Уставниот суд ги укина сите 12 оспорени членови од Законот за лустрација, која, според одлуката на судот, може да важи само до 1991 година
Слободата на здружување спаси многумина
Уставниот суд одлучи дека лустрацијата на бившите функционери, новинарите, поповите и членовите на невладини организации може да важи само до 1991 година, до осамостојувањето на Македонија. Сите други што требаше да се контролира дали биле соработници на тајните служби куртулија од проверка.
Во образложението на уставните судии пишува дека Собранието, при донесувањето на законот, не определило прецизно за кој временски период се однесува лустрацијата и со тоа оставило можност рокот да важи десет години по формирањето на комисијата за лустрација.
– Друга причина за укинувањето е таа што со одредбата да се лустрираат и поранешни носители на јавни функции, а кои не се кандидати или актуелни функционери, им се нарушуваат нивниот интегритет и достоинство утврдени со Уставот – пишува во образложението на судот.
Судот го укина и членот од законот што предвидуваше лустрација на членови на невладини организации, бидејќи, како што велат, Уставот ја гарантира слободата на здружување, која важи и за новинарите, уредниците, основачите на медиуми, адвокатите и медијаторите и не смее да се навлегува во нивниот углед и честа.
Лустрацијата се укинува за сите поранешни функционери, новинари, членови на организации, адвокати и медијатори и попови и оџи што заклучно со 31 јануари годинава имаа обврска да дадат изјава дека не соработувале со тајните служби.
Пред да биде донесена ваквата одлука на Уставниот суд, владејачката ВМРО-ДПМНЕ најави нов закон за лустрација, кој предвидува јавно објавување на имињата на кодошите за периодот од 1944 до 2006 година.
извор: НОВА МАКЕДОНИЈА