Лоза

Штркот единак и неговото јато 2

Митко Маџунков

Штркот единак и неговото јато

2

Приказната за Силјан Штркот Цепенков не ја пресоздал само за да го покаже своето раскажувачко мајсторство и да се оддели од почвата на колективното искуство и творештво: тој тука, пред сè, можеби и несвесно, ја раскажува прikазната за самиот себе, за својот живот, и за животот на својот народ.
Да си спомнеме за неговата Автобиографија, и за приказната за таткото Коста и синот Марко, толку поинаква од приказната за Божин и Силјан, а сепак иста.
Во почетокот на Автобиографијата – а таа по основниот тон и поважните стилски особености не се разликува многу од приказната за Силјан Штркот – го среќаваме таткото Коста во младоста: песнаџија, бунџија, немирен дух свртен кон некои други краишта и поинакви облици на живејачка. „До 15 години без гаќи“ одел, но, арач не платил; „близу до дваесе години коа дошол ни занает фатил, ни па некоа работа. Само ќеф си терал, на лов си одел, гуски си запатил и со гусакот одел со друзи гусаци да се наттепуат. Таквие работи ти праел“; кога „се сетил, оти треба да биди домаќин” бичкиџија се сторил: но откако со зетот со кого бил на планина го изеле „лебот што го имале од Дома“, и откога свариле бакрданик, штом „каснал една топка од бакрданико и му се залепил во непцата“, така што „голтајќи ќе се удаел“, таткото Коста “на часот беше станал од ручекот, ѓоа ќе оди на вода и си ошол дома“. Потоа се сторил дрвар, па фурнаџија, па бакал, па измеќар во Влашко, па „пандур при књаз Милоша“. Живеел со години во ослободена Србија живот на сечилото од ножот, и најпосле се вратил дома: кревајќи раце од скитачкиот живот и авантурите, збогатен со сознанието дека зад секоја приказна за закопаниот „казан дукади“ демне смртна опасност, станува еќим, „еќим на сиромасите“1, свесен дека најголемото богатство што таткото може да му го остави на синот е благословот што му го дава. Сличноста меѓу Коста Цепенков и Силјан Штркот е голема: обајцата бараат лесен и безгрижен живот, обајцата не сакаат да работат, обајцата се скептични спрема убавините на простонародниот живот (олицетворени во селската пот и бакрданикот), обајцата одат во туѓ и далечен свет каде го губат својот идентитет, и обајцата – враќајќи се дома – се препородуваат и се преобразуваат. Затоа не е ни чудо што токму таткото Коста ја носел во себе приказната за Силјан Штркот како распетие околу вратот и што токму тој му ја кажал на сина си.
Но од тој момент – како и кај Силјан, од часот кога дефинитивно се враќа дома – и во животот на Цепенков стварното и измисленото, реалноста и приказната почнуваат да се мешаат. Автобиографијатаго брише сето сомнение околу тоа кој е вистинскиот автор на приказните што Цепенков ги „запишал“, особено на Силјан Штркот; очигледно е дека е во прашање ист јазик, ист стил, ист начин на градење ликови, исти типови јунаци и непрестајно преплетување на приказната и реалноста. Автобиографијата е напишана многу подоцна од приказната за Силјан Штркот, но тие две дела се од исто тесто; врската меѓу нив е повеќе од очигледна; дури може да се каже дека Силјан Штркот е своевидна антиципација на Автобиографијата, како што е и таа, барем делумно, сеќавање на приказната за штркот единак и неговото јато. Таткото Коста од Автобиографијата е бунтовниот Силјан кој се отиснал кон белиот свет, одејќи по својата ѕвезда; но неговиот живот во туѓина, по враќањето во татковината, сè повеќе ќе личи на приказна и сон; враќајќи се во скутот на колективот, со текот на времето тој се повеќе ќе ги губи своите првобитни црти за да се претвори, најпосле, во добродушен старовремски татко, во Божин од Силјан Штркот кој знае безброј приказни за самиот себе и за судбината на својот народ во кои не верува како во стварност. И во животот на Цепенков ќе се случи истата замена како во житието на Силјан Штркот: таткото ќе стане син, а синот татко.
За разлика од Коста Цепенков, кому во младоста не му е блиска „големината“ на народниот живот и дух, Марко Цепенков тргнува од татковското искуство како од аксиом: уште во почетокот на својот животен пат тој е препородениот Силјан, зашто ја знае и вредноста на народниот живот, и важноста на народното творештво, тој духовен сјај на видливата стварност. Затоа разговорите со Димитар Миладинов за важноста на народното творештво претставуваат централно место во животот на Марко Цепенков: како Силјан во „долна земја“, по тие разговори тој се осознава, се раѓа. Во својот познат есеј за Цепенков, Блаже Конески забележува дека не можат сите кои ќе стекнат свест за важноста на собирачката работа – „до која можат мнозина да дојдат“ – да станат народни раскажувачи: овие треба да „имаат во себе дарба на зборот и потреба да се изживуваат преку зборот”. Па сепак, тоа првобитно сознание за важноста на самата таа работа (чии плодови треба „да останат да се пеат некогаш коа ќе нема ваквие работи“)1 се чини поважно отколку што изгледа на прв поглед. Во народот не е редок случај да се потценат сопствените духовни вредности. И додека на нештата врзани за физичката егзистенција им се дава големо значење, творбите на духот се сметаат за придружни појави на животот, кои го украсуваат или го олеснуваат, но кои не се важни надвор од моментот во кој се „случуваат“. И самите обичаи, и самото устројство на народниот живот, личат на нешто однапред познато, само по себе разбирливо и засекогаш непроменливо, поради што нивното „фиксирање“ изгледа непотребно и бесмислено, наивно и залудно. Сознанието дека песните и приказните, преданијата и легендите, не се „детинцќи работи“,1како што мисли таткото Коста, туку важни докази за човековото постоење – ризница на неговите мисли и чувства, надежи и стремежи, на неговото срце, на неговиот дух и неговата душа низ векови – сознанието дека народните обичаи, од детските игри до обредните свечености, не се ништо друго туку национални кодекси на норми и однесување, а народниот живот генетска формула на вековното искуство, го означува моментот на сознавањето на сопственото битие, неговите вредности и особености, од кое се раѓа потребата тие да се спасат од заборав и да се зачуваат, за да може на тој начин да се спаси од заборав и зачува самиот народен живот, народниот јазик и сè што е на него изразено. Затоа е разбирливо одушевувањето на Марко Цепенков со зборовите на Димитар Миладинов: „…распрааше колку многу чинат тие работи (народните умотворенија)… јас тоа нешто го кладов на умот и од тој саат ватив да ‘и милуам тие работи“.1
Метафорички речено, на возраст кога татко му Коста не го надраснува непрокопсаниот Силјан, синот Марко е во зрелите години на стариот Божин.
Но, чудно, елементарната врзаност за животот на народот, за колективот, воздигањето на народниот дух до една друга реалност, прифаќањето на „прикаските“ како вистински „сторенија“, не раѓаат хармонија меѓу Марко Цепенков и неговата околина, вклучувајќи ги тука и најблиските. Во моментот кога ја прифаќа татковата приказна како единствена животна вистина, Силјан се судира со својата средина; во истиот момент и Марко наидува на неразбирање. Таткото Коста, „еќимо на сиромасите“, кој во свое време на прашањето од својот мал син, „оти толку евтино работи“, одговара дека е доста благословот што му го дава, најпосле, истиот оној татко од кого ја слушнал приказната за Силјана – приказната за повторното раѓање низ маки и страдања – сега му префрлува на сина си поради тешката и неизвесна авантура на неговиот дух. „На татка и на мајка, а најпоеќе на невестата ми, голема мака му беше дека сеедно пишуав: чардако, ќилимо, пенџерето, сите бев ’и окапал со мураќеп (мастило). – Море остај се веќе од оваа севда, бре синко… тоа нешто што го пишуаш… – Вистина така е, домаќине. му велеше мајка, као што велиш ти. Бидуат чоек да пишуат, ама и тоа со ред бидуат, ами Марко – нека ни е жив – има толку годиње кај туку пишуат и уште нема да допишит. Као некоа жена што само сеи и не меси, така праи, атер да не му остани… – Е, богме, и мене ми е мака, домаќине, сеедно да те глеам кај пишуаш, ми рече домаќинката ми, самким тимаро ќе му го даат, тики пишуај да пишуаме… Бидуат да пишуаш, ама понекоаш, ама ти ноќе-дење, делник-празник. Божик-Велигден, дури да видиш да пишуаш – не е чаре. Море домаќине, море братко, остај се од оваа севда веќе, доста ти се оние песни што ии имаш пишани. Што санќим дека ’и имаш пишани само да му се валиш на пријателите и на даскалите кога да идат овде. Ете тоа фајда имаш: светот се фалит со стока што спечалиле, а пак ти се фалиш со приказни. Арно вели тате, светот неќат приказни, ами сакаат пари, пари, а домаќине.“
Јатото не му ја простува на единакот ни физичката ни духовната авантура, дури и тогаш кога самото го гази сопствениот идентитет. Тоа е моментот кога осамениот штрк пак мора да одлета од родното поле. Стварноста што му се нуди, за него не е стварност, и тој мора да побара друга.
Трогателен и беспримерен – кога е во прашање целата јужнословенска книжевна традиција – е начинот на кој Марко Цепенков ја брани од своите домашни, место себе, Поезијата и нејзината мисија, и чесниот позив на творецот кој ниту може, ниту сака да му се противстави на внатрешниот бран: „Сам знам јас оти од овие приказни и другиве работи нема да спечалам пари, ами коа се нашол еден мерак во мене што да праам, не можам да се остаат… Не ти, домаќинко, да ми велиш, ами кој сакат нека ми вели да не пишуам, не е чаре да го слушам. Сум пишуал и ќе пишуам дури колка душа, да ако сака госпот да му дојди саатот да и напечатам овие работи, ќе видиш што чес ќе добијам и што пофалба ќе добијам, ама не од секого, ами од тие луѓе што му знаат ќијаметот на народните работи. Најпосле, да ви кажам нешто, умирачката ќе ми отми перото од рака. Ете вака. И друго немам што да ви речам.“
Мисијата на творештвото на тој начин засекогаш е ставена над интересите на катадневниот живот. Она што за татковците, за првобитните раскажувачи кои ги пренесувале своите приказни од колено на колено, било само сказна, за оној што таа работа ја доведува до крај, кој не е еден во низата, туку токму последниот, оној што еднаш и засекогаш го фиксира „делото на вековите“, престанува да биде приказна и станува живот. Дури и повеќе од тоа: станува посебен свет, запрен еднаш засекогаш, и затоа вечен.
Така, продолжението на приказната за Силјан Штркот – или приказната за штркот единак од моментот на осознавањето, можната нова, а толку стара приказна – ќе се стопи со животот на Марко Цепенков, раскажан во Автобиографијата. Таткото-син ќе се врати од својата „долна земја на приказните“ во прегратката на стварноста, а синот-татко токму од името на таа стварност ќе отиде во краиштата од сонот. За да се дојде до себе, треба да се отиде од себе. Пред него ќе зјаат туѓината и вечното прогонство, а тој ќе им оди во пресрет како кон единственото можно ослободување и избавување. За разлика од Силјан, тој никогаш нема да се врати, туку засекогаш ќе остане оној штрк единак кој со копнежливи очи, од магливите далечини, а само со духот на покривот од татковата куќа, ги гледа родните полиња и своите најмили од ден на ден, без да може да ги допре и да ги викне.
Тој пример – начинот на кој Марко Цепенков два пати ја прераскажува „татковата приказна“ за Силјан Штркот и за сопствениот живот, или, подобро кажано, начинот на кој приказната се претвора во вистина и крваво искуство – доволно убедливо зборуваат за творечката индивидуалност на големиот раскажувач, најсилна во целата уметничка традиција на македонскиот народ.
продолжува

Newsletter
Sign up for our Newsletter
No spam, notifications only about new products, updates and freebies.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *