Лоза

Љубовта не е сакање, и обратно


Љубов или омраза?
Љубов…сакање…тенки граници, јасни разлики..
Љубов = љубење.
Сакање = желба или посакување.
Различен е денот од ноќта, будењето од заспивањето, сонцето од месечината, исто така и љубењето е сепак, различно од сакањето. Да сакаш и да посакуваш се дејствија кои што имаат поинаква намена, потекло, употреба, индивидуална и колективна манифестација од љубењето. Сакањето и посакувањето лесно и едноставно, најобично и јасно се дефинираат како желби. На странски, rising desires quite often burns you on a funeral pyre. Од Библија – desires lead to suffering. Страдањето води до искушение. Прелеста обзема и не го прашува кутрото мозоче со колку тоа проценти работи…
Прелест – предаденост кон авто-генерираната илузија која ни повладува на симулакрумот на реалното сознание, а не спознание. Рокада на вистината заменета од вистинитоста.
За телото (односно, за целото) нема дума, носталгично за митскиот ад, преживува обиди за сериски самоубиства. Упорно барајќи со напор трансфериран од нисковибрантни илузии на допишаното врз првобитната табула раса, телото се разградува, распарчува, колку и да е грубо речено – телото се преплетува и најчесто погани со други тела од спротивниот пол, а оние троа пониско вибрантни битија кои што веќе го губат епитетот човечки, горат бетер од во пекол со истиот пол. Бетер или better, секој си знае за себе, оти сам се убива уште од бебе. Мантрата е бледа и невешта, за тантра нема ни збор, па кој тоа наместо да создава бебе убива друг, а и себе? Што бидна со надградувањето? Еден огромен прашалник би следувал ако се сетам на гуштерите, опашките, па го споменам регенерирањето.
Дали си моја љубов или сум полн со омраза прошепоти и бардот Вртев.
И повторно за љубовта…  Загадочната форма на зборот љубов е само навидум затскриена во семантичката објава на коренот loba, која во една слободна трансфигурирана метатеза се преобјавува во обла, што значи сферична, заокружена, оцеловена (отеловена),следствено на претходната премиса збор, loba – лобања. А во лобањата есенцијата на рациотоумот, Ра – зумот.

 ЗаУмна сило, води ме разумно!

Нуркањето во мирни води, како што едно мило и драго суштество милува да ја дефинира состојбата на перцепирањето со едното око, може да се случува и кога не сме нурнати во некоја река, езеро или море (за белото, црното, јонското и неколку други мориња, во наредна прилика). Состојбата на свест која што за двете очи преку мултиплицираноста на анимусот наликува на игнорирање (веќе ви реков дека игнорирањето не е благослов) и изолирање од таканаречената реалност (во дејствие совршен симулакрум на лукаво исплетена мрежа од погоре споменатите нисковибрантни илузии – со седум или девет превези/сенки, како милувате) сепак може да се материјализира преку/во:
– привидни и проѕирни случајности, коинциденции (за ова веројатно подолу, или пак во друга прилика – при лик, со друг лик, на друг лист бел канал отворен цел – бидејќи и coincidence доаѓа од co incide, што значи две нешта на исто место по претходно определена причина, etc…)
– средби со луѓе на кои што сме се сетиле пред миг, на кои што само што сме помислиле
– враќање на некои емотивни состојби (денес пречесто предизвикани преку т.н.астрални/ментални/разни и безобразни напади од многу несвесни и ретки и те како свесни  “човечки” битија)
– за останатите случајности, во некоја друга прилика…
Додека огромниот дел од заоблената лејка која што ја движи костур на кој што има налепено уште што ли не – за кое што ние и те како НЕ сме свесни – се дума што тоа биднало, бидува и ќе биде во времето и просторот, целото тоа множество наречено организам, дефинирано како човек (целите сме вода) често се дави во матни води каде што живеат суштества кои што се навикнати на темнината. Оти така е редот. Пливање во тиња за морска свиња, а бел делфин го води оној кој што оганот го раководи и кога има плин, та за останатите давеници не е фин.
Во безброј стихови младите во душа и старите по прелест автори нè потсетуваат за идеалното совршенство на надополнување помеѓу двете спротивности, машкото и женското. Зборови од различни епохи и денес одекнуваат со моќ поголема на она секојдневното, навидум постојаното. Напишани од човечка рака, а кажани од Бог знае кој, врежани се во колективната меморија од дамнина. Бидејќи времето е постојано и си е тука, (ние немаме поим како тоа сепак се врти, и колкав е просторот на ноќното небо), потсетувајќи не на времињата кога истото небо било поблизу, а љубовта различна од сакање, (оти сето горе не е линеарно а спираловидно -па затоа веќе се почесто случувањата се ко-креирано déjà vu), кон себеси враќање, тие зборови на знајни и незнајни љубовници, за нивните тајни состаноци, како тоа секој од нив со неа биле цели, а заборавиле (или намерно се оставиле во вителот на илузијата) изгорени од пламенот на вечниот оган остануваат во шаблонот, како импринт канализиран од чистото, машко-женско (на/не)дополнување.
Мажот прво  ја зеде жената за другар, а потоа ја нарече моја. Така таа остана негова.  Токму вака, деструктивноста, за да е појасно – силата на разрушување, води до нови  бескрајни и жестоки разрушувања. Чувството моја, мое, мој  се предало на сите луѓе по целата планета и ги обзело, та сакале многу нешта да ги имаат за свои, да ги одделат од сето и да ги обликуваат по нивно, за на крај друг да треба да им нацрта што всушност биднало, оти на крај навистина љубовта е потполно лажна, таа медот го цеди а восокот го остава башка, да се пее за неа е како пресечена опашка. Опашките на гуштерчињата и нивните повозрасни роднини не сечете ги. Оти, пак ќе пораснат. Тоа веќе не е гореспоменатото надградување, овде станува збор и се случува дејство на регенерирање. Што ли ви погрешил гуштерот што само сака на карпа да се пече, та опашка да му сечете? Таа повторно ќе порасне, дали од генерираното од оној/онаа што ја отсекол или од причина за која што немаме ум да разбереме, незнаеме. Тешко е и да објасниме.
Оти, никој не ја прашал жената на кого да припаѓа.
Љубовта е взаемна, а штом нема взаемна љубов меѓу мажот и жената, значи тоа не е тоа. Тоа е среден род, што слободно насочува кон едното, средното, медното, и те како НЕбедното и чисто НеБесно, што е отсликување на Целото, односно пак Едното – за секој сам свој враг – телото.
Колку си убава, моја возљубена, Колку си прекрасна! Имаш очи како гулабица, под твојот превез; косата ти е како стадо кози, што слегуваат од гората Галад. 

(од Песна над Песните)

Ова и го кажал, ко што ни кажале, а и напишал премудриот Соломон на Кралицата од Оазата на Шиба, Себа. После неа, царството му отишло по ѓаволите (по нашки – го е*а, се зае*а). Кога пристигнала во дворецот на синот Давидов, минала преку патека која што била стакло врз вода, царско огледало за отсликување на вистинската природа на секој кој што влегувал во домот. Соломон ја чекал кралицата со титула Македа од другата страна на водата. Кога стапнала врз огледалото на царот, се одразила вистинската природа на Македа, нозете и биле влакнести, ко на дива коза. Такви кози има ретко во светот. Има во Етиопија, Македонија, итн. Сонцето ја пречекало Месечината.
Откако му заминала Возљубената од Песната на Песните, до тогаш премудриот Соломон зел 700 жени и 300 конкубини за да ја ублажи тагата. И сè тргнало наопаку. Царот веќе не е најмудриот, кралицата се враќа во оазата со единствениот им син, а приказната продолжува, а многумина несреќно си живееле.
Оти, ако љубовта е надополнување, каков ли тоа сад се полни – и со што? Ако љубовта е живата вода, нектарот на боговите, петрихорот после дождот, во каков ли тоа сад треба да се чува? Дали е телото садот, та се полни преку лукави преплети со друго тело? Или пак органот што работи со најмал % од сите – мозокот? Или пак чувствата, хм? Чувството дека откако телата ќе се преплетат, егата ќе се задловолат а различните, за пред другите – несвесни, ненамерни критериуми се задоволени, дал тоа е пополнување на садот од нектарот? Дали привидното одложувачко лажно и привремено победување на смртта, манифестирано преку излив на течности од истото тоа преплетено тело е оружје за напад или за одбрана? Двајца во едно, или и двајцата со сè и сешто видливо и невидливо (околу и на нив) прават ѓурултии за од лошото да е полошо, та место победа на крај резултатот е беда. Победни победници, двајца љубовници кои што го осквернавиле од кај своето тело па и она што во секој во нас тлее за враќање кон едното, кон целото. Кон на небо селото, вечното ловиште, заедницата на предците, каде што бело е сè, а црното не е мрак, таму друг пишува со сончев зрак, сила небесна заборавена од бес…

Црвената е боја на љубовта, велат. Црвеното е долу, боја на првото, земното, несвесното. Темно црвено накај црно, ко пепел од рози…во пламен. Можеби затоа Етиопските кралици имале титула Македа; мак = афион, та од афион дадена, ко катран црна, кралица на сласта, мајка на првиот раста, Етиопска поглаварка олицетворена во Месечината, на тен темна – победничка бедна.
Штом ни недостига делче, та макар и малечко парче, и тоа го наоѓаме отелотворено во нечие тело, зар не признаваме пред сами себе дека сме отсечени од примарното, основното – она што е едно, а цело? Така, ги отвораме портите за нови длабочини во свеста бледа, и оставаме простор друг да решава со што тоа се полни заоблената глава полна со крв врела. Бидејќи, штом бараме дел од себе надвор, значи празни сме внатре. Не си го познаваме садот, па така забораваме и на нектарот.  А внатре, лик и облик, ѕвездена прашина. Машина која што со Целото наеднаш се врти, оти од кај сама по себе едно е, така со сето околу исто е, та заедно цело се. Унија од повеќе множества со сличен состав но сепак различна големина. Садот кој што се полни не е телото, ни пак мозокот, туку душата. Уште да умеевме да ја слушаме својата душа, па секој материјален пад да нè научи дека горе е така како што е долу, а внатре како и надвор, дека навистина нешто свето е насекаде и под и над, дека ова и не е ад!
– продолжува…

Newsletter
Sign up for our Newsletter
No spam, notifications only about new products, updates and freebies.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *