Лоза

Прасијада. Добра. Таоријана. Полина. Дојрана.

Поминало време. Планината повеќе не била заробена од горскиот кристал: шумите зелено листале и го ширеле својот омај преку езерската шир. Таквите денови, кога пролетниот цут лебдел над водите, на брегот од Езерото понекогаш можела да се види Девојка со ретка убавина облечена во бело која, оставајќи златна трага со сончевата коса, босонога гази по плитката вода, со наведната глава, како нешто, или некого, да бара. А во самрачните летни конквечери, или, особено, во ладните зими кога, спротивно од обичаите на Југот, водата наеднаш ќе се заледела, а горските чуки ќе блеснеле на утринското сонце, можело да се види, понекогаш, како младо момче на огнен бел коњ, или сув витез врз сенката на тој ист коњ, прав во стремените, со копје в рака, го крстосува Езерото од крај до крај, како нешто, или некого, да чува. Тогаш сончевите лачи како златни коси течеле низ мразните поли на Планината и паѓале преку плеќите на самотниот витез.
Некои подоцнешни (многу подоцнешни) преданија ја потврдуваа старата легенда. Но бидејќи некогашните спомени живееја само во срцата на оние во чии гради беа се населиле вечно младите духови на Планината и Езерото, за повеќето луѓе старата приказна беше завршена, одамна.
Последното колективно сеќавање за Девојката (Витезот веќе тогаш беше скоро заборавен, налик на просенет лик зад копринено перде) кажуваше за нејзината конечна смрт.
*
Тоа било главната, 1371 година од турските освојувања на Езерската Земја. Стекот на историските околности добро е познат. Решителниот пораз на христијанските војски за време на наездата се случил во долината на Марица; откако аскерот, мутлак на спиење, ги исклал несовесните и, веројатно, пијани бранители на крстот, патот на Муратовата војска кон Европа бил широко отворен.
И историскиот, како и катадневниот живот, обилува со чудни несовпаѓања на разните претстави за него. Чесноста не е задолжително на страната од оној што ја присвојува. Османлиите оставиле лош глас на
Балканот меѓу другото и затоа што (за разлика од многу други  завојувачи, не само на тие простори) не ги поништиле староседелците, туку – имајќи ги во предвид истиот бог и преименуваните исти пророци – само ги одвоиле од себе, истовремено почитувајќи и презирајќи ги нивните цркви, јазици, пагански ритуали, обичаи, па дури и домуската храна. Балканците верувале дека завоевачите смрдат затоа што премногу се бањаат, па кога ги протерале, во конквечерта на времето нивно но и свое, покрај сите останати градби, ги разориле и нивните амами. Кажувале за нив дека се неверни грабежливи ѕверови, но заборавиле да си спомнат дека основоположникот на династијата и создателот на Царството, Осман, од сето богатство, поседувал само  шатор, седло и коњ; и дека Бајазит, славниот син на Мурат Први, и по татковата смрт турски султан, јавајќи кон Марица и Косово, својата надеж ја црпел, и силата ја извлекувал токму од справедливоста и чесноста: Кој не клања, кој Рамазан не држи, кој не е милосрден кон сиромасите, кој зел туѓо, кој лоши мисли има во срцето, нека си оди дома – така им говорел тој на аскерите – само вистинските верници можат да го освојат светот!
Христијанската војска, како што е познато, била пред сè несложна, како
и варварите што пред нив живееле во земјата каде што се случила битката.
(Според мислењето на Херодот, Тракијците, кои и инаку по Индите биле некогаш најмногубројни на земјата, ќе биле непобедив и најсилен народ на
светот – само да биле сложни.) Расцепканоста, своеглавоста и
безделништвото долго уште ќе владеат во тие девствени краишта чии народи
умираат и се преобразуваат секоја илјада години. Сенката на неслогата ќе падне и врз другата голема битка од времето на турските освојувања: и кога, во 1389 година Гази Евренос бег, тој потурчен Грк, ќе застане на Гази Местан покрај Бајазит Јилдерим (Молњата) а спроти Вук Бранковиќ, јасно ќе се види чија, и каква, ќе биде славата, чија победата, а чија приказната за тоа. Но времето сè уште не дотекло до тој настан, а легендата нè води во друга насока, кон Езерото.
Познат е воениот поход на Гази Евренос, кој бил предодница на Гази Худавендигар, иако не се знае со што токму најпрвин го привлекла светата вода на безбожниците.
*
На Езерото му пришол од североисточната страна, во почетокот на зимата, и со силниот аскер застанал меѓу Беласица и Круша, загледан во
бескрајното снежно поле што се протегало пред него, без ниедно дрвце или нерамнинка, налик на бледосинкаво огледало што го собира небесниот сјај.
Минатата ноќ паднал нов снег, и рамнината со секоја своја снегулка
блескотела со неискажлива чистота и мир. Планината што го надвишувала полето мразно одѕвонувала сред јасникот. Во нејзиното подножје се протегала брестова шума, стуткана под снегот, со налегнати гранки чиј пукот просто се насетувал во воздухот; но ниту гранките се кршеле ниту смрзнатите птици уплашено првнувале: владеала потполна тишина, уште повеќе потцртана од sвекотот на уздите и повременото ржење на коњите.
Толкаво, и така рамно обработено поле, налик на тепсија, не видел
никој никогаш, и чудната подробност што врз него не раснел ни најмал џбун го збунувала Гази Евреноса. Но во близината немало трска која би
навестувала опасен мочуришен крај, а црните птици во далечината повеќе личеле на чавки одошто на галеби. Сепак, глетката била необична, нестварна. Следејќи ја претпазливоста на обете племиња на кои им припаѓал, некогаш и сега, Гази Евренос помислил да го потера аскерот долж источното, питомо подножје на помалата планина; знаел дека земјата по која се движи е богата со вода, и полна стапици; но отаде полето јасно се гледала населба, мала и веројатно неприпремена за одбрана, и војсководителот, како посилен, повеќе сакал да биде забележан оддалеку, и дочекан со клучевите, одошто нападнат од некоја заседа. Па сепак, не би се осмелил да го потера аскерот низ рамното поле да не здогледал, одненадеж, кон неговото средиште, чудна глетка: силуета на витез на коњ, со копје во раката.
Гази Евренос не можел да знае дали гледа жив човек или призрак, но и едното и другото му се присторило како добар знак. Вистинскиот коњаник на очигледен начин потврдувал дека низ полето може да се јава; можното привидение, пак, го протолкувал како чисто војнички абер од небото. Без сомнение, чудно рамното поле било како створено за сраженија; којзнае не е ли витезот само далечен војнички поздрав од оние кои некогаш тука го завршиле својот пат; можеби предвесник на славата што го чека?
Гази Евренос кренал рака, сопирајќи го за миг секое движење.
Самотниот коњаник сред рамницата, прав во стремените, јавајќи со мек, нечуен кас, полека исчезнувал кон далечината, сечејќи го косо снежното
поле спрема северозапад и ледните поли на големата Планина. Гази Евренос ја спуштил раката, како пред атака, и го потерал аскерот
низ белата снежна пустина. Додека јавал, неговиот дух одвоено јаздел покрај него, на огнен коњ, низ туѓа земја, по пусто снежно поле, кон таинствена и непроsирна цел. Кога скоро го прегазил полето – движејќи се од брестовите кон јаворите – уште пред да тропне на портите од изsемнатите староседелци, и пред тие самите нешто да му речат, прво видел долж сиот јужен брег трска, и тука и таму низ трската колиби налик на наколни живеалишта или вештерски куќарки, над кои летале јата корморани; а околу колибите оградени со леси видел катраносани кораби што личеле на големи ерменски емении заробени во ледот. Веднаш му станало јасно што всушност било како џам рамното поле без ниедно дрвце и нерамнинка, кое штотуку го поминал со својата војска: Езеро: мразна пердувеста стапица.
Гази Евренос не бил продавач на лавовско млеко по пазарите на Персија и Арабија, ниту свиен налабантин што ја прифаќа ногата на коњот за во неговото копито да забуца тапа чивија, туку прославен јунак. Тој знаел дека животот на посветениот не чини колку рибата во клунот на  грабливата птица. Нему му била поверена голема и славна војска; тој добро знаел што заслужува човек кој своите скапо вооружени аскери ги води кон темните длабочини на пропаста. Така ли го одржал заветот што му го дал на Гази Худавендигар, па и на самиот голем хан Мурат, дека не само личната суета туку ни славната победа нема да му биде прифатлив изговор за губитокот на целата војска?
Не обsирајќи се на дочекот што му бил приреден од страна на доморотците – кои, иако Богдан им бил господар, место сабји во рацете држеле сапк’ни со кои го кршеле ледот на езерото – само што стапнал меѓу јаворите, Гази Евренос слегол од коњот и се свртел кон белата пустелија, молкома гледајќи го прејдениот пат. И тогаш се поклонил: но не на Сонцето или Месечината, туку на Планината каде што исчезнал витезот. Му се заблагодарувал, за големата милост, не на својот бог со чалма, и не на туѓинскиот кој можел да го парчоса со громовите свои – само кога би бил посилен – туку на оној што му се кажал како на сон, на богот на воините кој, единствен меѓу сите, можел да го превезе преку водата, на Духот на Езерото за кој дотогаш ништо не знаел, ниту пак подоцна го сретнал.
Велат дека во тој миг Езерото го добило своето сегашно име, зашто Гази Евренос, слегувајќи од коњот, не кажал „Каде сте Доријани“, туку промрморел нешто како дојмак, или дојурмак, што за староседелците  било само звук кој набргу го прилагодиле на својот слух.
Освојувајќи ја месноста, Гази Евренос се влогорил. Независно од поранешните упатства коишто неговиот поход веднаш го насочувале кон славниот Александров град Устурумџа (Усти-румце), решил да го дочека
Гази Худавендигар, и да ја слушне неговата последна реч (да ја истрпи
казната за брзоплетото решение без лаѓа да преплови море).
Така вели легендата: Гази Евренос ја прекарал зимата влогорен на брегот од Езерото. Набргу по неговото доаѓање, тоа се ослободило од ледот, и славниот војсководител тогаш првпат го видел метално-сивиот сјај на езерските води. Пролетта ја преседел на коренот од еден јавор, или потпрен на неговото стебло, како некого да чека. Ја чул историјата на поранешните освојувачи на тој крај, но одбил да ги посети колибите во кои некогаш пиел страшниот Мегабаз; не побарал ни да му ги соберат жените (работливи) за да ги однесе во Азија.
Бил чуден, сам. Одел, понекогаш, на лов, покрај брегот, до Брестовата Шума. По Планината и низ Шумата имало елени, вепри, мечки, диви кози, имало и волци; но немало пантери и лавови, како во младоста на оној Александар што ќе се прослави како Велики и Македонски.
Легендата, дури, сосема неочекувано, забележува дека Гази Евренос на
неразјаснлив начин се врзал за Планината и Езерото, како за роден крај, или гроб. Но што знаат приказните за човековото срце?
*
Тоа утро Гази Евренос стана рано и влезе во бистрата зеленикава вода
која мирисаше на јод. Тој беше добар пливач, и не ни забележа дека набргу мошне се оддалечи од брегот. Езерото беше мирно, и без забележливи струи.
Пливаше кон едно поголемо јаснозелено петно, како кон извор; знаеше дека е онде дното песочно. Не може да се рече дека го плашеа тревите на кои наидуваше – од кои веројатно доаѓаше горкиот мирис – но уште од
детството, поминато на морскиот брег, чувствуваше извесна гадливост кон оние затревени места во водата кадешто таа, токму поради растенијата на дното, беше темносина, скоро црна. Вообразуваше дека на тие места водата е леплива и нечиста; и просто го влечеше со струјните октоподски краци кон својот мрак, кон неизмерната длабочина на бездната. Затоа неискажливо го привлекуваа светлозелените песочни лагуни сред чиј проsирен сјај се чувствуваше сигурно и спокојно. Така и сега: штом стигна до работ на зелената оаза почувствува радосна возбуда како при средба со мил, незаборавен предел; се нурна низ водната обвивка и, по навика, ја отвори устата, надмоќно-радосен што, од некоја причина, водата не може да продре
во него, туку се одбива од неговиот здив како од невидлива сила.
Вака е во гробот, помисли тогаш, не задолжително темно и гнило, со
соспи црвесана земја над главата, туку проsирно-светло и чисто. Скоро
зажали, во тој миг, што зимата ледот не пукна; тоа би била голема несреќа за војската, но за него, којзнае, можеби трајна, ненадејна среќа. Ги замисли своите чисти коски во ситниот бледорумен песок – таму каде што освен школки и езерски полжави ништо друго нема – и скоро се намовна од убавината на таа слика. Никогаш никому не би му ги поверил своите мечти, па и вистински соништа за смртта – до крај, ни на самиот себе – но сега просто го преплавија.
Неговиот воен занает беше таков што Гази Евренос веројатно не можеше да очекува ни гробен нишан во родниот крај, ни турбе во туѓина, и можеби токму затоа, често, го замислуваше местото на својата можна почивка. Пред очите обично се појавуваше сликата на рамно поле преполно трупови околу кои завиваат бесни кучиња, глутници волци. Не го плашеше смртта, дури ни страшната болка која може да ù претходи, криците на ранетите под sверските песјаци: го вознемируваше помислата дека таа е гнасна, нечиста. Не го тревожеше крвта: му се гадеше помислата дека таа смрди, дека е во таквите мигови помешана со калта и прашината на земјата, со потта и нечистотијата на сопственото тело, со облеката од заедничкиот магазин. Не можеше да си претстави рана – длабок пробив во тишината на телото – а да не помисли дека врвот на копјето, или сечилото на мечот ќе ги внесат со себе, сè до неговата душа, и гнасотилаците на надворешниот свет:
сокинатите конци на кошулата, влакната на кожата, ‘рѓата на оружјето.
Во таквите моменти вистински спасоносно му изгледаше само херојството, самосвесната напнатост на телото и рамнодушната тапост на духот кадри, в миг, да заборават, и бргу, без ниедна мисла, ефикасно да се разделат. Ако даде Алах, среќниот избор на местото му личеше на голема милост, достојна само за вистинските праведници. Можеби некоја мирна клисура низ која тече студен поток, надвишена со ниско небо по кое струјат каделки облачиња?
Гази Евренос знаеше дека таквите места се ретки. Со времето, престана
да се залажува, машки прифаќајќи ја сликата на засирена крв, смрдлива пот, гној, беспомошност, уста полна муви, грло полно волчешки заби, сред пуст, празен, правлив предел без мисли, без чувства, без сетилен трепет, загаден со добиточен и човечки измет. Нема спокој на светот, помислуваше кога ќе си спомнеше за тоа, на човека не му е дадено да се стопи со пределот сред кој ќе умре, како со роден крај, и засекогаш да остане онде, туку мора да се раздвои од него насилно, како одрана кожа од месо.
И ете сега, одненадеж, како на сон, тој го виде местото на својата
можна, само благодарение на чудото избегната смрт: чисто, светло, тивко, жуборливо, вечно, и неискажлива тага му го стегна срцето. Исплива на површината, зеде воздух, пак се нурна и, со раширените прсти на обете дланки, се забуца во песокта, како да сака онде да се посади како дрво.
Песокта беше ситна и мека, но во неа немаше само полжави и школки.
Додека зафати неколку грстови, во рацете му остана буќет од прстења,
белезики, брошеви, обетки, дијадеми, путири, статуетки од јаспис, огледала од опсидијан, ѓердани опточени со бисери и бесценето камење. И сред нив, во длабочината, мигновено блесна глетка: Златен Град под соспите на времето. Тој наод, зачудо, не го изненади, дури и не го зарадува. Оставајќи ги во едната рака оние бесценетости кои не отпаднаа сами, нечујно, на песочното дно, туку му се закачија за прстите, и носејќи ги како езерска трева, Гази Евренос заплива.
На брегот го дочека Девојката. Утринските зраци течеа низ Езерото
како огнена река и светкаа во нејзините златни коси. Беше боса, само во бела кошула, така што секој, и најмал трепет на нејзината мирисна кожа му задаваше на Гази Евренос скоро неподнослив бол, а истовремено и радост налик на онаа што ја почувствува на езерското дно. Тој се насмевна и молкома ù ги стави в раце драгоцените предмети, како да се нејзини. Се насмевна и таа, па небрежно мавна со раката и го фрли скапоцениот дар во Езерото. Тогаш се сврте и појде покрај брегот.
Еден од присутните стражари го тргна мечот. Беше незамисливо една
неука каурка така да постапи со славниот турски командант. Гази Евренос го смрамори војникот со својот студен поглед. На прашањето што долете од сите страни, за чудните блескави предмети што Девојката ги фрли во Езерото, само одмавна:
– Безвредни стаклени ѓердани од панаѓурот во Гатавита – рече Гази
Евренос.
*
На тоа место легендата опасно се вмешува во животот присвојувајќи ги
неговите права. Во народот таа се појавува чудно изменета.
Кога Девојката ненадејно се создала на брегот од Езерото, Гази
Евренос си седел пред чадорот, близу друмот што ги поврзувал Солун и
Струмица, во која насока врвел и неговиот воен пат. Некои извори дури
посочуваат каков тутун чурел (драмски). Во близината била, се разбира, и чешма (со дванаесет чешмурки).
Убавата девојка, како вистинска Македонка, ù помагала на баба си,
Чемберли Тана; освен честа, неа ја красела пред сè работливоста, таа
традиционална носија на момите од тој крај: затоа, додека го водела коњот на поило, на главата носела стомна, а во раката вртела фурка. Чекорела како (уплашена) срна кон османлискиот логор и си мислела само на својот образ.
Што во такви околности можело да се случи? Гази Евренос ја видел
убавицата (со своите, мутлак, воденикави очи) и наредил (веројатно со груб глас) да му ја доведат во неговиот шатор. Успеала ли срамежливата мома да избега трчајќи со своите тенки боси нозе?
Можеби, но не задолго, зашто во едно друго усно предание ја среќаваме сред толпата, како ја држи својата бабичка за збрчканата рака. За да го спаси градот, знаела дека мора да се предаде во рацете на силникот; но
тоа не значело дека ќе ја прежали и својата чест. Затоа, кога клетото Турче наредило да ја доведат, таа исчекорила пред народот и го јавила своето решение: ќе појде сама.
И девојката тргнала кон езерскиот брег каде што (според последната
верзија на преданието) сепак ја чекал Турчинот. Но таа не клекнала пред
него, ниту му се фрлила во прегратка, туку влегла (во шарена народна
носија) во езерото, запливала и, натежнувајќи, се удавила во неговите
длабочини.
Меѓутоа, постарите наслојки на легендата не знаат ништо за таквите
подробности; или тие таму се наоѓаат чудно изменети. Впрочем, кој да
поверува во разните преработки, кога основното јадро на легендата постои од памтивек? Колку пати умирала Девојката? Зарем не се удавила уште тогаш кога сакал да ја обесчести лошиот Мегабаз, откако на чело од персиската војска го освоил Прасијадското Езеро?
За тоа нè известува и Таткото на историјата кој понекогаш умеел да ја
извлекува вистината од прстот, исто како Челебија или Бененџелија, но
сепак ги знаел основните животни факти, како, на пример, дека Тракијците биле мрзеливи („безделништвото за нив е нешто најубаво, а земјоделството нешто најлошо“), но дека, наспроти нив, Пеонките биле најработливи на сиот свет.
*
Првин Мегабаз ги освоил краиштата над Истар, низ кои не можело да
се мине, зашто во нив господареле пчелите, а потоа се спуштил на југ, сè до земјата на Пеонците (како подоцна Александар). Но тука и Таткото на
историјата како да изумува дека неговата наука е учителка на животот и
светлина на вистината, и нè уверува дека Мегабаз тие славни години од
старата ера – колку постара толку понова – воопшто не ги поробил
прасијаските Пеонци, иако презел мерки. Да слушнеме од гласовитиот
историк за што народ станува збор.
„Среде езеро се наоѓаат дрвени скелиња на високи колца, а пристапот
до копното го овозможува еден тесен мост. Колците под скелињата некогаш во старо време ги донесувале заедно сите жители на населбата, а подоцна создале ваков обичај. Кога некој од нив земал жена, донесувал од планината, што се викала Орбел, по три колови и ќе ги ставел под скелињата; кај нив секој човек многупати се женел. Секој на скелињата си имал колиба во којашто живеел и низ која една дупка водела долу во езерото. Малите деца ги врзувале со ортома за ногата од страв да не се истркалат во езерото. Коњите и говедата ги ранеле со риба, а риби имало толку многу што, кога низ дупката ќе спуштеле, на јаже, кош во езерото, и по извесно време кога ќе го дигнеле, целиот бил полн риба.“
Такви вистинити нешта за Езерото соопштува тој учен Херодот, но
притоа заборава да рече што токму сакал да ни раскаже, па воопшто не
објаснува зошто Мегабаз не можел да го помине тесниот мост и да ги пороби Пеонците, туку веднаш се префрлува на дворот од кралот Аминта – синот на Архелај кому, во Пела, Еврипид му пишувал трагедии – и опишува како Персијанците ги фаќале чесните-пречесни Македонки за цицките, па кога посакале повеќе, Александар (Први) ги посекол послужувајќи се со занаетот на Одисеј.
Меѓутоа, легендата – постара од Херодот – кажува дека насилството
над жените се случило прво на Прасијадското Езеро.
Познато е, имено, каков мерак фрлил Дарие врз пеонските жени кога
видел, во Сард, дојденички од Прасијас како, водејќи ги коњите на поило, истовремено ги вртат фурките, а на главите носат стомни. Такво домаќинско нешто не можело да се види не само во Персија туку нигде на светот, и Дарие почувствувал потреба да му нареди на својот командант Мегабаз да ги пофаќа Пеонците и да ги пресели од Европа во Азија. Тој тоа и го сторил, со сите жители од сите општини до Прасијадското Езеро со што мошне ја подобрил работливоста на Азијатките. Но што се случило на самото Езеро?
Можеби Мегабаз не ја освоил целата Terra Mare, но дека бил макар во
една колиба сведочат купиштата рибји коски останати зад него. Кога сосема се напил од опојното варварско вино, излегол на брегот да ги преброи жените што војската ги збрала: тие биле без коњи, но со фурки во рацете и со стомни на главите (девојчињата носеле бардачиња). Тогаш Мегабаз ја видел Девојката. Едната што не сакала да појде со него, ги спасила сите останати.
Се пуштила да бега покрај брегот, како (горда, решителна) срна, а
останатото е познато: или го кренала каменот од кладенецот па создала
Езеро во кое се удавила (сосе војската), или се фрлила во Езерото кое веќе постоело (што е поверојатно, со оглед на наколните живеалишта и рибното богатство). Зошто, во таа случка, сведена на трчање по езерскиот брег, Мегабаз ги помилувал останатите крајбрежни жители останува да се нагодува. Бил командант на Европа и (во секој случај) му се можело. Втората по старост верзија за настанокот на Езерото кажува дека сè било последица на заборавноста: Девојката налеала вода на кладенецот, но изумила да го затвори: тој текол, текол, и ја преплавил котлината. Потоа дошле Херодот и Мегабаз. По нив се појавиле Аристотел и Александар.
Најпосле, Челебија и Гази Евренос.
Во секое време, ако не лаже легендата, Девојката умирала, а последен
пат во времето на клетото Турче.
За тоа сведочат и нејзините имиња; тие се менувале во текот на долгите
години (како што потврдува и Христо Андонов Полјански) иако таа самата си останала иста:
Прасијада.
Добра.
Таоријана.
Полина.
Дојрана.
Последното име (изведено од она што Гази Евренос му го дал на
Езерото) повеќе не се менувало, по што може да се заклучи дека смртта на Девојката била конечна; или само настанал кус прекин до доаѓањето на новите племиња што ќе ја прекријат вистината на поранешните луѓе и ќе создадат нова стварност?
Но, да ги оставиме легендите нека дрдорат што сакаат, а ние да се
свртиме кон вистинското знаење.

Newsletter
Sign up for our Newsletter
No spam, notifications only about new products, updates and freebies.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *