кој ви даде мандат да разгледувате предлози во кои се преговара за именувањето на македонскиот јазик и народ? Кој ви дозволи проблемот со името да го класифицирате како државна тајна, што автоматски значи дека само вие неколкумина знаете што се готви, дур ние чекаме со зината уста без да знаеме што ќе голтнеме?
Навистина, како тоа разгледувате документи, каде што на астал се фрлени предлози за именување на македонскиот јазик и народ, кога во привремената спогодба пишува дека треба да се разговара само за разликите за името на нашата држава? Нели е и ова предмет што треба да го разгледува јавниот обвинител? Единствениот правилен потег што мора да го направите како вистински државници е кога ќе добиете предлог каде што се полемизира со нашиот идентитет преку јазикот и народот, веднаш да го вратите. Оти за јазик и за народ никаде не сме се обврзале да преговараме. Но македонските политичари од позиција на моќ и самоволие, ама само кон сопствената држава и народ, зашто знаеме каква им е кичмата пред странците, најбесрамно си дозволуваат да преговараат за нешто што воопшто и не е тема на разговор, па наеднаш години подоцна ни мавтаат со документи во кои ним им било прифатливо или неприфатливо народот да се вика вака, а јазикот онака, па немало гаранции дека ќе сме биле вакви или онакви, па уште се дрзнуваат да ни се фалат кој бил храбар да прифати, а кој да одбие. Види богати каква ароганција! Не знам дали сте свесни господа моќници, ама ова веќе е од сите вери надвор.
Второто прашање. Државна тајна, а? Вие преговарате, прифаќате или одбивате, тоа оди под класификација државна тајна, а ние поим немаме што тоа преговарате. Си мислите дека предавањето на Ел Масри во рацете на цијашите, кое обично во светот се третира како топ сикрет муабет и можното идно обезличување на Македонија и македонскиот народ, има иста тежина? Наместо секое кивање на Нимиц и ваше „на здравје“ на тоа кивање веднаш да го обелодените на цел народ, кој дваесет години поради своите политичари живее во паника да не стане преку ноќ нешто што не е, да му се случи да остане без идентитет на држава за која илјадници години се борел, и вие го криете како државна тајна она за кое не смеете да преговарате ни на сон, а камоли на јаве. И кога вам ви требаат политички поени ни го фрлате в лице, па ние се шокираме дека некој ни преговарал за идентитетот за кој не смеел да преговара. Браво! Вие си играте со ѓаволот, а кога некој се фаќа на оро со него, арно не му се пишува.
Затоа прво симнете се на земја, оти таму кај што си летате со моќта во умот не ви е местото, а богами и лесно се паѓа, потоа најкултурно извинете му се на својот народ затоа што сте се обиделе да правите нешто што не смеете, а овој народ знае да простува и прифаќа искрено покајување, и дури потоа, ако веќе не ги прекинувате апсурдните преговори, преговарајте за она што пишува во ебената спогодба. И знам јас сега, дури го читате ова си велите за мене, каков кретен еј, па со прсти да пукнеме ќе го снема, ама се надевам дека не сте убедени, оти само јас го имам овој бес во себе? Затоа, најискрено ве молам, не си играјте со божествениот код Македонија, оти три странски интервенции нема да ве спасат.
А сега неколку потпрашања. Добро бре, дали мислите дека сме идиоти, дека пиеме нафта, дека сме лоботомирани? Што ви е муабетов сега со документов од 2005-та? Со двата документа де, оти сега два се појавија. И што е битно „што Груевски го одбил најдобриот предлог на Нимиц“? Груевски ли беше тогаш на власт? Малку што сега ВМРО-ДПМНЕ нѐ малтретира со Бранко што не е на власт, сега и вие ќе нѐ малтретирате со Груевски кога не бил на власт? Дај не нѐ заебавајте, не сме крахирале во умовите! Па што не го прифатевте предлогот на Нимиц што Грците, за наша среќа, експресно го одбија, оти паника ме фаќа од она три години вака, па две онака, сеедно за кој од двата документа зборуваме? Што има Груевски врска што не се согласил од позиција на опозиционер? Чекај, чекај, чекај, сакате да ни кажете дека мртви-ладни нѐ крстивте ФИРОМ, тотално кул ни сменивте знаме, око не ви трепнуваше кога потпишувавте привремена спогодба со која само Македонија губи и наеднаш во 2005-та станавте толку фини и човечни, па решивте да се консултирате со опозицијата и да и дозволите таа да одлучи што е добро за земјава? Ај што си мислите дека сме без корен и идентитет, ама вие навистина мислите дека сме племе без срце и ум? Или целиов муабет е само предизборен, па ај по стоти пат да видиме кој е патриот, а кој предавник. Мене сите сте ми предавници сѐ додека Македонија не си остане Македонија.
Не затоа што јас се палам на барање предавници, ама паниката вие ми ја всадивте со вашите дела и постапки. Жими еден господ, доста веќе си играте со болката на својот народ, доста веќе го поганите она што е свето за нас, оставете го името наше, идентитетот наш, оти и без вас ние сме подготвени да се бориме за Македонија и престанете да нѐ третирате како маса токмаци, злоупотребувајќи ги нашите срца, оти по делата ќе ви се суди, ај тука, ама и онаму во кое сѐ повеќе сум убеден дека не верувате. А со муабетот за присвојување државни документи нека се занимаваат новинари и институции, мене само ми се потврдува тезата дека некој оваа држава ја користи како лична сопственост и мисли дека со неа може да прави што сака.
Авторот е уметник
извор: Нова Македонија