…Прости им ги долговите наши… да, да, оваа кратка заменска форма не е лапсус на тастатурата, туку ставање во функција на самата суштина на заменскиот облик воопшто, којшто кај „нас“ се преиспитува преку точката на идентитетот, а упатува на можноста дека, и покрај тоа што сме точно оние коишто сме, (не)можеме да бидеме и други. Заменките ги заменуваат личните форми, но не можат да бидат лицата.
Патем речено, кога го впрегнуваме својот ум во зборовите на молитвата, не сме актери кои во театарот на Животот очекуваат дека dues ex machina ќе ги реши нашите проблеми. Напротив. Најпрво, мораме да се ослободиме од една (можеби симпатична), но пред се симптоматична улога со која како народ премногу долго сме поистоветени: улогата на жртва. „Кутрите ние“ е импликација за улогата на „Судија“, бидејќи штом некој ни има нанесено неправда, и нè жртвувал, во име на нешто, жртвата си легнува на брашното затоа што добива шанса синхронизирано да ја игра и улогата на обвинител во сенка: јавно е жртва, но притаено осудува. Значи постојано некој ни е виновен за нешто, и постојано вината е противтежа на самосожалувачката, разорна енергија на нашата колективна самоперцепција. Таа претстава треба еднаш засекогаш да ја симнеме од репертоарот на нашиот живот. Заедно со сите морализаторски солења на умот, коишто ова „треба“ веднаш ќе му го спротивстават на „може“. Нели, кога се сака, сè се може? Имено, тоа е капиталот на нашата младост од 60-70 – ти години на минатиот век, всадувањето неограничено количесво радост во базата на податоци, преку утопистичката идеологија дека There is nothing you can do, that can᾿t be done… Или и Битлси се само дел од општата планетарна замаеност?
Никој не е крив за нашата несреќа, исто како што никој друг не може да ја заслужи нашата среќа. Во нашата приказна ние сме истовремено актерот, сценаристот и режисерот. Со својата свесност (несвесност)ние го одбираме сценариото. Со своите постапки го режираме, и со квалитетот на нашиот карактер си ја запечатуваме својата судбина.
Значи,оваа прекрасна измислица на античкиот театар, да постои можност за излез, во секоја безизлезна ситуација, на начин којшто едноставно ќе слезе од повисоките светови, не е референтна на небото, туку си поигрува со нашата свесност, тука, на земјата, во нашето секојдневие, во каквоста на нашиот внатреполитички консолидитет. Ab urbi orbi… во некој корнер на „градот“ или геополитичкото, да проститесело… Во меѓусебно заедничарење, во така наречената врска на единството…, како што ја нарекува Љубовта светиот Јован Богослов во неговото евангелие. Наместо разединети и неусогласени. Не е тоа нашиот избор, тоа е улогата што сме прифатиле да ја играме. Единствениот проблем на лошиот театар е поистоветеноста со улогите. Кога сите ние заедно, колку и да сме и кои и да сме, ќе се препознаеме себеси во огледалото на Љубовта коешто е идентитетот на Другиот, тогаш Господ ќе може да делува. Ајде да поработиме на тој момент. Имено, тоа е почетокот на божествената литургија, каде што се вели: Време е…!
Веќе одамна се случило сè што ќе биде…
0 Comments