Лоза

Разговор помеѓу неколкумина

– Да ти е..м државата, они мене ќе ме присилуваат да ја вакцинирам ќерка ми од ХПВ. Ќе ме казнат 500 евра ако одбијам да си го изложам детето на можен аутизам или некоја автоимуна болест за 30 години.
– Види сега! Факт е дека казната од 500 евра е моронско-профитерска идеја врз грбот на исплашените родители, како што е факт стравот на Владата дека ќе биде причинител на несакани последици ако не набави вакцини за светската паника наречена свински грип, поточно свинска паника наречена светски грип, па откако деведесет проценти од македонскава популација одби да се вакцинира и, ете, преживеа, излезе дека станува збор за уште една фармацевтско-корпорациска пиздарија. Влада како сите светски влади, бивши, сегашни и идни. Сеедно! Судирот е меѓу моќта и љубовта. Демонската моќ никогаш нема да ја прифати божествената љубов. Толку е едноставно што мора да се правиш луд за да не го разбереш.
– Забегуваш…
– Знам. Духовно осакатената цивилизација, профитот го доживува како сосема нормална реалност, па нормално и е љубовта како основен двигател на постоењето, наспрема парите, да ја доживува како забегана.
– Знаете што? Порано вакцините биле чудо. Денес докторите им се чудат на автоимуните болести. Секое чудо за 30 години се јавува, ха?
И дебатата за вакцините почна во мојот дом. Ама во мојот дом, а не дебата на некоја наша телевизија, сериозна аналитичка дебата каде што се судираат ставови, докази, истражувања и аргументи, дебата што ја води способен, ем информиран новинар во која доктор на доктор му мава вербални заушки, оти и едниот и другиот се фантастично добро образовани и достојни за темата.
– Каква дебата брат, какви новинари, па кај нас новинарите гарант се убедени дека ХПВ е скратеница од хипер пропагандна вмроовштина, а она латиничното Б.Ц. или Бефоре Цхрист, го третираат како иницијали на Бранко Црвенковски.
Јас слабо учествувам во дебатата, оти сум лаик на оваа тема, немам којзнае колку истражувано околу вакцините и нуспојавите и моите ставови сега за сега се на она анархистичко ниво што вели дека фармацевтските компании, како и сите други корпорации, се во љубов со државните апарати на планетава, оти крајната цел за сите нив е материјалната заработка, а спасот од ваквата, јас ја нарекувам демонизација на човештвото, може да се бара само во нов нирнбершки процес што ќе се спроведе врз политичко-корпарациските рептили на глобално ниво. Токму затоа поголемиот дел од вечерта само седам и ги слушам своите пријатели, речиси сите се родители, седам и слушам како фрштат аргументи „за“ и „против“ вакцинирање.
– А што ако не го вакцинираш детето и утре е причинител на некоја епидемија? Ќе им си извиниш на заболените деца?
– Која црна епидемија, кога те вакцинираат од веќе непостојни болести? А што ако твоето дете за 30 години закачи некоја автоимуна болест? Ти ќе му се извинуваш тогаш?
Мене навистина ме нервира фактот што вакви дебати има само во одредени домови, како мојот на пример, а речиси воопшто ги нема во медиумскиот ни свет. Во нашата јавност, кога политиката ќе донесе некаква одлука, во медиумскиот простор тоа веднаш станува „оче наш“, па пробај ти сега спротивстави и се на бриселска директива, крени глас против вакцинација, има веднаш да ги видиш инквизициските клади во зениците на господата од новинарската, ем експертската братија. Тука новинарите и експертите се пенават за терминот „диктатура“, а никако да им текне дека сами ја спроведуваат. Јас за нив смислив ваква дијагноза. Медиумскиот простор кај нас е ментално уреден, односно менталниот склоп на новинарот го поседува неговиот уредник. Знам дека ве навредува, ова дами и господа, ама кога ги гледам Крешимир Мишек и Александар Станковиќ во Хрватска, толку има квалитет и знаење во споредба со нашата медиумштина што страв ме фаќа да отпливам низ медиумското море на исток или на запад, оти може ќе откријам дека светот не е само поле за некултурен натпревар меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ.
– Алооо, кај отиде со мислите? Овде за вакцини се дебатира.
Така е, извинете, вакцини, крави, светски здравствени организации, фармацевтски компании, влади, спас од епидемии, аутизми и автоимуни болести… Едно чудо информации што треба да се класифицираат и аргументираат. Некаде прочитав дека Светската здравствена организација го диктира календарот за вакцинирање. Ама има и исклучоци кога одредена држава одбива да прифати некоја вакцина. Мене ме чуди фактот, не ме фаќајте за бројките, како тоа во САД децата мора да се вакцинираат против дваесетина болести, а во Македонија добиваат половина од тоа? Дали територијата или климатските услови или не знам веќе што во САД се плодна почва за повеќе болести, отколку нашава или и тука има некоја политика? Ви реков не знам, лаик сум, ама сакам да знам, ми требаат јавни дебати, а кај нас ги нема. Убеден сум дека пионерите на вакцинирањето имале исклучиво добри намери, ама исто така знам дека брачната двојка Кири ни на крај памет ја немала атомската бомба, како што Тесла не ни сонувал дека неговите идеи за бесплатен пренос на енергијата ќе завршат како „цивилизациски крик“ наречен СМС-пораки. Кој се плаќа.
– Океј, сега можеш да ја завршиш дебатава за вакцини што воопшто не ја ни почна…
– Слушај брат ваму! Да бев Александар Македонски ќе ги уништев сите војски и сето оружје за да укинам држави и да го обезграничам светов. Да бев вистински доктор со сериозно истражувачка кариера зад себе што открил аномалии кај вакцините ќе го кренев својот глас, уши да те заболат. Да бев писмен, ем посветен на својата професија новинар, ќе отворев лавина дебати на оваа тема. Ако напишам дека вакцините се причинители за аутизам и автоимуни болести ќе ми акнат етикета, па ќе станам теоретичар на заговори. Ако кажам дека морате слепо да и верувате на СЗО и да ги вакцинирате вашите деца од сѐ што ќе ви наложат, сам на себе ќе си звучам како рептилски пропагандист. А не ми се молчи на оваа тема, сакам лавина од дебати меѓу едните и другите, сакам аргументи и изградени ставови, тоа ни е потребно.

Newsletter
Sign up for our Newsletter
No spam, notifications only about new products, updates and freebies.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *