Лоза

"Имаше летово еден штрк али немаше?"

-од Софија Тренчовска –

 СИЛЈАН ШТРКОТ

КАКО ПСИХОАНАЛИТИЧНА ПРИКАЗНА 

4

Водата е најпознатиот симбол за несвесното. Езерото во долината е несвесното, што донекаде лежи под свеста, поради што често и се означува како „потсвесно“, при што неретко, се чувствува непријатна примеса за помалку вредна свест. Оттука водата психолошки значи „дух што станал несвесен.“
Јунг вели дека оној што ќе се загледа во водата прво, секако ќе ја здогледа
сопствената слика. Средбата со самиот себе спаѓа во најнепријатните нешта
што човекот се стреми да ги избегне сè додека е во состојба. Ако човекот е во
состојба да ја гледа својата сопствена сенка и да го поднесе сознанието за неа,
тогаш со тоа е решен само еден мал дел од задачата. Барем е сочувано личното
несвесно. Но сенката е еден жив дел од личноста. И затоа таа сака да учествува
во животот во каква и да е форма. Ако човекот обрне внимание на некаква
спасоносна идеја, ќе ги забележи мислите на коишто порано не им дозволувал
да дојдат до израз. Ако човекот заземе таков став, тогаш можат да се разбудат и
да се активираат спасоносните сили што спијат во подлабоката природа на
човекот.
Средбата со самиот сeбе значи средба со сопствената сенка.
Посипувањето со живата вода за Силјана значи духовно исцелување.
Што знае човекот за самиот себе? Тој знае многу малку за себе. Изгубениот
Силјан го бара своето спознание преку покајание и молитва. Неговата свесност
не е сè уште цврста, неговата свесност е детинеста. Човекот мора да се запознае
самиот себе за да знае кој е. Силјан гледа во огромното водено пространство и
веднаш размислува за сопствената личност и за своите грешки. Инфантилното и
неодговорното однесување на Силјан кон своето семејство треба да се промени,
а тој треба да созрее и да се преобрази.
Кога Силјан се враќа во родното огниште преобразен како штрк, се
обидува на разни начини да им се доближи на домашните. На сестра си Босилка
ѝ го земал ѓерданчето, на жена му Неда клопчето. Но во обидот да биде што
поблиску до неговиот син Велко кој ора на нивата заедно со татко му Божин, ќе
се здобие со страшна повреда на ногата. Тоа му доаѓа како некој вид казна
заради неговата непослушност и заради неговата неспособност што не знаел да
го цени она што го имал. Сега кога ги гледа своите како со љубов работат и
нему му доаѓа да им се придружи во работата. Неда пак, по принципот на
некаква интуиција, ја споредува својата судбина со судбината на штркот
осаменик кој немал свое гнездо и свој пород. Ова е последниот круг од неговото
духовно усовршување, иако сѐ уште постојат извесни пречки и ризици,
повторната преобразба да се случи. Искусниот Аџи Кљак-Кљак е водач кон
неговата преобразба. Поучен од претходните свои грешки, Силјан на враќање ја
избегнува борбата со орлите, со тоа што ќе се скрие во една пештера. Низ
фазите на својот саморазвој, тој веќе научил да го избегнува злото.
Патот на спонтан саморазвој и на самодополнување, на кој личноста се
среќава со своите Персона, Сенка, Анима/Анимус и Мана-личност, Јунг го
нарекува индивидуација. Според Јунг, личноста се развива во текот на целиот
свој живот. Меѓутоа, тој посебно внимание посветува на процесот на духовниот
развој во втората половина од животниот век, кога тежиштето на личноста се
поместува од Јас на Себството.
Колективното несвесно, според Јунг содржи четири архетипови или
универзални праоблици:
Персона или вистинското јас на личноста во која на парадоксален начин
е содржана и психата.
Анимус е праслика (прототип) на маж во жена.
Анима е праслика (прототип) на жена во маж.
Сенка е средишна преграда која го кочи и го уништува поединецот,
внатрешен ѓавол – збир на автодеструктивни и конструктивни енергии на
несвесното.
Според Јунг, човекот е комплексно битие (суштество): сексуално и
религиско, нагонско и духовно, несвесно и свесно, ирационално и рационално.
Минатите настани но и идните асоцијации ја одредуваат личноста.
Несвесното за Јунг, не е само депонија на лоши нагони, туку е и извор на
мудрост. Покрај личното несвесно во чиј состав влегуваат многу комплекси, во
душевниот живот особено значајна улога имаат и наследното и надличното,
колективното несвесно.
Јунг разликува четири основни функции на свеста: две рационални и
две ирационални. Секоја се однесува спротивно на својата двојка. Рационални
функции се мислењето и чувствата. И двете се рационални бидејќи со двете
донесуваме судови: со мислењето логични, со чувството квалитативни. Мислата
е толку појасна колку што чувството е успешно исклучено и обратно. За да се
ослободи мислата треба да се потиснат чувствата. Другите две функции се
ирационални: чувството и интуицијата.
Ако ги растолкуваме овие функции, ќе дојдеме до заклучок дека
мисловноста не е силна страна на Силјан. Но, затоа
чувствителноста/сензитивноста е понагласена кога Силјан се сеќава на своето
родно место. Местото каде што се нашол многу наликува на неговиот роден
крај. Интуицијата е развиена најмногу кај неговата жена која го чувствува
неговото присуство.
Но, Адлер вели дека ниту една од овие две функции не носи судови. И
двете понудуваат материјал врз основа на кој, со помош на рационалните
функции, може да се донесе суд. Не е можно истовремено да се гледа објектот
онаков каков што е, и онаков каков што би можел да биде.
За Цепенковиот стил на раскажување е карактеристично повторувањето,
така што и во оваа прилика кога Силјан ги раскажува своите доживувања, не
пропушта да ја раскаже приказната од почеток, и сето тоа во функција на некој
вид поука или наравоучение. Раскажува со презентирање на доказите, односно
со белезите на препознавање (ѓерданот, кошулата, раната на ногата), сите
поверувале, за да на крајот Цепенков ја потврди својата констатација: „…та
затоа до ден-денеска се прикажуат за штркојте оти сет луѓе“.
Кај Цепенков едната приказна се надоврзува на другата, следната
приказна ја дообјаснува претходната. Притоа Цепенков се служи со народните
поговорки, вметнувајќи ги во своите кажувања со мерка на вешт раскажувач.
Поговорките го засилуваат воспитниот фактор на приказната; со нив се
потцртува и нејзината народносна основа, импулсот на преданието,
фолклорната имагинација.
Цепенков не брза да го предаде мотивот, тој со еден одмерен ритам го
погаѓа начинот на зборување што му одговара, се навраќа повторно и повторно,
понекогаш и претерувајќи, за да го начека моментот кога ќе може со згодна
досетка или поговорка да ја разреши ситуацијата.

Во Цепенковите приказни секогаш натприродното е во корелација со
природното. Од тие два извора тече една длабока и широка река. Неговата
неисцрпна инвенција е во крвотекот на прикажувањето. Со неа фантазијата на
читателот, независно од возраста, добива крилја.

Newsletter
Sign up for our Newsletter
No spam, notifications only about new products, updates and freebies.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *