Тело на маж на околу четириесетгодишна возраст беше пронајдено во средата попладне близу Вардар, во скопско Горно Лисиче. Човекот чиј идентитет се утврдува во Институтот за судска медицина и криминалистика се самоубил скокајќи во цевка за одливна канализација. Неколку дена пред тоа на сличен начин животот си го одзедоа други двајца мажи. Нивните тела беа извадени од бунари. Кои се причините што довеле до самоубиствата не се знае. Полицијата сѐ уште нема податоци за тоа зошто лицата предвреме и по своја волја насилно го завршиле животот, а не знаат ниту во Институтот за судска медицина и криминалистика.
– Кои се причините поради што лицата кренале рака на себе не знаеме. Нам ни останува кога ќе биде донесен трупот само да констатираме дали на него има или нема траги на насилна смрт – истакнува професорот Алексеј Дума, директор на Институтот.
Влијанијата да се посегне по сопствениот живот се и внатрешни и надворешни. Влијае и времето, а влијаат и ѕвездите. Во пролет самоубиствата се најчести, а тоа го покажале многу истражувања.
– Депресијата ја менува фазата во пролет и во есен. Во пролет депресивните луѓе стануваат поактивни и често ги остваруваат своите мисли. Се будат емоциите и тие тешко се справуваат со нив. Многубројните психофизички, физиолошки и хормонални промени се поизразени во овој период од годината. Менталните нарушувања добиваат поголема димензија. Симболички гледано, пролетта е нов почеток. Меѓу март и јуни оние што од разни причини не се задоволни сами од себе се ставаат во ситуација да го истакнат тоа нивно сфаќање – вели психијатарот Мирослав Пендаровски.
Од 140-те самоубиства регистрирани лани, сто се мажи, а четириесет се жени. Најкритично е меѓу 6 и 12 часот, кога според извесни аналитички податоци, педесетина проценти се решаваат да се самоубијат. Тогаш вниманието на средината е насочено кон извршување на секојдневните активности и е згодна можност за лицата со самоубиствени мисли незабележани и без да бидат попречени од некого да „заминат“ од овој свет.
– Постојат голем број причини, сепак ризикот е поголем таму каде што постои ментално нарушување, алкохолизам или зависност од дрога, неизлечлива болест, психичка криза, без оглед дали е предизвикана од загуба на блиска личност, прекинување љубовна врска, губење работа, неуспех во образованието, семејни проблеми, претрпена траума или злоупотреба – додава Пендаровски.
Ако се исклучат оние со психички проблеми, кои често имаат самоубиствени нагони, во многу случаи иницијатор се и ѕвездите.
Според универзитетскиот професор по етика Зоран Крстевски, младата месечина и сончевата револуција не се пресудни да се изврши самоубиство, но се иницијална каписла оти доведувале до вознемиреност и зголемена нервоза, што, според него, можело да го поттикне лицето да си го одземе животот.
– Микрокосмичките промени влијаат врз човекот, но не директно тој да се самоубие. Тие можат да придонесат кон одлуката, но не и да бидат конечни фактори. Впрочем, човекот сам одлучува што ќе прави со себе. При полна месечина, на пример, а тоа е и научно докажано, пациентите во психијатриските установи чувствуваат кризи, стануваат нервозни и депресивни – вели професорот Крстевски.
Социолозите и психолозите како основна причина го посочуваат социјалниот фактор. Велат дека има повеќе луѓе што се презадолжени. Должат во продавница или не платиле сметки, а имаат и по еден или два кредити. Тоа се огромни проблеми. Во една таква ситуација, според нив, човек лесно се одлучува за самоубиство, што е еден од ретките феномени, кој е целосно ослободен од културолошките, вредносните, временските и од старосните граници.
– Самоубиствата ги отсликуваат главно социјалните и економските состојби во државата. Осумдесетина проценти од лицата што се решаваат на ваков чекор се земјоделци и невработени, а преостанатите се оние што работат во индустријата или во услужните дејности. Невработеноста и неможноста да се воспостави нормална комуникација со околината или акутните проблеми, како на пример, презадолженост или проблеми со семејството, создаваат внатрешен конфликт кај личноста што е солидна основа за развој на самоубиствени идеи – вели социологот Кирил Стојановски.
Најмногу самоубиства има меѓу март и јули, а најмалку во декември и во јануари. Повеќето се извршуваат во почетокот, а помалку кон крајот на седмицата. Во одделните истражувања се дошло до сознание дека досега најмногу лица се самоубиле во понеделник и вторник, а најмалку во саботите. Причините за ваквите појави треба да се бараат во метеоролошките услови, во контрастите меѓу зимските релативно ниски температури и екстремно високите летни горештини.
Извор: НОВА МАКЕДОНИЈА