Лоза

Теодосијa Гологанов

(световното име: Васил Гологанов) (с. Трлис, Серско, 1846 – Софија, 1926) – духовник, црковно-национален деец, митрополит скопски, борец за обновување на Охридската архиепископија, црковен писател, академик. По школувањето во ќелијното училиште во родниот крај, завршува грчка гимназија во Серес и се замонашува во серскиот манастир „Св. Јован Претеча” (1862), потоа е ракоположен за јеромонах (1864) и игумен, па и ефимериј при црквата „Св. Богородица” во Пловдив.
По образувањето на Бугарската егзархија е поставен за претседател на Црковно-училишната општина во Серес. Бидејќи не се приклучува кон унијатското движење (1873–74), бугарскиот егзарх го удостојува со архимандритски чин и го поставува за ефимериј при бугарската црква „Св. Стефан” во Цариград (1873). Но во Серез е затворен и бара заштита од грчкиот митрополит. Овој го испраќа во Мостар (Херцеговина), каде што јеромонахот е поставен за протосингел на патријаршиската епархија (1874). Тука се зближува со херцеговските востаници и тајно (под псевдоним) испраќа дописки до српски весници, повикувајќи ги словенските народи на востание против Турците. Со порака од херцеговските востаници да организира востание и во Македонија, се упатува преку Солун кон Серез, но пак е уапсен. Го спасува грчкиот серски митрополит. Оди во Цариград и одново станува духовник при црквата „Св. Стефан”. Егзархот го праќа како заменик на Партенија во Ниш (1875), но во Српско-турската војна се повлекува во родното село (1877), а потоа на старото место во Цариград.
По Руско-турската војна и Санстефанскиот прелиминарен договор (1878), егзархот Јосиф оди во Пловдив, а за свој заменик го поставува Теодосија. Новото унијатско движење во Македонија за обнова на Охридската архиепископија тој не го одобрува. Играта со архимандритот Кусевич како заменик, го враќа пак при црквата „Св. Стефан”. Избран е за егзархиски митрополит скопски (1884), но долго чека за определеното митрополитско место. Во март 1890 г. се обидува да дојде во Скопје без нужниот берат, но валијата наскоро го враќа во Цариград. Се’ повеќе размислува за обнова на Охридската архиепископија.
Штом го добива бератот, стигнува во Скопје (1890). Прави големи кадровски и други промени во Скопската епархија што водат кон отцепување од Егзархијата. Го воведува македонскиот јазик во употреба, има своја печатница, сопствени вули и други документи, но без фирмата на Егзархијата.
По острата реакција од егзархот, тој поведува разговори со австро-унгарскиот конзул Шмукер и со ватиканскиот претставник Бонети (1891) за примање на унијата, но под услов да се осамостои Архиепископијата во границите на цела Македонија во канонско единство со Римокатоличката црква. По јавните реакции, егзархот и писмено го разрешува од должноста и со посредство на турските власти бара да биде спроведен во Цариград. Во јануари 1892 г. митрополитот Теодосија засекогаш го напушта Скопје и на 11 март е испратен на принуден престој во софискиот Драгалевски манастир, каде што сe’ до 1901 г. е наполно изолиран.
Силната јавна реакција против сменувањето се совпаѓа со појавата на сп. „Лоза” на ММКД во Софија и со нападите против „националниот сепаратизам”.
По краткиот престој во Пловдив, тој е испратен во Рилскиот манастир (1906), но наскоро пак е вратен во Софија. На распишаните избори за нов митрополит во Скопје (1910), конкурира и Теодосија, поддржан од Скопската епархија и од луѓето околу П. Попарсов. Истовремено се поведува акција на Теодосија, Попарсов и Мисирков за отворање Висока педагошка школа во Скопје, но и тоа е оневозможено.
Бидејќи веќе има објавено повеќе книжевно-научни богословски трудови и преводи, Бугарското книжовно дружество го избира за редовен член (1910). Кога во Првата светска војна германско-бугарските војски ја завладуваат Македонија и Егзархијата ја враќа својата јурисдикција, пак не му е дозволено митрополитското место во Скопје, туку е пратен во Ѓумурџинската епархија (Тракија). По војната е сместен во Духовната академија во Софија, без никаква должност, каде што и умира.
– МАКЕДОНСКА ЕНЦИКЛОПЕДИЈА – МАНУ, Скопје 2009

Newsletter
Sign up for our Newsletter
No spam, notifications only about new products, updates and freebies.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *