Несвесното работи на механизми. Бикот кога реагира на црвената боја, или кучињата на Павлов коишто лачеле плунка на звукот на ѕвончето. Нашата потисната агресија, чувствата на страв, вина, и слично, се активираат кога ќе ја насетат идејата за непријателот, црвената боја го активира механизмот на одбрана и напад, истовремено. Нападот е најдобрата одбрана. А историјата е учителка на животот.
Како може животот да учи од минатото? Може, со повторувањето на лекциите. До совршеното знаење. Одредена лекција се повторува сè додека не се научи. Тогаш историјата од учителка се претвора во „светлина на вистината“ (lux veritatis – Кикерон). Тоа е нова историја, или менување на „текот“ на историјата. Благата вест за Христовото присуство на Земјата. Евангелието. Објавата дека со своето доаѓање на земјата, Христос повторно ја воспостави
богочовечката заедница, којашто беше раскината во адамово време. Да се разбие условниот рефлекс на Стариот Човек, можно е само со прескокнување на пречката наречена смрт. Смртта ја генерира болката, и таа метастазирала во целата природа како манифест на немоќ, слабост, страст која тежнее кон задоволство, за повторно да боли по задоволувањето, повторно да тежнее… Смртта е лажната налепница на телото коешто верува во својот рок на траење. Незнаењето и стравот се нејзиниот параван, вистинскиот фонт во кој се изгравирани нејзините
букви.
Моќта на колективното несвесно. Вината дека сме протерани од Рајската заедница со нашиот небесен Татко, ја искупува Новиот Човек, Христос. Актуелниот страв што се шири како зараза првенствено преку сите расположиви медиумски средства, и којашто генерира состојба на напнатост пред експлозија, е полиестерот на несвесното, кичот и невкусот подметнат наместо оригиналот на слободата и љубовта.
Нашиот живот е одраз на она што го мислиме и она што го чувствуваме. Ние самите го создаваме нашиот живот, во секој миг од нашето постоење. Колку сме свесни за оваа наша моќ? И колку нашата несвесност може да биде оправдување за бескрајната спирала на транзициски конфликти? Надворешната реалност е само продукт на нашата внатрешна поистоветеност – со – нешто. Нашите мисли се семето. Нашите постапки се плодот. Ако сте посеале љубов – љубов ќе ожнеете. Потоа, нашите постапки се семе што го садиме незабележливо во секојдневието. Она што луѓето вообичаено го нарекуваат судбина, е всушност еден синџир од причини и последици кој се протега по целата линија на животот. Зошто мудрите лекари велат дека подобро е да не дојде до болест, отколку да мора да
се лечи? Каде е тоа место во космосот каде што се сретнуваат божјата волја и човековата слобода?
продолжува…
од Сестра Макрина, 2012
0 Comments